Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст- Струмица“ својот засилен февруарски поетски поход го започнува оваа среда, во клубот„Селект“, со единаесеттите по ред „Роднокрајни поетски средби“. Станува збор за поетска манифестација којашто редовно се одржува во последниве две години на различни локации во градот и воопшто во струмичко и чија основна цел е да ги промовира домашните автори во еден сосема поинаков, уникатен и неформален начин, со помош на интеракција и слободен пристап.
Нејзините организатори од самиот почеток на случувањето инсистираат на тоа дека секој што пишува или има што да каже може да биде дел од овие средби. Тие потенцираат дека да се биде отворен кон сите нови форми на интерпретација е од широка важност затоа што со зголемувањето на бројот на учесниците, всушност, се создава и поширокогледа платформа.
„Роднокрајни поетски средби“ досега биле домаќини на повеќе од 50 локални автори и 10-тина етаблирани поети од Македонија и од странство, а настанот има за цел не само да ги зближи овие млади творци, туку и да креира јадро за нивно запознавање, презентација и промоција.
„Во претстојниве десет нови изданија од „Роднокрајни поетски средби“ планираме да ги задржиме сите оние аспекти кои претходно ги имавме, односно промоција на МЦ на хип-хоп, на слободен стил на изразување, на слем поезија, но исто така ќе се обидеме во близина да ни бидат и сите оние постари автентични автори од Струмица. Така што во претстојнава година, во овој нов циклус, се надеваме дека ќе бидеме домаќини не само на струмичките роднокрајни творци туку и на поети и автори од целата држава“, вели Митко Гогов.
Тој дополнува дека освен тоа што со здружението „Контекст – Струмица“ работат на он-лајн стихозбирки во којшто се застапени огромен број на поети од државата и на тематски објави за одредени меѓународни денови кои се значајни за нашето општество, во последно време се фокусирани и на зборникот, односно на алманахот во којшто ќе бидат застапени сите оние творци коишто зеле учество во првите 10 изданија на „Роднокрајните поетски средби“.
Вмрежувањето на самите автори меѓу себе е голем предизвик затоа што е тешко да ги препознаеш различните вкусови, стилови и техники на пишување. Со помош на „Роднокрајните поетски средби“ го доближуваме роднокрајното авторско перо меѓусебно и помагаме самите творци взаемно да се спознаваат и да се надградуваат.
Од друга страна, походот продолжува со промоцијата на зборникот и поетското читање на дел од застапените поети на шестото издание на манифестацијата „100 илјади поети за промена“ што е плнирано да се случи на 15 февруари, во 20 часот, во Младински културен центар во Скопје.
Инаку, од 220 автори кои одговорија на повикот и беа вклучени во конкурсот, во Зборникот по претходна селекција се застапени 60 творци, меѓу кои Звонко Таневски, Марина Мијаковска, Стефан Марковски, Михајло Свидерски, Драгана Ефтимова, Исток Улчар, Моника Стојановска, Гаврило Миловановиќ, Биљана Стојановска, Стевчо Стефанов, Славица П. Диневска, Мартин Богатиновски, Славица Гаџова Свидерска, Д.А. Лори, Јовица Ивановски, Горана Митровиќ, Тихомир Јанчовски, Николина Андова Шопова, Ѓоко Здравески, Ана Голејшка, Иван Шопов, Викторија Мирческа, Андреј Ал-Асади, Мануела Златкова и други.
Поетите кои се дел од ова движење најчесто како теми за своја инспирација ги земааат проблемите поврзани со општествениот и социјалниот живот, мирот, заштитата на природната околина, глобалното затоплување, ранливите социјални групи и сл.
Затоа организаторите на„100 илјади поети за промена“ знаат да кажат дека преку овие читања може да се согледа дали поезијата е доволно моќна да иницира позитивни промени, промени во начинот на размислување, во односите меѓу луѓето.
„100 Илјади поети за промена“ е глобално движење кое има за цел да биде мост помеѓу авторите од светот и да ја пренесе онаа основна дефиниција или порака до сите жители на планетата Земја. Да каже дека поезијата е моќна алатка во рацете на творците и дека пораките коишто можат да се пренесат со помош на поезијата а се поврзани со глобалните проблеми што не опкружуваат се одличен момент, убава можност, самите автори да проговорат со силината на своето творештво, за се она што ги опкружува а на некој начин ги поместува од нивната оска на живеење“, потенцира Гогов.
Поетот во името на своите колеги ќе рече дека тие не сакаат повеќе војни, геноцид, човечки страдања туку дека се залагаат за толеранција, разбирање, прифаќање на различностите и конечно повеќе љубов, разбирање и прифаќање на луѓето такви какви што се.
Инаку, ова е втор пат „100 илјади поети за промена“ да се случува во Скопје благодарение на остварената соработка на „Контекст – Струмица“ со МКЦ.