Достапни линкови

Двојазичната „Црни дупки во нас“ на Маркоска мултимедијално во „Јавна соба“


Двојазично, македонско-англиско, издание на поетската збирка „Црни дупки во нас“ од Марта Маркоска.
Двојазично, македонско-англиско, издание на поетската збирка „Црни дупки во нас“ од Марта Маркоска.

Во „Јавна соба“, овој четврток, на 2 февруари, во 20 часот, ќе се одржи мултимедијалната промоција на двојазичното, македонско-англиско, издание на поетската збирка „Црни дупки во нас“ од Марта Маркоска. Станува збор за објава на Здружението за литература, култура и уметност „Галикул“ од Скопје, а книгата е добитник на наградата „Тодор Чаловски“.

Збирката „Црни дупки во нас“ ја прочитав во еден здив, иако таа повикува на повеќе препрочитувања. Плени мудроста, знаењето и потребата да се раситнат нештата до кристална и искрена едноставност и да се стават во функција на големите прашања на егзистенцијата и хармонијата помеѓу противречностите, за да се достигне полнотијата на љубовта и недефинитивноста на смртта. Посебно ме плени потрагата по рамнотежата во хаосот на егзистенцијата и опкружувањето, односно борбата помеѓу виталните сили на опстанокот и наметнатите историски сили.

Ова од себе ќе го изнедри академик Луан Старова по соопштувањето на веста дека поетската збирка „Црни дупки во нас“ од Марта Маркоска е добитник на наградата „Тодор Чаловски“ што ја доделува Здружението за литература, култура и уметност „Галикул“ како признание од областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми, за млад автор од Македонија.

Наградата е основана во 2015 година и се доделува во знак на почит и сеќавање кон ликот и делото на еден од најистакнатите современи македонски писатели Тодор Чаловски (1945 – 2015).

Зборовите на академик Старова ќе се најдат и на корицата од штотуку публикуваното двојазично, македонско-англиско, издание на „Црни дупки во нас“, чија мултимедијалната промоција е предвидено да се одржи в четврток, на 2 февруари, во 20 часот во скопскиот културен центар „Јавна соба“.

„Поезијата е музичко писмо. Со ова не сакам да кажам дека поезијата е нужно да содржи рима, но поезијата и музикaта отсекогаш оделе во симбиоза. За оние кои не ме познаваат, јас долги години и свирев во џез бендови, како перкусионист, па ритамот ми е инхерентна состојба на духот и умот. Затоа таа потреба да ја пренесам поезијата визуелно, ритмички, гласовно е неизбежна“, веи таа.

Маркоска посочува дека верува оти поезијата многу подобро и побрзо допира до читателите кои се претвораат во слушатели и гледачи.

„Мултимедијалните перформанси се мојот омилен начин на претставување на книгите. Досега, сите мои поетски книги сум ги претставила сценски. Ја сакам сцената и голем дел од мојот живот и самата го поминав на сцена“, ќе рече во пресрет на настанот Марка Маркоска.

Инаку, книгата „Црни дупки во нас“ беше презентирана и промовирана во рамки на 22-та Галичка книжевна колонија, а во втората половина од мината 2016 година беше претставена и на неколку поетски фестивали во Романија, Бугарија и во Турција.

„Неодамна во Истанбул беше претставен преводот на „Црни дупки во нас“ на турски јазик, публикуван од издавачката куќа АртШоп. Промоцијата се одвиваше на неколку локации во Истанбул и беше проследена и дебатно, со коментари и прашања од аудиториумот. Претходно, книгата беше претставена и на поетски фестивали во Бугарија и Романија, а следното мое гостување е на Меѓународниот фестивал EUROPA IN VERSI, во Комо, Италија. Исто така, имам покана за гостување во Хонг Конг во април, бидејќи сум застапена во една светска антологија од страна на издавачката куќа Proverse Publishing“, дополнува поетесата.

Марта Маркоска досега има објавено осум авторски книги. Покрај двојазичното македонско-англиско издание на нејзината актуелна објава, во нејзиниот опус се вбројуваат и „Црни дупки во нас“ (прво издание, 2014, награда „Бели Мугри“), поетските книги: „Стрмоглаво кон височините“ (второ издание, 2013), „Стрмоглаво кон височините“ (прво издание, 2012, награда „Ацо Караманов“) и „Сите притоки се слеваат во моето корито“ (поезија, „Темплум“, Скопје, 2009). Книгата раскази „Вител во Витлеем“ (2010), книги есеи и студии: „Култура и меморија“ (2014), „Расправа за Зен будизмот: религиско-филозофски трансценденции помеѓу источната и западната мисла“ (2013) и „Хипер хипотези“ (2011).

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG