Достапни линкови

Кривични за демонстранти поради спорно културно наследство


Власта понесува кривични пријави за фрлањето боја врз зградата на Општина Битола, која никој не знае дека е културно наследство. Демонстрантите потсетуваат дека власта претходно сакаше да го продаде Офицерскиот дом, кој е објект под заштита од прва категорија.

Најголемиот дел битолчани дури деновиве за првпат слушнаа дека зградата на Општина Битола е споменик на културата, откако полицијата поднесе кривични пријави против 26 демонстранти за боење на фасадата. Иако од полиција велат дека објектот бил евидентиран како културно добро уште од 1977 година, на општинската зграда нема плочка дека е под заштита.

Кога Офицерскиот дом беше објавен на оглас да се продава како недвижна ствар, а не како објект од културо значење, тогаш како може општината, поранешниот генералштаб на ЈНА, да биде споменик од културно значење?
Илија Балтовски, активист

Учесниците во Шарената револуција коментираат дека објектот пред 39 години бил штаб на ЈНА. Прашуваат зошто не се под заштита и другите објекти од тоа време во битолската касарната каде на нивно место денес се градат нови згради.

„Општина Битола стана споменик на културата, а јас ете сум 70 години и не знам за тоа. Откако почнаа протестите, по 20 дена јавија дека е споменик, а ни плочка нема на него. Целта им е да ги казнат младите што фрлаа боја. Тој објект е со вредност како и касарните што се, а таму се продадоа некои делови“, вели битолчанецот Неџат Јусуфи.

Демонстрантите прашуваат од каде толкава грижа за културното наследство, кога оваа власт пред пет месеци го објави на продажба Офицерскиот дом, објект под заштита од прва категорија. Но, потоа, поради граѓанските протести, се откажа.

„Кога Офицерскиот дом беше објавен на оглас да се продава како недвижна ствар, а не како објект од културо значење, тогаш како може општината, поранешниот генералштаб на ЈНА, да биде споменик од културно значење? Веројатно ова е наредба на Чавков да се прави притисок по секоја цена, луѓето да се повикуваат на информативен разговор, да се поднесуваат кривични пријави“, вели битолчанецот Илија Балтовски.

Офицерскиот дом во Битола
Офицерскиот дом во Битола

Од кога општината е под заштита и зошто нема плочка го прашавме и директорот на битолскиот Завод за заштита на спомениците, Зоран Алтипармаков. Но, со телефонска порака нè извести дека не е во Македонија. Зградата не е заведена како споменик на културата во ни еден од списоците со културно наследство што се достапни на интернет.

И од општина Битола не добивме коментар за зградата како културен споменик. Неодамна битолскиот градоначалник Владимир Талески изјави дека оштетувањето е големо.

„На фасадата беше фрлано и прегорено масло од автомобили, кое тешко се вади, таква злоба, таква пизма јас досега не сум видел и не знам заради што“, рече Талески.

Од полиција пак, посочуваат дека постои решение со кое објектот е ставен под заштита.

„Пријавените во периодот од 17 до 27 април во четири наврати сториле кривично дело оштетување туѓи предмети врз објект, зграда на општина Битола, лоцирана на булевар „Први мај“ број 61, која со решение број 119 од 1977 година е во евиденција на Студијата за културно–историско наследство на подрачјето на Битола, односно споменик на културата“, изјави Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.

За фрлање со боја врз општината беа сослушани 84 битолчани, а против 26 беа поднесени кривични пријави зашто фрлале со боја и цврсти предмети врз објектот. Протестите во Битола започнаа откако СЈО го објави предметот „Транспортер“ во кој градскиот татко Владимир Талески беше осомничен за организирање на поскап школски превоз. По ова беше помилуван од претседателот Иванов, а деновиве, иако е повлечена аболицијата, протестите во кои се бара оставка од Талески, не запираат.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG