Достапни линкови

Избори без опозиција или нови пазарења?


Архивска фотографија
Архивска фотографија

Дали власта ќе оди на избори дефинитивно и без опозиција и како опозицијата ќе дејствува за да ја „врати демократијата“. Можен ли е сепак, некаков натамошен договор?

По распуштањето на парламентот и доцната опозициска прес-конференција на која беше објавен бојкотот, многу работи засега остануваат нејасни. Како опозиционерите ќе ја враќаат демократијата, ќе одат ли ВМРО-ДПМНЕ сами на избори, или, пак, на разрешувањето на кризата ќе и се даде уште една шанса деновиве, која претходно ја најави претседателот на парламентот Трајко Вељаноски, нагласувајќи дека е можно да ги распише изборите подоцна со што би се дало уште време на ДИК за прочистување на списокот - една од главните причини за бојкотот на СДСМ.

Остануваат деновите пред нас, да ги се димензионираат сите политики пред нас, на опозицијата, но и на власта, согласно тоа сите можеме на крајот да извлечеме констатации и заклучоци.
Зоран Заев, претседател на СДСМ

Во опозициската партија деновиве ќе кројат стратегија, а по одлуката за бојкот, партискиот претседател Зоран Заев само нагласи дека тие останувале да се борат за демократските принципи со сите демократски можности и она што го дозволувале Уставот и законите.

„Не можам да кажам дали договорот од Пржино е мртов. Знам дека Парламентот се распушти без да бидат обезбедени минимум условите согласно договорот од Пржино. Тоа значи, без прочистен избирачки список, без регулација на медиумите и без разграничување на партијата од државата. Остануваат деновите пред нас, да ги се димензионираат сите политики пред нас, на опозицијата, но и на власта, согласно тоа сите можеме на крајот да извлечеме констатации и заклучоци“,

рече Заев, кој на прашањето дали е можно повторно да се објавуваат т.н. бомби не одговори конкретно, наведувајќи дека сè што е дозволено по Устав и по Закон, опозицијата ќе го употреби.

Непосредно пред полноќ, односно веднаш откако Вељаноски се збогува со досегашниот парламентарен состав, од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ на разглас одекна партиската химна. По речиси еден час музика, низ градот почнаа со свирежи да кружат автомобили. Додека на улиците членството прославуваше избори, партиските челници како Илија Димовски или Антонио Милошоски на социјалните мрежи порачуваа - Македонија ќе гласа, граѓаните ќе победат! Но, доцна синоќа недостасуваше вообичаената прес-конференција на претседателот на партијата Никола Груевски, а пропаднаа претходните неофицијални информации кои кружеа во текот на денот дека владејачките партии се решени да ја истуркаат работата докрај, па во собранието ќе се констатирале оставките на министрите и замениците од СДСМ и веднаш ќе се назначеле кадрите од ВМРО-ДПМНЕ. Таквиот потег всушност би значел сериозно поткопување на договорот од Пржино, а неконстатирањето на оставките во собранието отвора простор за останување во живот на договореното.

Покрај Заев, кој ги спомена „деновите пред нас“, и Вељаноски претходно најави дека има можност да тактизира деновиве со распишување на избори односно дека можел да го донесе решението, наместо ден пред распуштањето, до 15-ти април, за да и дадел можност на ДИК, за некои работи, најмногу околу избирачкиот список, да ги заврши.

Засега нејасни остануваат и позициите на партиите на Албанците. Од ДПА молчат, а од ДУИ само кратко најавија дека нивниот лидер Али Ахмети ќе ги соопштел позициите на телевизиско интервју. Поголемиот дел од пратеничките групи на двете партии вчера ги немаше во салата кога Вељаноски го распушти парламентот.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG