Достапни линкови

„Политички коректни“ на Сали Ертунч во Галерија 7


„Политички коректни“ е насловена изложбата на цртежи на македонскиот уметник Сали Ертунч, што од 25 февруари до 11 март, ќе се одвива во скопската Галерија 7. Станува збор за 20-на репетитивни портрети во кои фокусот е ставен врз „генерацијата млади коишто веруваат дека игнорацијата е вистинскиот начин на етичко однесување, забораваат на комуникацијата, се навикнуваат на таквиот живот и засекогаш замолчуваат“.

Политички коректни се група на луѓе, коишто се собираат под планината со Крстот и се игнорираат меѓу себе.

Ова како вовед во сторијата за својата петта по ред ликовна постановка, што ќе биде отворена во сабота, на 25 февруари, во 20 часот, во Галерија 7 ќе го запише младиот скопски уметник Сали Ертунч.

Во текстот тој дополнува дека различното дефинирање на етиката и на моралот резултира со игнорација во општеството. Дека се појавува нова генерација на млади, коишто веруваат дека во новото време, игнорацијата е вистинскиот начин за етичко однесување и токму затоа тие престануваат меѓусебно да комуницираат. По некое време на континуиран молк тие се навикнуваат на тој начин на живот и засекогаш замолчуваат.

Ертунч вели дека од таму тргнал и откако го нацртал првиот цртеж идејата полека раснела и се развивала за да конечно се престори во некој вид истражување на тоа поле. Забележал дека таа игнорантност не е својствена само за социјалниот живот, туку дека лесно може да се најде и во другите сфери од нашето живеење. Дури на крајот стигнал до таму да заклучи дека ваквиот процес на игнорирање и никаква толеранција води до „политички коректни луѓе“.

„Политички коректните би биле најрадикалната фаза што би дошла по таквиот процес на игноранција и толеранција. Всушност сето она што ќе биде прикажано на изложбата е една фиктивна приказна која се бави со радикалната сфера на игноранцијата и толеранцијата во едно општество“, ќе рече уметникот.

Тој појаснува дека сево ова може да се толкува и како еден вид на негов бунт, негов творечки крик против сето она што катадневно и упорно нè притиска и нè тера да се отчовечиме. Дополнува дека сите цртежи практично се плод на настаните од бурната 2016 година. Дека нему тогаш почнале да му стануваат сè појасни и појасни некои горливи теми од нашето општествено живеење. Сето тоа било резултат на политиката и на природните непогоди кои на многу сликовит начин ни покажаа колку ние обичните смртници сме немоќни. Беспомошни. Кршливи. Отуѓени едни од други. Замолчени.

„Моите цртежи можеме да ги гледаме и како огледало. Тие го прикажуваат нашиот одраз во огледалото. Јас не давам никаква сугестија. Не ја сликам проблематиката. Се обидувам само да ја претставам визијата за тоа како би можела да изгледа радикалната сфера. Тоа е она што во неколку реченици ја сумира целата оваа серија на цртежи. Тоа се зборовите кои се експресија на првиот и последниот цртеж“, вели Сали Ертунч.

Во појаснението за поставката авторот истакнува дека таа е составена од 20-на цртежи на хартија, неколку дигитални и згора на тоа дузина слики на платно. Дека тоа е серија на цртежи коишто затвораат еден циклус на визуелен експеримент со репетиција на една иста илустрација на човечки портрет и градење на патерн од прекрстувањето на линиите. Всушност репетитивните портрети се во различни големини и ја градат перспективата и патерноста во композицијата, а дебелината и бојата на линиите само му помагаат во таквите намери. Конечно, уметникот нагласува дека творбите ќе ја продолжат сторијата со сцени од секојдневниот живот на карактерите.

Роден 1990 година во Скопје, Сали Ертунч дипломирал на Факултетот за ликовна уметност, отсек графика, во класата на професорите Димитар Малиданов и Славица Јанешлиева. За себе вели дека твори под влијание на прочуените Франциско де Гоја, Пол Кли, Жан Дубуа, Кит Херинг, Енди Ворхол, Циука, нашите великани Петар Мазев, Борко Лазевски и групата „Зеро“.

Бил член на колективот на Културниот центар „Кула“ и зад себе има четири самостојни изложби – првично излагал во култното алтернативно скопско урбано сврталиште, потем во Галерија 7, па на Факултетот за драмски уметности и конечно во клубот „Ла Кања“. Но, наспроти ваквите сознанија, Ертунч е голем поборник на претставувањето на неговата уметност вон музејските ѕидови. Тој би сакал своите дела да ги изложува само на улица, но, како што истакнува, тоа сега за сега е практично неможно.

„Луѓево денес немаат време за музеите. Обично кога млад уметник излага во институција неговите дела се затворени меѓу тие ѕидови. Само на отворањето добивате некакво внимание од посетителите и другите денови додека е отворена изложбата никој не доаѓа да ја види. Ете затоа ја одбрав и Галерија 7. Преку ден местото функционира како ресторан – чајџилница. Преполно е со луѓе. Посебно што просторот си има свое минато - таму своевремено започнале „Зеро“, а мене тие ми се омилени. Во иднина, јас моите дела не ги гледам на никое друго место сем на улица. Да ги закачам на некои објекти или да ги оставам некој слободно да си се послужи. Се стремам кон ослободување на уметноста. Уметноста е за луѓе, не за институциите“, вели тој.

Кон ова само уште информацијата дека уметникот паралелно работи на својот нареден проект за кој смета дека ќе биде пообемен, некаде 60-на дела, и кој би и бил претставен на (суб)културната јавност во текот на октомври или ноември годинава.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG