Достапни линкови

Собранието се распушти, СДСМ не оди на избори


Собранието се распушти, без да бидат констатирани оставките на министрите и замениците министри од СДСМ. Лидерот на СДСМ Зоран Заев вечерва соопшти дека СДСМ нема да учествува на, како што рече, овие лажни избори на 5 јуни.

СДСМ нема да учествува на изборите на 5 јуни, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев вечерва на прес-конференција. Според него, тие избори ќе бидат лажни. Тој рече дека Договорот од Пржино беше потпишан за да се обезбеди принципот „еден човек еден глас“, но оти избирачкиот список не се прочистува, не се носат реформи во медиумите и не прекинуваат притисоците.

„Без слободни избори, нема слобода. Со месеци заедно се боревме за слобода, но Никола Груевски постојано го рушеше Договорот од Пржино. Или Груевски или Македонија“, рече Заев на прес-конференцијата во партиското седиште.

Тој ги повика сите граѓани заедно да застанат во одбрана на демократијата.

„Таму каде мртвите гласаат, каде партиски послушници ги крадат изборите на вистинските гласачи, таму нема слобода. Демократска Македонија ова нема да го дозволи“, рече Заев.

Тој рече дека ќе разговараат со нивните членови во ДИК и извесно е дека ќе ги повлечат од Комисијата.

Што се однесува до тоа дека Собранието не ги констатираше оставките на министрите од СДСМ, Заев рече дека некој се дрзнал да ги држи во заложништво и да бидат во Влада која има намера да спроведе криминални избори, но СДСМ тоа нема да го дозволи. Претседателот на СДСМ рече дека цел ден биле во контакт со претставници на меѓународната заедница и дека тие биле запознаени со одлуките на СДСМ.

„Не можам да кажам дека Договорот од Пржино е мртов, но знам дека Собранието се распушти без да бидат исполнети минимум условите согласно Договорот“, рече Заев

Собранието се распушти без оставките на министрите од СДСМ

Претходно Собранието се распушти, откако претседателот Трајко Вељаноски рече дека заврши мандатот на овој состав. На седницата која траеше околу 10 минути не беа констатирани оставките на министрите и замениците министри од СДСМ. На седницата не беа присутни пратениците од опозициската коалиција предводена од СДСМ.

„Завршува мандатот на овој пратенички состав. Би сакал да ви се заблагодарам и да ви посакам среќа и успех на личен и професионален план. Овој мандатен период и овој парламентарен состав помина низ тешки премрежија, но реализиравме и конкретни резултати во градење на стабилна сегашност и подобра иднина“, рече Вељаноски.

Собранието се распушти согласно одлуката што ја изгласаа пратениците на 23 февруари со цел одржување предвремени парламентарни избори на 5 јуни.

Со договорот од Пржино од јуни/јули 2015 година постигнат од четирите најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА со посредство на ЕУ и САД, беше договорено изборите да се одржат на 24 април, но оваа одлука беше сменета на предлог на ДУИ со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и изборите беа одложени за 5 јуни.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG