Достапни линкови

Само попис ги решава дилемите


Според последниот попис од 2002 година, во Македонија живеат над два милионa луѓе, но ДИК соопшти дека има скоро 2,5 милиони македонски државјани.

Во Македонија, според податоците на ДИК добиени од регистарот на државјани на Министерството за внатрешни работи, има 1.958.844 полнолетни државјани и 505.422 малолетни државјани. Вкупната бројка изнесува 2.464.266 државјани. Со тоа, според ДИК, се доаѓа до податокот оти има 154.398 државјани кои не се запишани во избирачкиот список. Но, проблемот е што не може да се утврди од каде доаѓаат овие дополнителни гласачи, дали живеат во Македонија или се иселени, бидејќи во земјава нема направен попис од 2002 година.

Неминовно е дека мора да има попис со кој ќе се знае точно колку е состојбата на населението во земјава. После е лесно. Како можат меѓународните институции, светски и европски да знаат колку Македонци државјани има надвор и колку од нив се отидени, а државата да не знае.
Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика

Факт е оти овие државјанства се издадени, вели поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски, но не се знае колку од тие луѓе се иселени од Македонија и од тука произлегува разликата во бројките, што значи дека нешто не е во ред во пресметките и од каде тие произлегуваат.

„Бројката како бројка веројатно е таа и државјанствата што ги дало Министерството за внатрешни работи, меѓутоа секоја бројка секогаш создава сомнеж зашто се појавува сега во овој период или каде бие тие 150 илјади гласачи разлика во тој избирачки список. Ние рековме дека тој треба да биде околу милион и 500, 600 илјади гласачи, а сега ќе излезе два милиони гласачи кои ќе се најдат во избирачкиот список. Според тоа, нешто не е во ред со евиденциите, регистрите и итн“, вели тој.

Според Герасимовски, пописот е решение.

„Проблемите се отвараат уште повеќе. Значи неминовно е дека мора да има попис со кој ќе се знае точно колку е состојбата на населението во земјава. После е лесно. Како можат меѓународните институции, светски и европски да знаат колку Македонци државјани има надвор и колку од нив се отидени, а државата да не знае“, вели тој.

Од ДИК соопштија и дека треба да се престане со залажувањето на јавноста со прашањата како може во држава со два милиона жители да има повеќе од 1,8 милиони гласачи. Според нив, бројот на гласачи во наредниот период ќе расте бидејќи дел од државјаните кои не се запишани во избирачкиот список ќе добијат патна исправа или лична карта. До комисијата досега пристигнале 6.686 пријави за гласање на државјани во дијаспората. Според пописот на населението од 2002 година, во Македонија имало 2.022.547 жители.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG