Најодговорно тврдам дека ниту сме барале аболиција, ниту ни треба зашто ние работиме законски. Општина Битола нема направено никакво незаконско и криминално дело, а Специјалното јавно обвинителство нема ниту еден правен аргумент против нас. Вака изјави битолскиот градоначалник Владимир Талески за случајот „Транспортер“ во кој СЈО донесе наредба за спроведување на истражна постапка против 22 лица од Општина Битола и директори на училишта осомничени дека ја злоупотребиле службената положба во организирањето на школскиот превоз на учениците. Талески во случајот е аболициран, но од СЈО најавија дека ќе бараат конфискација на имотот на сите осомничени, па и на неговиот.
Сето она што беше бомбастично и театрално изнесено беше од политички побуди. Воопшто немаше правна рамка.Владимир Талески, градоначалник на Битола.
„Сето она што беше бомбастично и театрално изнесено беше од политички побуди. Воопшто немаше правна рамка. Со завршувањето на групната јавна набавка која ја прави специјална комисија и со потпишувањето на договорот од страна на општината како гарант, понатаму секое училиште како посебен правен субјект си го следи финансирањето на превозот. Нашата обврска е завршена, ниту добиваме фактури, ниту потпишуваме налози. Затоа цела оваа хистерична политичка хајка што се води е театрална , наликува на голем циркус, а е срам за Македонија“, изјави Талески.
Во врска со најавите за конфискација на неговиот имот, Талески рече дека првпат слуша за тоа.
„Очигледно Битола им е многу значајна на некои луѓе и тука треба да се случат некои работи. Ги ставивме на располагање сите наши материјали на финансиската полиција, малку беше дојдоа и втор пат и трет пат. Сите наши предмети отидоа во Агенцијата за вештачење, малку беше тоа дојдоа втор пат, дојдоа трет пат. Тоа што го бараат тие не постои во Општина Битола. Тука нема криминал. Нивната театралност и бомбастичност од нас нема да направи криминалци“, додаде Талески.
Тој истапи со контра обвинување за СЈО дека тоа помага во рушењето на државата.
„Суверена, самостојна и независна Република Македонија од ден на ден се помалку е тоа со ваквиот начин на однесување. СЈО се постави над сите институции со цел да се распаднат институциите, убеден сум дека ова ќе заврши и сите ќе сносат одговорност за својата работа“, рече битолскиот градоначалник.
Во меѓувреме втор ден во Битола се протестира против одлуката на претседателот Иванов за помилување на политичари од власта и опозицијата. Мотив плус за денешниот протест е отворањето на случајот „Транспортер“ од страна на СЈО.