Достапни линкови

Битолските училишта тонат во долгови, родителите плаќаат


Средно медицинско училиште во Битола
Средно медицинско училиште во Битола

Битолската опозиција вели дека училиштата во градот должат околу два милиони евра и оти родителите се принудени за дел од потребите да плаќаат од сопствен џеб. Локалното мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ вели дека и покрај долговите, училиштата непречено работат.

Околу два милиони евра е долгот на битолските основни и средни училишта. Десетина од нив се со блокирани сметки веќе години наназад, а никој за тоа не понел одговорност. Напротив, дел од директорите не се сменети со години. За дел од потребите на школите плаќаат родителите од својот џеб, а цените за исти услуги се различни. За ова се дискутираше на последната седница на општинскиот Совет во Битола.

„Доспеаните, а неподмирани обврски повторно кружат околу цирка два милиони евра. И понатаму продолжува финансирањето од родителите, дали е тоа преку плаќање на обезбедувањето или преку собирање на пари за свидетелства од 40, 50, 30 денари, во различни училишта различно, зависно од тоа колкави се потребите од подмирување на други трошоци“, обвини Наташа Петровска од СДСМ.

„Екскурзиите се наплаќаа по високи цени. Родители побараа за истата релација понуда од три различни компании. Еден автобус за таа релација која училиштето ја наплаќа по 100 денари, тие ја добија за 30 до 40 проценти поевтино на писмена понуда. Треба да се знае што се случува со остатокот на парите. Кога едно претпријатие работи неколку години со загуба, треба некој да понеси одговорност“, рече Горан Козаров од СДСМ.

„Не забележувам дека по школите се направени санитарни јазли како што треба и училници по нормативи. Години наназад се зборува за имплементација на Кембриџ програмите кои биле по Европа, зошто тогаш не земеме пример како изгледаат училиштата во Европа. Во училиштата поради блокирани сметки не се вршело ни дезинфекција, дезинсекција и дератизација“, истакна Снежана Стоилова од ВМРО-НП.

Од локалното мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ велат дека и покрај долговите, училиштата работеле непречено, а се инвестирало во дограма, спортски сали, уредување на дворови, едукативни проекти.

„Самиот факт дека образовниот процес се реализираше целосно и континуирано без застој и поголеми проблеми е доказ дека директорите и нивните управни и работни колегиуми одговорно, солидно и доста успешно си ги извршуваат задачите и обврските кои им се наметнуваат. Неоспорен е фактот дека дел од училиштата имаат финансиски проблем со блокирани сметки, но тој факт е очигледно најмалку сокриен и во крајна мера земен предвид при секоја евалуација“, вели Виолета Ковачевиќ од ВМРО-ДПМНЕ.

„Долгот има тенденција на намалување, но како проблем останува и понатаму и никој не бега од него, начини за решавање уште се бараат“, вели Снежана Карапашовска од ВМРО-ДПМНЕ.

На дискусиите дека училиштата имаат долгови, а сепак работат, возврати советникот Горан Козаров, велејќи дека тоа не е оправдување зашто школите не се фирми па да одат во стечај.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG