Бури од реакции во печатените и електронските медиуми во врска со посетата на премиерот Заев на Бугарија. Позитивни и негативни, се разбира, според партиската провиниенција на гласилото. Но, има и професионално коректни информации. Нова Македонија во наслов ја издвојува изјавата на Заев дека „За историјата не треба да дебатираат политичарите“, а дека вториот ден од посетата бил посветен на економијата. Вечер ја цитира изјавата на бугарскиот премиер Борисов: „Ние сме за единствена Македонија и за нејзино членство во НАТО и ЕУ“, за да наведе дека Борисов на 2 август ќе ја посети Македонија, кога ќе биде потпишан и договорот за добрососедство, кој го „најавуваше и претходната влада, но дека го оценила за штетен за Македонија“. Истиот весник го објавува и соопштението на ВМРО-ДПМНЕ во кое бара: „Заев да каже што договорил во Софија“. Порталот Курир, близок до поранешната владејачка партија насловува: „Заев со скандалозна изјава во Бугарија: Во македонските учебници ќе биде променето сè она што не е во новиот дух на соработка!“ Интернет политичкиот забавник Фокус објавува мислење на професор Фрчкоски, кој вели: „Ние сме народ со самодоверба, нашиот јазик е признат, Бугарија може да мисли што сака“.
Изјавата на новиот шеф на македонската дипломатија, Никола Димитров, дадена во Софија во врска со одбивањето на МНР да го именува Александар Николоски за амбасадор во ЕУ во Брисел, ја објавува Нова Македонија, со наслов: „Да запре пактиката политичари да се испраќаат за амбасадори. Кого ќе претставува ако во моментот е секретар за меѓународна соработка на политичка партија, вели Димитров“. Електронското издание на Република во рубриката Вести, му одговара на првиот дипломат: „Димитров заборава дека тој и татко му беа политички амбасадори“, превидувајќи го фактот дека тие немаа политички функции во ВМРО-ДПМНЕ.
И на крај, не и како најмалку важно: Нова Македонија ја анализира состојбата со дивата депонија кај Струга чие горење беше запрено деновиве: „Отчукува темпираната бомба крај Заграчани, Шум, Теферич – во случајов, многу е пострашно што на дивата депонија гореа гуми, пластика, хартија, електрична инсталација од фрлени електрични уреди, масла и делови од возила, органски отпад и ѓубре од домаќинствата што со години се таложеле и неодговорно се фрлани токму на ова место“.