Достапни линкови

Потфрли купопродажбата на земјиште во Битола


Битолската опозиција обвини дека ниту се купувало, ниту се продавало земјиште и оти тоа ја покажува слабата куповна моќ на фирмите и на граѓаните. Локалното мнозинство вели дека причината е зимата и изборите.

Нити се купувало, нити се продавало земјиште во првиот квартал од годинава во општина Битола. Овие податоци испливаа на површина за време на дискусијата за општинскиот буџет на неодамнешната седница на совет во Битола. Локалната опозиција обвини дека ова зборува за слабата куповната моќ на фирмите и граѓаните, а од локалното мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ ситуацијата ја препишаа на тоа што било зима и се подготвувале за локални избори.

Александар Касапов, советник од ЛДП, коментирајќи го буџетот, според официјалните податоци испратени од општинските служби, искритикува дека ваква слаба реализација со купување и продавање на земјиште не се памети во изминатите години. Ваквите податоци покажуваат дека воопшто општината не продала од имот и земјиште, а и слабо се уредувало градежно земјиште со инфраструктура.

„Од ставките кои ја покажуваат куповната моќ на битолчани и на фирмите во Битола се со лоша, да не речам катастрофална реализација. Ќе набројам неколку поставки: приходи од продажба на општински имот – реализација нула проценти, комунален надоместок за уредување на градежно земјиште –реализација 7,14 проценти, приходи од продажба на земјиште – реализација 0,45 проценти. Ова зборува дека во Битола во првите месеци нити се купувало нити се продавало земјиште“ рече Касапов.

Додека дискутираше. од локалното мнозинство му дофрлија дека таква е состојбата зашто било зима.

Тој им одговори дека тоа не значи дека не треба да се купува и да се подготвуваат документите за да почне да се гради во вториот или третиот квартал.

„Затоа велам дека нити се купувало, нити се продавало, а не велам не се градело“, додаде Касапов.

Покрај зимата, од советничкото мнозинство објаснуваа дека ситуацијата се должи и на тоа што се очекувало да има локални избори.

„Првиот квартал беше предизборен период и сите објави за продажба беа стопирани и нормално е да се очекува намален процент на извршување на тие ставки. Точно е дека најголемо намалување имаме кај комуналниот надоместок за градежно земјиште, тука процентот на извршување е помал или кај продажбата на земјиште или продажба на општински имот“, рече Соња Карапашовска од ВМРО-ДПМНЕ.

На ова Касапов возврати:

„Е сега вие се повикувате на нешто што не било. Е ќе имало избори. Сега во октомври треба да има избори и сега заради тоа не функционира општината и сега нема купопродажба?“

Со тоа што потфрли продажбата на земјиштето, општински имот и комуналниот надоместок, во општинскиот буџет во првите четири месеци се остварени и помали приходи од планираните по овие ставки.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG