Поранешен холандски шампион во пливање ќе гради затворен базен во Битола, бизнисмен од Обединетите Арапски Емирати стадион под Тумбе Кафе и јапонски индустриски магнат фабрика за текстил во Жабени. Ова се тројцата измислени инвеститори кои здружението „За нас се работи“ ги претстави во нивната пародија посветена на инвестициите во Битола.
Морам да кажам дека господата, откако слушнаа за успесите на нашата општина, сами побараа да остварат со нас средба на штотуку одржаниот Самит за локална самоуправа во Лас Вегас, каде нашата општина се закити со уште едно светско признание.Иван Јерчиќ, Портпарол на здружението „За нас се работи“.
Портпаролот на здружението, Иван Јерчиќ, се појави облечен во костум како локален функционер.
„Морам да кажам дека господата, откако слушнаа за успесите на нашата општина, сами побараа да остварат со нас средба на штотуку одржаниот Самит за локална самоуправа во Лас Вегас, каде нашата општина се закити со уште едно светско признание“, рече тој.
Наводниот Холанѓанец С. Вандупе најави дека базенот ќе го изгради за една година и ќе биде со подвижен покрив за битолчани да можат преку лето да уживаат во топлото сонце.
„Инвестицијата е во вредност од 7.850.430 евра. Вкупниот капацитет на гледалиштето е 1.500 лица. Базенот ќе биде по сите светски стандарди. Во него, освен пливачки дисциплини, ќе се одржуваат и ватерполо и скокови во вода. Изградбата ќе започне на 10 јуни 2015, а ќе заврши пред почетокот на летната сезона идната година“, рече Вандупе.
Маскираниот во Арапот Али Мувервате, кој е мнозински сопственик на клубовите Манчестер Сити, Пари Сен-Жермен и Арсенал, најави супер модерен стадион.
„Новиот стадион ќе биде со четири трибини, капацитет од 12 илјади седишта, инвестиција вредна 12.250.560 евра. Стадион на кој „Пелистер“ од идната година ќе може да ги игра своите натпревари од домашното првенство и европските купови“, рече Мувервате.
Наводниот Јапонец Мигосоши Сакото е привлечен и од поволните услови што земјата ги дава за странските инвеститори и планира на вработените да им исплаќа за нецели 300 денари повисока плата од минималецот.
„Инвестицијата вредна 3 милиони евра најде вистинско разбирање овде каде климата за странски инвестиции е најповолна во светот. Само во првата година предвидени се 2.400 вработувања, а очекуваме во рок од три години бројката ќе достигне до 10 илјади. На наше огромно задоволство платата ќе биде многу повисока од минималната загарантирана плата и ќе изнесува 9.874 денари нето“, рече Сакото.
Настрана од пародијата, во реалноста, Општина Битола подолг период бара инвеститори за изградба на затворен базен и реновирање на стадионот под Тумбе Кафе.