Достапни линкови

Пописот не претставува етничко пребројување


Најсложената статистичка операција е потребна за идни планирања на развојот на земјта, коментираат експерти. Тие наведуваат дека пописот во Македонија е проблематична операција поради калукулациите со етничките прашања.

Околу пет години ќе им бидат потребни на државните институции да се подготват да спроведат попис на населението којшто ќе биде квалитетен и објективен, коментираат експерти.

Земјата петнаесет години ја нема спроведено најсложената статистичката операција, откако во 2011 година владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ донесе закон за прекинување на пописот.

Најрано во 2018 година треба да се донесе Закон за попис, во 2019 година да се подготват сите методолошки материјали и да биде спроведен пробен попис, за во 2020 или 2021 година да биде направена најобемната и најкомплексна статистичка операција, вели поранешниот директор на Државниот завод за статистика Дончо Герасимовски.

Тој објаснува дека подготвките за попис траат долг период, а оти меѓународните институции како Евростат и економскиот и социјалниот Совет на Обединетите нации секои пет години на земјите им даваат препораки за темелни објективни и стручни подготовки за спроведување на пописот.

„Учесниците во пописот мора да бидат стручни, да бидат добро обучени и професионално да се занимаваат со оваа професија за да добиеме квалитетен, реален и објективен попис. Скоро во сите пописи просечно учествуваат некаде околу 15 до 20 илјади учесници во разни групи (државни и општински инструктори, попишувачи и контролори)“, вели тој.

Герасимовски, зборувајќи за пописот во 2011 година, вели оти тогаш имал забелешки за стручноста и квалитетот на кадарот кој спроведувал попис во Македонија.

„Да му дадете вие на некого методологија, материјал, закон и сите пропратни инструменти и да тој ги проучи за три, пет или десет дена и да учествува во попис – тоа е неразумно и неприфатливо“, вели Герасимовски.

Иако ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во октомври 2011 по скратена постапка го изгласаа Законот за престанување на важење на Законот за попис, деновиве ВМРО-ДПМНЕ излезе со партиски документ во кој наведе дека е потребно да се спроведе попис во земјата.

„Потребно е пописот строго да се води според методологијата на Европската унија и на Еуростат и ОН, вклучително да има и механизам за контрола на постојано место на живеење и престој во државата, како и гаранција за автентичност на лични податоци и потврда на идентитет на лицата преку дигиитализација на отпечатоците“, соопшти на прес-конференција Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.

Калкулации со етничките прашања

Поранешниот пратеник Исмет Рамадани коментира дека пописот во Македонија е проблематична операција поради калкулациите со етничките прашања и партиските влијанија.

„Последниот пат пописот се прекина поради политички калкулации, дали тоа беше некој партиски договор, веројатно меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кога во последен момент се откажаа. Не можат да се воспостават стандарди, бидејќи има голем степен на недоверба меѓу Албанците и Македонците во однос на бројот на жителите“, вели Рамадани.

Герасимовски, пак, потенцира дека пописот не претставува етничко пребројување и тоа прашање не е приоритет ниту главен белег во меѓународните препораки. Со пописот се твори иднината на земјата од сите аспекти, се собираат податоци за популацијата на ниво на републиката, на региони и на општинско ниво, вели тој.

Пописот во 2011 година беше почнат со недоволна организациска и стручна подготовка, вели Герасимовски додавајќи дека бил прекинат поради непочитување на меѓународните препораки и стандарди.

„Доколку државјанинот на Република Македонија е надвор од земјава на привремена работа или било каков престој повеќе од 12 месеци, не се вбројува во вообичаено присуство на населението во земјава и тука испаднаа многу проблеми“, вели Герасимовски.

И Рамадани објаснува дека во Македонија со години е проблем прашањето за тоа кои граѓани постојано живеат во земјата.

„Не е најден компромис или договор во врска со граѓаните кои привремено се вработени во странство. Тука инсистирањето е дека треба да бидат дел од вкупниот број на жители на Република Македонија и тука се тие партиско-политички разлики“, вели Рамадани.

Последен пат попис во Македонија беше спроведен во 2002 година. Пописот во 2011 година беше прекинат со закон по три дена жестока расправа во Собранието, по што опозицијата предводена од СДСМ ја напушти собраниската седница.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG