Достапни линкови

Од „Џандар збира“ до Фреди Кругер на седницата на битолскиот Совет


Седница на Совет на Општина Битола.
Седница на Совет на Општина Битола.

Битолскиот општински буџет за опозицијата е најлош до сега, за власта е развоен. На седницата советниците си упатуваа критики и навреди. А во меѓувреме градоначалникот Талески се подновил со ново службено возило.

Две сосема спротивствени слики за општинскиот буџет во последниот квартал од годината понудија мнозинството и опозицијата во битолскиот Совет. Според власта, буџетот е развоен, а според опозицијата најлош до сега. Покрај бројките и процентите се изнесоа и бројни критики и навреди, а на моменти дискусиите предизвикуваа и смеа кај присутните. Се слушаа изрази кажани по народски - „гага“, „џандар збира“, се споменуваа ликови од хорор филмови.

Валентин Груевски од ЛДП обвини дека во многу ставки и програми има мала реализација, освен кај набавката на возила.

„Битола ќе го има еден од двата најлоши буџети во последните седум години. Битола ќе има најлоша реализација на капитални расходи од 40 проценти. Битола ја остварила програмата за продажба на земјиште од само 29 проценти. Битола со само два проценти ја остварила продажбата на капитални средства, а само со 11 проценти на даночните приходи. Единствено сто процентно остварување имаме само кај купувањето на возила и Владимир Талески сега се вози со ново возило“, рече Груевски.

Опозицијата критикуваше дека бавно се одвива градењето инфраструктура во касарната, а средствата од кредитот не се легнати на сметка на општината, туку ги плаќа Министерството за финансии.

„На кого ќе му продавате сега вие земјиште во касарната, кога таму изгледа како да е Улицата на храстовите со Фреди Кругер, филмот страв и ужас“, рече Зоран Стојчевски од СДСМ.

„Парите не се легнати на сметката на Општина Битола. И за среќа не се легнати. Некој не ви верувал да ви ги даде тие пари, оти ако ви ги дадеше ќе направевте „гага“. Не ви верувале, „џандар збира“ ќе направевте осомничени сте како власт со Владимир Талески за 360.000 евра“, обвини Александар Касапов од ЛДП.

Советниците критикуваа дека градоначалникот на допаѓа на Совет заедно со нив да дискутира за проблемите на граѓаните.

„Во нормална, здрава и чесна општина секои три месеци градоначалникот има обврска да поднесува извештаи за прв, втор и трет квартал и буџет на општината. Ние освен на некоја телевизија, физички не го имаме видено градоначалникот, а не пак да дојде и да разговара во Советот за проблемите на Битолчани. Ние од одамна не сме нормална општина, нити пак сме чесна, ниту во најмала рака имаме чесен градоначалник“, рече Габриела Илиевска од ВМРО-НП.

Соња Карапашовска од ВМРО-ДПМНЕ ги демантираше обвинувањата, тврдејќи дека буџетот е успешно реализиран и развоен.

„Со оглед на тоа што политичката ситуација ја држеше во грч целокупната економија во државата, може да се констатира еден успешно реализиран трет квартален извештај. Ако се земат во предвид и посебните околности во кои функционираше локалната самоуправа и сумата од 46 милиони денари повеќе реализирани приходи успехот го прави уште поголем. Само во основниот буџет се реализирани 30 милиони денари приходи повеќе од минатата година“, рече Карапашовска.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG