Достапни линкови

Изборите распишани, избирачкиот список неизвесен


Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ги распиша изборите за 5 јуни. Прочистувањето на избирачкиот список сè уште не е завршено.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ги распиша изборите за 5 јуни, информира претпладнето неговиот кабинет. Во соопштението испратено до медиумите се вели дека Вељаноски го потпишал решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Македонија, кои ќе се одржат на 5 јуни, врз основа на неговите уставни и законски надлежности, согласно Одлуката за распуштање на Собранието. Решението за распишување на изборите е доставено до Државната изборна комисија, како орган за спроведување на изборите, до Министерството за правда и Министерството за надворешни работи.

Нема дилема. Претседателот на Собранието не смее да ги распише изборите пред членовите на ДИК да дадат конечна оценка дали е прочистен избирачкиот список.
Тито Петковски, поранешен претседател на Собранието

Претходниот ден, од најголемата опозициска партија изразија очекување дека Вељаноски нема да ги распише изборите, бидејќи не се создадени услови тие да бидат легални и ја повикаа ДИК да каже дали успеала да го прочисти избирачкиот список.

ДИК сè уште нема став дали е сè во ред. Но, врз основа на досегашните анализи со вкрстените проверки, ниту еден фантомски гласач не е отстранет од избирачкиот список, туку за тоа треба управна постапка, а се проблематизира состојбата и за 100 илјади што се иселиле од Македонија, како и со новокреираните гласачи.

Поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски нагласува дека Вељаноски не би требало да потпише решение за избори ако нема чиста ситуација со избирачкиот список, за да може да се уверат граѓаните во неговата веродостојност.

„Нема дилема. Претседателот на Собранието не смее да ги распише изборите пред членовите на ДИК да дадат конечна оценка дали е прочистен избирачкиот список и сите членови околу тоа треба да се согласат, за да стојат зад тоа и да има кредибилни избори и ДИК која е главна и одговорна за спроведување на избори да има чист терен околу утврдување на динамиката на рокови кои следат во врска со сите предизборни активности, кога ќе почне кампања, кога ќе се поднесат листите на кандидати“, вели тој.

И Демократскиот сојуз денеска во соопштение наведува дека Државната изборна комисија (ДИК) не успеала да го прочисти Избирачкиот список, како еден од најбитните услови за одржување на изборите и спречување на можностите за повторување на изборниот фалсификат од помилуваните со одлуката на претседателот Ѓорге Иванов. Демократскиот сојуз очекува ДИК денеска да ја информира јавноста дали има услови за избори или не, стои во партиското соопштение.

Претседателот на ДИК Александар Чичаковски пред неколку дена рече дека нема да го потпише списокот, ако остане и еден сомнителен гласач.

Инаку, кога ќе се распишат изборите, Државната изборна комисија ги презема сите активности.

Со оглед дека за вонредни избори законските рокови се скратени за 5 дена, по објавувањето на решението за распишување избори, ДИК за 10 дена треба да го истакне на јавен увид избирачкиот список, што ќе трае 15 дена, а потоа партиите имаат пет дена да го анализираат списокот и да достават забелешки.

Тоа значи дека на 25-26 април, избирачкиот список треба да биде истакнат на јавен увид и тоа ќе трае до 9 мај. По ова, ДИК треба да одреди датум кога политичките партии треба да ги достават листите на кандидати. Според законот, 25 дена пред изборите, партиите треба да ги достават листите на кандидати, а тоа е на 11 мај. Изборната кампања е 25 дена пред изборите и треба да започне на 16 мај, а да заврши еден ден пред изборите кога има изборен молк.

Собранието на Македонија се распушти на 6 април на полноќ со одлуката што ја изгласаа пратениците на 23 февруари, а во меѓувреме ситуацијата дополнително се искомплицира откако претседателот Ѓорге Иванов донесе акт со кој ги прекина сите кривични постапки против претставници од власта и опозицијата кои се поврзани со прислушувањата, што предизвика протести и контра-протести.

Поради ова, дел одпартиите го повикуваа претседателот на Собранието Трајко Вељаноски да не ги распишува изборите и да го прифати барањето на пратениците и да свика вонредна седница на Парламентот.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG