Достапни линкови

Регистарот на население корисен, но и проблематичен


Портпарол на Влада на Македонија, Миле Бошњаковски
Портпарол на Влада на Македонија, Миле Бошњаковски

Регистерот не е замена за попис, велат од Владата. Секоја еведенција на населението е добредојдена, велат експертите,но се сомневаат дека регистерот се прави само за да се покаеже некаква активност. Стравуваат и дека прашањето за регистарот може да се злоупотреби во политички цели.

Регистарот на население не значи дека нема да се прави попис, изјави портпаролот на владата Миле Бошњаковски, откако на последната седница беше донесена одлука да се изготви „Регистар на население“. Регистарот не е замена за попис, вели Бошњаковски додавајќи дека новиот владин проект треба да овозможи поедноставен пристап до сите сервисни и услужни информации во повеќе институции како што се МВР, Катастар и други, односно да овозможи формирањето на Централен електронски регистар на населението,

„Самата оваа алатка кога ќе биде направена и обезбедена можно е преку истата да се направи електронски попис, но таа не исклучува и правење попис на население во неговата стандардизирана форма. Ова не е замена за попис, туку регистар со сосема друга намена“, рече Бошњаковски.

Постојат земји членки на ЕУ кои прават паралелно пописи на население во стандардна форма и го користат регистарот да ги верификуваат тие податоци. Алатката кога ќе биде во идно време функционална целосно ја има таа можност. Дали државата ќе одлучи да го користи тоа како еден вид потврда на постигнатите резултати тоа е прашење за кое што ќе се разговара во иднина,вели Бошњаковски.

До најавите на Владата дека ќе се прави регистар на население по примерот на некои европски земји доаѓа во ситуација кога прашањето за пописот кое е актуелно од 2011 година и натаму се одолговлекува. Тоа во јавноста отвора дилеми дали оваа алатка може да се искористи за да се надмине дупката што се појави со немање попис и да се извлечат податоци врз основа на овој регистар за етничката застапеност, за да може да се искористат во врска со тоа кој може да ги користи правата од Охридскиот рамковен договор.

Експертите имаат различен став.

Универзитетскиот професор Ристо Малчески вели дека секоја евиденција е добредојдена, но укажува дека ние веќе имаме евиденција врз основа на пасошите и личните карти. Проблемот е посложен зашто во Македонија нема прецизен податок кое население моментално е во државава, а кое е надвор, вели професор Малчески. Според него регистарот секако ќе отвори политички проблеми.

„Проблеми кое може да не однесат на некој пат. Условно кажано бранителите на Македонија и македонштината тоа ќе може да го искористат ако се покажат други проценти за оспорување на некои веќе стекнати права, право на јазик и други и сето тоа ќе се сведе на политиканство, а не за добивање податоци кои ќе бидат во функција. И ќе има страшни превирања и препукувања. Темата е широка и проблематична“, вели проф Малчески.

Политичкиот аналитичар Алберт Мислиу, пак, вели дека во Македонија се мешаат поимите жители и државјани. Тој наведува дека регистарот може да влијае на локално ниво, но дополнува дека во државава веќе имаме Предлог-закон кој определува права кои произлегуваат од Уставот. Тој е категоричен дека податоците што ќе се добијат со регистарот на може да влијае врз јазичната категорија на права.

„На локално ниво има внатрешни миграции, од една се селат во друга општина, така што некои права кои се врзуваат со процентот евентуално може да се стават под знак прашалник ако има поголеми миграции. Но од друга страна има правило дека претходно добиени права не може да се укинат“, вели Мислиу.

Тој наведува дека има неколку општини во западна Македонија каде иако не е законска обврска има и трет службен јазик. Тој посочува пример дека во Гостивар службен јазик е и турскиот јазик и дека тоа право не може да се укине зашто е донесено како такво.

Инаку според Муслиу регистарот на население може да биде од помош за правење планови во економијата, образованието.. итн. Професор Малчески, пак, вели дека Владата го носи регистарот само колку да се покаже некаква активност.

„Што е сервисот поврзан со регистарот на население. Го имате регистерот во МВР, имате интегрирано гранично обезбедување влез-излез, сите податоци ги има во МВР во секој момент се знае колку население има. Мислам дека работата е само да се прикаже некаква активност и дека нема ништо да придонесе“, вели професор Малчески.

Инаку за реализација на овој проект Владата го задолжи Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за внатрешни работи да усогласат акциски план.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG