Афродита Николова, Исток Улчар, Игор Трпче, Перо Сарџоски и Елена Пренџова се македонските слемери кои оваа сабота ќе земат учество на пријателското слем читање, кое насловено како „Вечер на отворен микрофон“ е планирано да се одржи во културниот центар „Инекс филм“ во Белград.
Нас нè радува што ќе одиме да се претставиме во Белград затоа што Србите ја негуваат таа слем сцена нешто подолго од нас, така што ова го поимаме како еден вид школо.Елена Пренџова, слемерка.
Тие ќе настапат заедно со неколкумина веќе афирмирани слемери од Србија, меѓу кои Милан Мијатовиќ, Ана Митрашиновиќ, Ѓорѓе Ѓорѓевиќ и Иван Новаковиќ, и ова е практично првото организирано претставување на македонската слем поезија надвор од границите на нашата земја.
Сметам дека станува збор за едно навистина убаво другарување и за една соработка која има смисла и во размената на размислување и на некои тенденции во пишувањето и посебно при настапот, со оглед на тоа дека се работи за слем поезија.Катарина Фијаменго, организатор на „Вечер на отворен микрофон“ во Белград.
Елена Пренџова вели дека идејата за овој настап потекнува од Катарина Фиаменго, која на два пати гостувала на слем натпреварот во Прилеп и која потоа ги поврзала со луѓето кои активно се бават со пишување и говорење слем поезија во соседна Србија.
„Нас нè радува што ќе одиме да се претставиме во Белград затоа што Србите ја негуваат таа слем сцена нешто подолго од нас, така што ова го поимаме како еден вид школо за да видиме како и во која насока се упатуваат слемерите со кои што сме опкружени, а припаѓаат на некои други јазични подрачја“, вели Пренџова.
Таа дополнува дека ним посебно им е драго што настапуваат во „Инекс филм“ затоа што се работи за културен центар кој што функционира сосема алтернативно, што впрочем и се поврзува со начинот на промовирање на слем културата која на површина ја изнесува т.н „андерграунд книжевна сцена“ и на тој начин случува еднонасочно поклопување на уметностите.
„Значајно е и тоа што одиме во еден таков Центар затоа што ние во Македонија сè уште немаме некое такво сврталиште коешто работи на невладина и доброволна база. Особено што чии простории се наоѓаат во напуштена пренаменета зграда“, вели Пренџова.
Катарина Фијаменго, пак, говорејќи за зачетокот на соработката вели дека иницијацијата потекнува од нејзиното сознание дека во Македонија се организираат неколку вакви книжевни случувања во повеќе различни градови. Таа појаснува дека кај нив во Белград има неколку здруженија на писатели кои организираат вакви слем говорења, но дека еве по прв пат се решиле да ги отворат портите за македонските слемери и затоа, како што потенцира, искрено и се радува на престојната средба.
„Сметам дека станува збор за едно навистина убаво другарување и за една соработка која има смисла и во размената на размислување и на некои тенденции во пишувањето и посебно при настапот, со оглед на тоа дека се работи за слем поезија. Тоа е сепак специфичен вид на поезија која не се сведува само на пишување туку и на поинаков начин на нејзино претставување пред присутната публика“, вели Фијаменго.
Кон ова само уште информацијата дека по овој прв настап во регионални рамки, македонските слемери се надеваат дека во перспектива би оствариле и поширока слемерска комуникација за која што со сите сили би се заложиле да ја одржуваат континуирано независно на чиј простор таа би се случувала.
„Ние одиме таму на нивна покана. Ова значи дека нашата колешка Катарина Фијаменго дошла кај нас и видела дека ова што го правиме во Прилеп е добро и според неа вредно да се претстави и надвор од земјава. Се надевам дека и останатите кои што би не виделе како настапуваме би го делеле нејзиното мислење дека ете би требало да се чуеме и подалеку од просторите на нашето говорно подрачје“, ќе рече Пренџова.