Достапни линкови

Обнова на Копанки или предизборна кампања?!


Планинарскиот дом Копанки.
Планинарскиот дом Копанки.

Битолската опозиција обвини дека иницијативата за обнова на Копанки е предизборен маркетинг, власта одговори дека заради целисходност на урбанистичките планови сега се покренува постапката.

Општина Битола покрена иницијатива за изработка на локална урбанистичка документација за изградба на планинарски дом „Копанки“, кој беше опожарен пред една година. Советниците од опозицијата обвинија дека ова е маркетинг пред избори, а од владејачката коалиција возвратија дека заради целисходност на урбанистичките планови сега се покренува постапката.
Ме интересира дали ова брзинско донесување, ваквата иницијатива се должи на предизборието кое нè очекува?
Габриела Илиевска, советничка од ВМРО-НП во Советот на Општина Битола.

Планинарскиот дом, кој беше најпосетеното место на Пелистер изгоре во пожар на 28 јануари минатата година, а до денес и покрај најавата на повеќе правни субјекти дека ќе помогнат, објектот сè уште е пепелиште.

„На последната седница во присуство на градоначалникот во рамки на советничките прашања прашав за планинарскиот дом „Копанки“, а громогласно беше дофрлено дека нема документација и дека нешто не е во ред. Ме интересира дали ова брзинско донесување, ваквата иницијатива се должи на предизборието кое нè очекува? Како може веднаш сè да се среди, а до пред еден месец се правдаа со чудно поседување на земјиштето, дека било на Република Македонија. Значи, ако се сака се може да се среди, ако е провоцирано од предизборна кампања?“, изјави Габриела Илиевска од ВМРО-Народна парија.
Позицијата ги согледа сите состојби, ги разгледа фактите на терен и се одлучи да направи планска документација врз основа на која ќе може да се извади одобрение на градба за објект во националниот парк Пелистер.
Златко Милошевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Битола.

Советниците од владејачката коалиција ги отфрлија обвинувањата дека станува збор за предизборен маркетинг. Советникот Златко Милошевски од ВМРО-ДПМНЕ со одговор:

„Габриела рече дека ова беше набрзина, а јас велам каква што е констатацијата на повеќето советници дека веќе доцна, можеби требаше и порано да се направи. Но, поради целисходноста на плановите се носи сега, на барање на граѓаните, планинарското друштво и Општина Битола, а и на барање на опозицијата за да биде донесена ваква документација. Позицијата ги согледа сите состојби, ги разгледа фактите на терен и се одлучи да направи планска документација врз основа на која ќе може да се извади одобрение на градба за објект во националниот парк Пелистер“, рече тој.

Минатата година, откако изгоре објектот, градоначалникот на Битола Владимир Талески вети дека општината ќе помогне во обновата. Неколку недели подоцна опозицијата на совет предложи да биде издвоена финансиска помош од 1 милион денари, но мнозинството гласаше против со образложение дека е рано од буџетот да се одделат пари за Копанки.

Талески пред неколку месеци изјави дека општината ќе ја донесе потребната документација, а потоа ќе се бараат средства за обнова на домот.

„Опожарениот дом беше дивоградба без никаков документ, таму нема маркица, ниту е со детален план некако решено. Едноставно почнуваме од почеток. Ќе направиме детален урбанистички план и ќе обезбедиме маркица за иградба на објект, како ќе се гради ќе бараме начин да се исфинансира“, изјави Талески.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG