Александра Атанасова, Андријана Коровешовска, Алберт Џеладини, Воислав Пехчевски, Исток Улчар, Јона Незири, Лиридона Кучи... се само некои од дваесеттината натпреварувачи што ќе земат учество на престојниот слем натпревар што ќе се одржи оваа сабота во клубот „Ода“ при Културниот дом во Тетово, градот во кој во 2011 година по прв пат во нашава земја беше промовиран еден ваков начин на интерпретирање на поезијата и на новите вредности.
Политиката настрана. Ние сите сме луѓе заинтересирани за убавиот збор. Ние сите имаме да си кажеме нешто човечко меѓу нас. И токму затоа ова е фантастичен момент и прекрасна платформа каде што сите заеднички ќе можеме да настапиме без разлика на јазикот на кој твориме.Перо Сарџоски, поет.
Потписник на ова случување е Поетри слем Македонија, чиј тим во случајов го сочинуваат Игор Трпчески, Елена Пренџова, Горан Јованов и Перо Сарџоски, постојаниот соработник во организацијата на овој тип културни настани во Тетово.
Сарџоски, во пресрет на случувањето, забележува дека во неговиот град овојпат успеале да спојат една група на млади луѓе од повеќе националности кои пишуваат на македонски и албански јазик и која со моќта на зборот успеваат да им се спротивстават на реалните предрасуди во нашето секојдневно живеење во нашево општество.
„Политиката настрана. Ние сите сме луѓе заинтересирани за убавиот збор. Ние сите имаме да си кажеме нешто човечко меѓу нас. И токму затоа ова е фантастичен момент и прекрасна платформа каде што сите заеднички ќе можеме да настапиме без разлика на јазикот на кој твориме. Поезијата, впрочем, не познава јазик и колку притоа да сте различни во јазиците пораката е иста а тоа е дека сите ние пред сме луѓе и дека тоа се тие вредности кои што треба да ги негуваме.“
Потребно е што почесто да се одржуваат вакви настани за да им се даде до знаење на луѓето дека и едните и другите и третите паралелно се развиваат, но дека понекогаш треба да се оствари една ваква комуникација и заеднички да се настапи пред публиката.Елена Пренџова, поет.
Тој дополнува дека Тетово е град во кој што живеат многу националности, но дека и покрај тоа што се работи на добрососедските односи и што сите живеат едни со други, сепак не постојат многу формални културни настани кои што ги спојуваат луѓето.
Не постојат многу формални културни или некои други настани кои што ги спојуваат луѓето. Или барем се многу ретки. Мислам дека ова е одличен пробив во таа насока и мислам дека ќе инспирира многу млади, пред сè, луѓе да се фокусираат на вакви соработки во иднина.“
Елена Пренџова, пак, појаснува дека токму поради предрасудите едни кон други, ние практично многу наназад и не успеваме да оствариме поцврста културна комуникација иако де-факто творештвото и потребата за негово претставување е заедничката реалност која излегува на виделина токму на настаните од овој тип.
„Потребно е што почесто да се одржуваат вакви настани за да им се даде до знаење на луѓето дека и едните и другите и третите паралелно се развиваат, но дека понекогаш треба да се оствари една ваква комуникација и заеднички да се настапи пред публиката. А, не треба да се заборави и тоа дека првиот слем настан се одржа пред пет години токму во Тетово и беше резултат на една работилница организирана од невладина организација чија цел беше интеракцијата меѓу различните култури во една земја.“
Таа дополнува дека очекуваат натпреварувачи не само од Тетово и Скопје, туку и од Прилеп, Битола, Радовиш и Берово и дека е обезбеден превод на обата јазика. Вообичаено по првиот круг специфично говорење на поезијата ќе бидат одбрани трите победници, а потем традиционално онолку колку што дозволува времето ќе следува и отворениот микрофон.
„Овојпат новината е во тоа што ќе бидат наново собрани рецитираните текстови кои потем ќе бидат ставени во Зборник, но во случајов наместо да ги печатиме во книга ќе бидат прикачени на нашата интернет страница со што ќе бидат достапни за поширокиот круг на читатели. “
Инаку со престојниот слем натпреварот започнува и новата сезона на овој тип поетски настани во Република Македонија. По Тетово, веќе е закажан мартовскиот слем во Кавадарци, потем следува оној во април во Битола и конечно мајскиот кој традиционално се организира во Прилеп.