Достапни линкови

Ќе има ли плати за нововработените во Општина Битола?


Архивска фотографија: Седница на Советот на Општина Битола
Архивска фотографија: Седница на Советот на Општина Битола

Новите вработувања во Општина Битола се повод за нови расправии во општинскиот совет. Опозицијата прашува од каде плати за нив кога буџетот е веќе донесен. Владејачкото мнозинство смирува дека плати ќе бидат предвидени во буџетот за догодина.

Додека битолскиот градоначалник беше во куќен притвор, општина Битола распиша конкурс за вработување на 19 државни службеници. Конкурсот беше објавен на 26 август и траеше до осми септември. Со конкурсот се бараа раководители на одделенија, помлади соработници и советници. Покрај објавените работни места во конкурсот пишуваше и од која националност треба да биде вработеното лице. Така, за советник за локални патишта и улици се бараше Албанец, за раководител на одделението за административни и општи работи - да биде Македонец, советникот за водење на постапка за јавни набавки да е Ром.

Од СДСМ обвинија дека ова се незаконски вработувања зашто не биле одобрени од Советот на општината. Советникот Благојче Котевски вели дека поради ова не можат да се предвидат ни средства со ребалансот на буџетот за 2016 година кој беше донесен деновиве, па прашува како тие ќе земаат плата во месеците до крајот на годината.

„Овој оглас е настрана од сите законски норми и го крши Законот за вработување во јавниот сектор по повеќе членови. Најексплицитно е тоа што нема план за работа кој требаше да го донесе Советот на општина Битола до 31 март годинава. Со дефинирањето на ваков план, според законот се предвидуваат и финансиски средства за луѓето кои ќе бидат вработени по овој оглас. Од ова произлегува дека за сите обврски што излегуваат од овој оглас, како и за платите за вработените и со ребалансот на буџетот не можеме да издвоиме финансиски средства“, изјави Котевски.

Тој уште додаде дека огласот е дискриминаторски зашто одредува вработениот од каква националност треба да биде, иако Уставот гарантира еднаквост на сите граѓани без разлика на националната и етничката припадност.

Од општината потврдија дека имаше конкурс за вработување на државни службеници. Според советниците од владејачкото мнозинство, поточно од ВМРО-ДПМНЕ, вработувањата се законски. Советничката Виолета Ковачевиќ прво изјави дека Советот го одобрил буџетот во кои се предвидени средства за новите општински кадри, а подоцна советникот Никола Јанкуловски дека средства за плати ќе се предвидат со буџетот во 2017 година.

„Она што е планирано и реализирано во огласот за вработување во општина Битола секако дека е планирано и сите надоместоци во однос на тие вработувања се планирани во буџетот за 2017 година“, изјави Јанкуловски.

Дел од лицата вработени по конкурсот ја следеа и последната седница на Совет каде се носеше ребалансот на буџетот за 2016 година, но не кажаа со каква намера.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG