По „Танго обливион“ во 2015-та, „ Либер танго“ наредната година, од средината до крајот на овој февруари, во Домот на културата „Кочо Рацин - Скопје“, воГалеријата „Ко-Ра“, ќе се одржи третото издание на изложбата – мултимедијален проект овојпат со наслов „Танго нуево“. Со дела во повеќе техники и медиуми, слики, скулптури, графики, цртежи, инсталации, фотографија и друго, ќе се претстават бројни уметници од Република Македонија и од странство кои и во случајов беа инспирирани од музиката на големиот аргентински композитор Астор Пјацола, виртуозот на банденон кој традиционалното танго вкрстувајќи го со џезот и со другите современи форми го воведе во иднината.
„Интенцијата на овој проект е преку музиката и танцот како појдовен инспирант да се направи една стилска фузија, врска или компилација на стилови, форми или изразни медиуми, кои ќе се обидат да го доближат она што танцот го носи во себе како една од уметностите која датира далеку во историското време. На сите оние есенцијални набои кои не навраќаат на архетипскиот“, вели Виолета Калиќ, историчарка на уметност и стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура во оваа јавна установа.
Таа дополнува дека токму танцот, аргентинското танго кое како социјална игра потекнува од првата половина на 19 век и генерално се врзува за средини како Буенос Аирес и уругвајски Монтевидео, по што се проширило низ различни форми насекаде по светот, било предизвик да направат обид да ги здружат уметностите.
Од таму Калиќ најавува дека во оваа пригода во Галеријата „Ко-Ра“ ќе бидат поместени инспирациите на творци како Искра Антова и Борјана и Витан Божиновски кои доаѓаат од Виена, Австрија, Џулијан Кроу од Лондон, Велика Британија, Олга Панкина од Македонскиот културен центар во Москва, Руската федерација, младата украинска скулторка Гана Мозгова и згора на тоа нашите Дороти Пачкова, Христина Зафировска, Шќипе Мехмети, Ацо и Славица Таневски, Влахо Бранџолица, Емилија и Стојче Тоциновски, Жанета Радевска Спировска, Христо Петревски, Јулија Манојловска и многу други.
Кога сме веќе кај уметниците, Шќипе Мехмети знае да каже, дека не само што е вљубена во овој вид на музика и танц, туку и дека тоа има свои корени длабоко во нејзиното детство – како мала често го слушала својот татко-музичар како свири на омилениот инструмент – хармониката.
„Јас како дете многу често сум ги слушала звуците на хармониката и тој вид на музика и токму поради тоа Астор Пјацола, всушност неговото творештво, ми е толку блиско и инспиративно. Во моето дело кое се вика „Космички танц“ претставена е токму таа игра, таа космичка поврзаност. Музиката и ликовната уметност се поврзани една со друга. Се надополнуваат. Ликовните творци најчесто се инспирираат од музиката или од литературата. Тука е и таа врска со космичкото. Со таа енергија. Сето тоа е тука околу нас, не може најчесто да се објасни туку само се чувствува. А чувствата потем се пластат, се пренесуваат во нашите дела независно во која техника се креирани“, вели таа.
Патем цртежот на Мехмети што ќе се најде на изложбата „Танго нуево“ е дел од циклусот што таа минатиот ноември го претстави на заедничката постановка со своите колешки Дита Старова – Ќерими и Зарие Амдиу - „Универзумот како алузија за интегритетот“ во Македонскиот центар во Њујорк.
Инаку, потписниците на овој мултимедијален проект во Галеријата „Ко-Ра“ велат дека не се сомневаат оти и годинава ќе го предизвикаат вниманието на публиката и се надеваат дека „Танго нуево“ ќе ја продолжи својата опстојба во некој од клубовите во земјава и во странство каде што живее танцот, а енергијата, страста и емоциите се одлика на креираната атмосфера.