Достапни линкови

Пренџова - Не се плашам од етикети


Пренџова - Не се плашам од етикети
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:15 0:00

Пренџова - Не се плашам од етикети

Не се плашам од етикетизација. Тоа е составен дел од животот. Со самиот факт да бидете жена и да имате 30 години и да не бидете во брак, тоа е веќе одредено етикетирање. Со самото тоа што како жена ќе се вратите дома сама, пешки, после полноќ - и тоа е етикетирање. Такво е општеството. Луѓето не треба да се занимаваат околу тоа кој тоа како, што ќе каже, оти среќата си ја градиме самите, а не кажувањата на другите, вели поетесата Елена Пренџова во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Елена Пренџова е млада, талентирана и силна жена. Професорка по англиски јазик и книжевност и магистер по филолошки науки. Уредничка на книжевното списание „Современост“. Пионерка во организацијата на слем-настани кај нас и во регионот, и над сè - поетеса.

Кога Елена Пренџова би фрлила поглед врз изминатава декада, што би видела зад себе – дузина поетски објави и безмалку уште толку значајни награди. Го живее ли поетесата својот творечки сон или твори затоа што, како што самата во една прилика ќе рече, „поезијата ја смета за најважната споредна историја на човештвото“?

Сметам дека книжевноста е исто онолку веродостојна за времето во кое е создадена, односно да создаде слика за времето во коешто е создадена исто онака како историјата. Меѓутоа го покажува тоа од еден поинаков аспект. Историјата пишува за војните, за општествените случувања, за социјалните придвижувања, а книжевноста, вклучувајќи ја тука и поезијата, пишува за онаа замолчена историја на обичниот народ. Особено на жените. Е, сега, дали јас го живеам својот творечки сон? Јас немам творечки сон. Барем не во смисла на она што другите го мислат кога ќе го кажат тоа. Јас едноставно творам и мислам на делото како творба, а потоа сè што се случува со него како објавено дело, со мене како негова авторка, тоа се само последици со кои јас морам да се научам да се носам со нив. Кога јас размислувам за поезијата и за творештвото, мислам само на песните и на делата. И дали тоа што во моментот ќе произлезе од мене е најдоброто што сум го можела во тој миг. Само на тоа. Понатаму времето, критиката и публиката си го кажуваат своето. Ако поезијата отсекогаш цврсто си го држи своето место во општеството, каква е нејзината позиција овде и сега – во оваа наша Македонија? Во времево на изместени вредности и повеќе од изместени критериуми за валоризација на трудот, разно-разни поделби и кавги на сите нивоа. Поезијата отсекогаш била привилегија на елитата. Значи, пред сè била привилегија на оние коишто биле писмени, зборувам историски гледано, па потоа била привилегија на елитата. Денес поезијата не е елитизирана и тоа ме радува. Денес е достапна до сите оние коишто сакаат да ја конзумираат, меѓутоа јас си го поставувам прашањето колку процентуално од целата читателска публика сака да чита поезија. Тоа секако не е 90 проценти. Еднаш ми го поставија прашањето дали верувам дека поезијата може да го смени светот. Да, може, ама доколку ја читаат. Ако не ја читаат, нема да има медиум за да може да ја апсорбираат. Тоа се обидувам да го направам и со слемот. Не да измислам нов жанр, туку да преземам еден поетски жанр и да го направам достапен на публиката, меѓутоа на аудитивната публика. Не на читателската публика, затоа што верувам дека доколку и сервираме на публика аудитивна поезија, потоа таа публика станува потенцијална читателска публика. Така што, кога говорам за ова време, јас мислам глобално. Не мислам на овде и сега. Не мислам на централизирано Скопје, не мислам на Македонија, ниту на Балканот, туку зборувам за целата земјина топка. Дека ние не живееме во време кое е благонаклонето кон поезијата. Луѓето треба да јадат, да се облекуваат и треба да плаќаат сметки. Егзистенцијалното прашање е најосновно и најбитно. Кога сите тие работи ќе ги средиме во животот на луѓето, тогаш ќе можеме да им понудиме поезија. Не можеме ние да им нудиме поезија на гладните деца во Африка. Ним треба да им дадеме храна. Е, тогаш кога ќе им дадеме храна и работа, тогаш ќе можеме да им нудиме поезија. Историски гледано, знаеме дека кога бил зародишот на демократијата и тогаш демократијата не била во вистинската смисла на зборот. Сепак, народот немал право на глас. Робовите и жените немале право на глас. Значи, народот бил мажите. А, таа едностраност не е демократија. Демократијата е хетерогена. Не е хомогена. Денес ни се случува тоа. Денес живееме во свет на луѓе коишто бараат работа и луѓе коишто даваат работа. Кога тие работи помеѓу нив, односите меѓу нив ќе се избалансираат на едно хумано ниво, хуманистичко ниво, тогаш можеме да говориме за едно општество во коешто поезијата ќе биде на пиедесталот.

Каде во таквите услови на битисање е местото на младата поезија? Колку младите поети со својата реч можат да влијаат на општествените промени?

Јас сметам дека можат да влијаат. Тие автори и авторки коишто се решаваат да пишуваат општествено-ангажирана поезија би извршиле самоубиство доколку би верувале дека нивната поезија не би довела до некакви промени. Основното мора да биде тоа. Доколку некои пишуваат општествено-ангажирана поезија, тогаш мора да се надеваат на некакви промени. Промените се случуваат глобално, меѓутоа единките се оние коишто ги поттикнуваат и коишто ги вршат. Некогаш полесно, некогаш потешко, некогаш безуспешно, другпат успешно, меѓутоа мора да тргнеме кон вербата дека правиме нешто кое би довело до промена. Мене ми се случи тоа пред неколку години на прилепскиот слем натпревар. Читав една песна за жената. Се викаше „За историјата на женската фигура“ и таму го покренував прашањето на жената како општествено битие. Песната им се допадна на едни тинејџерки. Јас им ја дадов. И не мислите дека е тоа промена? Значи, тие девојчиња сега имаат некое четиво коешто ќе им даде некаков поинаков светоглед од она на што тие претходно биле научени. Јас искрено се надевам дека тоа им е отскочна штица врз која тие понатаму ќе се развиваат како општествено освестени жени. Значи, некое мало, навидум безначајно стихче или зборче, ставено во песната, може да изврши многу промени. Меѓутоа, повторно ќе кажам, треба да биде тоа достапно. Оти ако никој не ја чита песната, таа не може да донесе промена. Треба да се најде медиумот за таа да дојде до читателската и до аудитивната публика. Е, сега, конкретно во ова современо време во коешто ние живееме, ерата на компјутеризацијата, дел од младите поети, велам младите затоа што пред сè тие се оние коишто ги користат социјалните мрежи и компјутерски интернет канали, често знаат и да завлезат во замка. Со самото тоа што тие пишуваат нешто и можат веднаш да го споделат јавно, мислат дека градат некое општествено мислење и дека стануваат поети. Меѓутоа не сметам дека сите кои буквално сè „шлапаат“ на Фејбук и по социјалните мрежи треба да биде именувано како книжевност, како поезија. Затоа што убаво е кога книжевноста како уметност се надоградува и еволуира, што подразбира дека компјутеризацијата влијае на книжевноста, но велам сè што се постира на ФБ и на Твитер не треба да се нарече поезија. Напротив.

Неодамна на социјалните мрежи побаравте поддршка од читателите и од колегите за публикување на својата нова книга. Малку необичен начин за некој кој зад себе има таква биографија и може да се смета за талентиран, докажан автор. Дотаму ли стигна работата?

Тоа ќе биде мини збирка научно-популарни есеи. Мои размисли во врска со поезијата и во врска со поетските случувања и поезијата како феномен на оваа поетска сцена на која што припаѓам и јас, па малку и пошироко. Значи нема да биде теоретски, повеќе ќе биде практично наклонета – моите согледби од личното досегашно поетско искуство. Постапката да ја реализирам идејата вака како што ја реализирав ми дојде од уметникот Матеј Богдановски, којшто го издаде својот стрип на овој начин. Јас му се обратив нему, го прашав како успеа тој да го спроведе тоа и потоа само ги следев неговите стапки. Така што, сега кога вие велите дека една авторка со не знам колку книги дојде до тоа дереџе на тој начин да собира средства, јас би го преформулирала, би го погледнала од спротивната страна. Баш за тоа дека станува збор за една авторка со таков поетски багаж. Благодарејќи на тоа јас полека успевам да ги соберам средствата. Сите тие коишто платиле и за тоа ќе ја добијат книгата, веруваат во квалитетот на невидено. Секако тука доаѓа и оној аспект на поддршка и помош. На почетокот ме прашуваа: Еј, па зошто не конкурираш во Министерството за култура. Јас сум конкурирала во Министерството со други книги и тоа поддржувало дел од моите книги. Не е тоа спорно. Плус и повеќето награди што сум ги добивала биле национални награди коишто индиректно, преку општествените установи, биле финансирани од државата. Не треба Министерството за култура да биде единствен извор на средства за создавање уметност. Треба да биде можеби најголемиот, но не и единствен. Треба да постојат и други начини и други луѓе и институции коишто ќе ја поддржуваат уметноста. Преку поддржувањето на уметноста, тие секако ќе ги поддржуваат и уметниците.

Со колешката Оливера Доцевска сте потпишани како приредувачи на Антологијата на женското писмо во Македонија во последниве 10 години насловена како „Ова е моето последно молчење“ чиј издавач е Антолог. Насловот е преземен од пиетет кон поетесата Даница Ручигај и чинам идеално се совпаѓа со вашите заложби – да се биде гласен во времево на молчење. Вие сега понудивте општествено читање на насловот на Антологијата.

Драго ми е што, првенствено со насловот, а потоа и со целата книга, ќе понудиме различни читања и толкувања што значи дека таа не е еднострана, туку вредна и отворена за инакви читања. Меѓутоа, ние кога го одбравме насловот имавме нешто сосема друго на ум. Целта ни беше да ги собереме на едно место сите имиња, на сите оние авторки коишто континуирано творат на современ македонски јазик во последниве неколку години, не со цел за да ги селектираме по некакви си критериуми, не знам, на најдобра поезија, на некои тематски одредници, критериуми на форма на песна и слично, туку спротивно на тоа за да ги инкорпорираме за да покажеме на македонските читатели и читателки дека и покрај тоа што официјално жените авторки не се застапени многу на официјалните читања и поетски манифестации, сепак постојат на книжевната сцена. „Ова е моето последно молчење“ е стих од една песна од авторката, поетесата Даница Ручигај којашто, според мене, претставува една од првичните женски писма во македонската книжевна традиција. Притоа, многу подоцна од нејзината смрт и од објавувањето на нејзините песни, се појавува првото феминистичко читање на нејзините песни и првото феминистичко толкување од причина што на почетокот првите толкувачи биле мажи автори и феминистичката книжевна теорија во Македонија не зела замав. Не била огласена овде кај нас.

Како поетеса, авторка, уметничка, сопствените ставови ги искажувате и на настапите во рамките на „Карванот на слободата“. Како се најдовте таму? Зарем не се плашите од последиците? Од тоа дека оние кои не мислат како Вас ќе ве обележат? Ќе се обидат да ви го стивнат зборот, заробат мислата?

Се најдов таму по покана. Позната сум по тоа што јас скоро никогаш не одбивам покани за настап. Прво од колегијални, човечки причини, пријателски. Нели некој ве кани и убаво е да ја прифатите поканата наместо да ја одбиете. Не се плашам од етикетизација. Тоа е составен дел од животот. Со самиот факт да бидете жена и да имате 30 години и да не бидете во брак, тоа е веќе одредено етикетирање. Со самото тоа што како жена ќе се вратите дома сама, пешки, после полноќ - и тоа е етикетирање. Такво е општеството. Мислам дека јавните личности и не само јавните, не треба да се занимаваат околу тоа кој тоа како, што ќе каже, оти среќата си ја градиме самите, а не кажувањата на другите. Е, сега, проблемот со таа етикетизација и со ова прашање во овој контекст е целата политизација и партизација на општеството во коешто сега ние живееме и на коешто ние сите сме жртви. Сметам дека одењето на протести, контрапротести веќе почна да се сведува како одење на обезглавување или спалување на вештерки во средниот век. Значи, едноставно тоа е толку масовно посетено што мислам дека веќе и се губи целата таа идеологија и причина зошто некој е отиден да го каже како свој глас, како свое размислување. Од друга страна, не сметам дека уметниците треба да се занимаваат со тоа од каде доаѓаат средствата и од каде доаѓаат можностите, за уметникот си го направи своето дело. Во нашиот медиум, во мојот медиум, мене ми се дава сцена и јас треба да си ја кажам својата песна. Својот став. Затоа не мислам дека треба многу да се заморувам со тоа кој, каде, како и од што го прави тоа и да се прашувам дали да одам за да настапувам или не. Едноставно, тоа е можност да ја претставам својата поезија, а тоа е и можност на другите да се запознаат со моите размисли и пораки. И не само со тоа, туку и со поезијата како уметнички концепт.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG