Достапни линкови

Виница пет дена ќе ги чествува хуморот и сатирата


Macedonia - Cartoon from manifestacion In VInica Veritas. Author Miroslav Jarenchek - N/A
Macedonia - Cartoon from manifestacion In VInica Veritas. Author Miroslav Jarenchek - N/A

Со прикажување на „Отворач за конзерви“ на Народниот театар од Штип, в понеделник, свечено ќе биде отворен четвртиот возобновен Меѓународен фестивал на хумор и сатира ИН ВИНИЦА ВЕРИТАС. До 19 октомври, во рамките на петдневната манифестација, е планирано да се одржат уште неколку претстави на ансамбли од земјава и соседна Бугарија, театарски работилници и да се одржи изложбата на карикатури на авторите кои учествуваа на конкурсот чија тема беше „Вино, љубов и антика“.

Виница во неделава што следува веројатно „ќе пукне од смеа“. Во градот, од 15 до 19 октомври, ќе се случува четвртиот возобновен Меѓународен фестивал на хумор и сатира ИН ВИНИЦА ВЕРИТАС кој своите почетоци ги имаше на изгревот од 90-те години на минатиот век. Во рамките на ова издание на манифестацијата е планирано да бидат прикажани претставите „Отворач за конзерви“ на Народниот театар од Штип, „Грешката е да си жив“ на Народното читалиште „Пенко Славејков“ од Трјавна, соседна Бугарија, „Ајде да си речиме уште една“ на Охридскиот театар, „Ах љубов моја“ на Театар „Комедија“, „Аморика“ на Факултетот за драмски уметности и стендап-кабарето на актерката Весна Петрушевска.
Целта ни е преку овој Фестивал граѓаните на Виница и пошироко на овој Источен регион малку да се изнасмеат. Во тие пет дена да заборават на сите грижи кои ги носи модерното живеење и преку еден ваков комплексен проект да се имплементираат сите сегменти на хуморот и сатирата.
Славчо Данев, директор на Домот на култура „Тошо Арсов“.

„Целта ни е преку овој Фестивал граѓаните на Виница и пошироко на овој Источен регион малку да се изнасмеат. Во тие пет дена да заборават на сите грижи кои ги носи модерното живеење и преку еден ваков комплексен проект да се имплементираат сите сегменти на хуморот и сатирата“, вели Славчо Данев, директор на Домот на култура „Тошо Арсов“ и еден од организаторите на ова случување.

Тој дополнува дека ќе се има и театарски работилници, ќе биде сторена и промоцијата на книгата на афоризми на авторот Веселин Жидаров, ќе се одржи изложбата на карикатури од Домот на хуморот во Габрово, соседна Бугарија, а како посебност го издвојува соопштувањето наградените автори и претставувањето на делата на годинешниот конкурс кој и овојпат беше распишан на тема „Вино, љубов и антика“.
Предвид ја имавме платежната моќ на граѓаните и сепак целта ни е од оној буџет што го планиравме за овој фестивал да можеме да им овозможиме на луѓето за една релативно скромна цена да уживаат во претставите.
Славчо Данев, директор на Домот на култура „Тошо Арсов“.

„Ние секоја година претходно ја менувавме темата на конкурсот, но овојпат одлучивме традиционално да остане таа затоа што Виница е винарски крај, љубовта како општо нешто што отсекогаш постои и антиката во смисла на античкото наследство на градот. За таа цел на авторите им пративме и пропратни материјали за да се запознаат со културното наследство на градот Виница, познат по теракотните икони и Виничкото кале, и сето тоа тие успешно го поврзаа.“

Веќе се познати и победниците на овој конкурс за кој имало најмногу пријавени автори досега, па така овојпат наградите ќе одат во рацете на Александар Платник од Србија, Валентин Ѓорѓиев од Бугарија и Мирослав Јеренчек од Хрватска.

Влезниците за следење на претставите ќе бидат со популарна цена од само 60 денари, а за ова Данев со објаснување:

„Предвид ја имавме платежната моќ на граѓаните и сепак целта ни е од оној буџет што го планиравме за овој фестивал да можеме да им овозможиме на луѓето за една релативно скромна цена да уживаат во претставите.“

Кон ова само уште информацијата дека ИН ВИНИЦА ВЕРИТАС, заедно со успешно реализираниот летен фестивал СЛОБОДНА ЗОНА влегува во редот на манифестациите кои ја крепат идејата за децентрализација на културата во Република Македонија.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG