Битола ја разбрануваа предизборните ветувања за обнована планинарскиот дом Копанки на Пелистер кој изгоре пред четири години, а до денес никој не стави рака да го подигне од пепелта.
Деновиве носителот на кандидатската листа со пратеници на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ за петтата изборна единица, Антонио Милошоски, вети дека домот ќе го изградат во 2018 година. Битолчани ја истакнуваат потребата од обнова на ова култно планинарско место со надеж дека ова нема да бидат само предизборни ветувања.
„Рекоа наводно дека ЕЛЕМ ќе го градел Копанки. Да имаме едно катче каде можеме да се напиеме топол чај, кафе. Има некои што доаѓаат на викенд, но не се скијачи, тие да седат надвор кога е студено.“
„Тоа треба да се реновира под итно.“
„Никој не го реновира домот, катастрофа права е, само пред избори ветуваат“, велат анкетираните битолчани.
ВМРО-ДПМНЕ ветува дака ќе го обнови домот иако во изминатиот период и во Парламентот и во општинскиот Совет имаше предлози за извојување на средства од буџетот за негова обнова. Тогаш и пратениците и советниците од владејачката коалиција гласаа против. Го прашавме Милошоски зошто сега пред избори ја менуваат одлуката.
„Некогаш е полесно на некои пратеници да дадат во последен момент амандмани за кои и самите знаат дека не се во можност да се реализираат така брзо. Но, откако направивме темелни разговори со ЕЛЕМ, како претпријатие кое има солиден буџет и ја имаме нивната согласност, ние можеме сега пред планинарите и другите граѓани на кои им значи Копанки, да се обврземе дека ќе го почнеме и завршиме тој проект, обнова на планинарскиот дом Копанки“, рече Милошоски.
Сепак, престојната 2017 година ќе измине во обезбедување на документација, а градежниот зафат планирано е да започне во 2018 –та.
„Во 2017 година би требало да се завршат сите процедури, носење на одлука, усвојување на посебен буџет, распишување на оглас за проект и за изведувач. Почнување на обновата на почетокот од 2018 година и завршување истата година“, рече Милошоски.
Според битолски планинари првично обновата на домот била пресметана на 150.000 евра, а сега ВМРО-ДПМНЕ ветува дури 250.000 евра.
„Објектот ќе биде малку посовремен, со подобри материјали за во иднина да се избегнат ризици од пожари, како што настрада. Сметаме дека дел од административните процедури ќе одземат дел од средствата. Сметаме дека со 250.000 евра ќе може да се направи еден добар планинарски дом“, ветува Милошоски.
Планинарскиот дом „Копанки“ изгоре во јануари 2013 година. До денес никој не понесе одговорност за направената штета.