Достапни линкови

Битолската опозицијата бара оставка од притворениот Талески


Совет на Општина Битола
Совет на Општина Битола

Советниците од ЛДП велат дека моменталната ситуација го отежнува работењето на општината и исполнувањето на значајните проекти и затоа бараат оставка од градоначалникот Талески. Владејачкото мнозинство се противи.

Месец и половина битолскиот градоначалник е во домашен притвор како осомничен за случјаот „Транспортер“, а локалната опозиција бара од Советот да му предложи да даде оставка за да може оштината да функционира непречено. Советниците од ЛДП велат дека моменталната ситуација го отежнува работењето на општината и исполнувањето на значајните проекти.

„Да му се препорача на градоначалникот да си поднесе оставка, а тоа ќе биде во интерес на сите граѓани на општина Битола со оглед на тоа дека постојат законски можности притворот да биде продолжуван. Тоа општинатаќе ја доведе до многу лоша ситуација, од која единствен излез е оставката на градоначалникот. Фактот дека редовните локални избори ќе се одржат само за неколку месеци ја отвора можност со назначен повереник општината да функционира во следните неколку месеци“, вели Александар Касапов од ЛДП.

„Не се одржа најдолгото и најсодржинското, како што велеше власта, културно лето во државата, Битфест. Застанати се скоро сите градежни работи на Златен рид во Битола. Застанати работите на градскиот стадион, иако општината се обврза да ја изгради трибината и рефлекторите. Последната активност објавена на веб страната е од 5 јуни 2016 година, што е уште еден доказ дека општина Битола не функционира“, вели Валентин Груевски од ЛДП.

Габриела Илиевска од ВМРО-НП побара од Советотда биде доставено на увид решението за притвор за да се види дали Талески може од дома да потпишува општински акти повбрзани со работата на општината.

„Решението кое го издаде судот на 16 јуни ние треба да го видиме, што пишува внатре, а не да го слушаме Талески да ни кажува по телевизии дека имал инструкции, за што, за торта правење“, праша Илиевска.

Владејачкото мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ ги одби сите барања на опозицијата со образложение дека немаат ингеренции да бараат Талески да си даде оставка.

„Ние не можеме да му препорачаме сè и сешто на секого. Препорактите се однесуваат до оние каде што имаме ингернеции, до јавни претпријатија, училишта, детска градинка. Градоначалникот не го бираше Советот, туку граѓаните на избори и затоа немаме ингеренции да расправаме за тоа“, рече претседателката на Советот, Силвана Ангелевска.

„Дали градоначалникот потпишувал акти од дома, Советот не е ни адвокат на градоначалникот и не ни може да се занимава со таа работа“, вели Илче Димовски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Од битолската локална самоуправа велат дека општина Битола од технички аспект функционира во границите на нормалата, но отсуството на градоначалникот има влијание врз динамиката на реализацијата на проектите. Платите за вработените и паушалите за советниците редовно се исплаќаат, а немаат проблеми ниту во останатите трансфрери, велат од општината.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG