Достапни линкови

Шекеров со фото-есејот „Глорија и Глорија“ во Мала станица


Глорија и Глорија, изложба на фотографии на Зоран Шекеров
Глорија и Глорија, изложба на фотографии на Зоран Шекеров

Шеесет црно-бели документаристички фотографии ја чинат самостојната изложба „Глорија и Глорија“ на Зоран Шекеров, што од 10 јануари до 10 февруари, се одржува во Националната галерија на Македонија, во објектот мала станица во Скопје. Станува збор за дел од неговиот авторски фото-есеј, за продукт од петмесечниот престој во Чикаго, во САД, и за проект инспириран од тажната приказна на две жени со мексиканско потекло – мајка и ќерка кои боледуваат од рак и чии денови се веројатно одбројани.

Зоран Шекеров, во пресрет на својата самостојна изложба „Глорија и Глорија“, што од 10 јануари до 10 февруари, ќе се одржи во Националната галерија на Македонија, во објектот Мала станица во Скопје, знае да каже дека фотографскиот есеј се случил без да има некоја посебна намера за тоа. Тој отишол на пет месеци во Чикаго за да ги посети својата мајка и сестра кои живеат таму и додека бил во крајот ги слушал приказните за зградата којашто е стара над 100 години, за комшиите, за староседелците и за луѓето од другите етникуми што живеат во неа и така со ред. Од сето тоа највпечатлива му била сторијата за двете жени Мексиканки, мајка и ќерка со исто име – Глорија, но кои за жал боледуваат од иста болест – карцином.

И, наместо да го заврши својот тромесечен планиран престој, случајната средба во пералницата со мајката – 67-годишната Глорија Орнелас, тој непосреден и искрен разговор што го воделе, го натерал да остане и натаму во Градот на ветриштата.

По средбата следувале уште неколку и најпосле Шекеров, воден од желбата да им помогне без каков било надомест, се вселил во нивниот стан за да води грижа за ќерката Глорија Ранд, додека мајка ѝ ги извршувала секојдневните медицински прегледи. Вели дека всушност ја следел сопствената потреба да покаже човечност и разбирање за нивната мака. Така започнало нивното пријателство, а фотографијата дошла подоцна самата по себе.

„Мене сето тоа ми звучеше шокантно, тажно... Ми будеше емпатија. Некогаш случајните средби или личностите во нашата околина, намерно или ненамерно, може да влијаат на нас. Така што мене Глорија сосема случајно ми се случи, а сепак ја гледам како еден составен дел од мојот престој таму во Чикаго и личност со која поминував голем дел од моето време“, истакнува Шекеров.

Тој ќе рече дека долго се двоумел во тие моменти дали воопшто да го пишува овој фотографски есеј. Дали воопшто да фотографира.

„Поминува низ некои ризични моменти каде што, нема да згрешам ако речам дека имав некој личен страв. Меѓутоа сето тоа го пребродив и мислам дека во целата таа трагична приказна гледам и некоја искра на крајот од целиот проект која мене ми е, ајде ќе речам, симпатична, да не кажам „позитивна“, бидејќи целиот и нималку не е во тој контекст“, вели тој.

Јулијана Росоклија, пак, наместо предговор за Раскажувачот ќе забележи дека е „бескомпромисен и сурово искрен во секаква смисла. Спротивност на клишето дека фотографите го гледаат светот преку објектив. Исклучително невообичаен дух. Таа дополнува дека Шекеров е еден од најинтересните ликови што ѝ се случиле во последните две-три години. Дека тој е неуморен извор на приказни што звучат речиси невистинито и пријател на најпотценетите ликови во драмата наречена општество. Вели дека во нејзините очи, за него фотографијата не е само момент во вечноста, ниту само алат за себично зграпчување, зачувување и документирање на моментот. Дека „она што го фотографира е без извинување она што го гледа со голо око – субјективно, непријатно вистинско, гротескно, убаво, грдо и извртено како животот“. Од таму заклучува дека „преку субјективноста на објективот на Зоран Шекеров можеме да согледаме една навидум обична, случајна животна приказна, вистинска во сржта, ослободена од секаква патетика. Приказна што не треба да пренесе голема порака, да утеши или да растревожи, но сепак, ненамерно и ненаметливо го прави тоа. Преку овој фото-есеј, авторот суптилно поставува прашање – Дали помагајќи некому, на крајот тој ни помага нам?“.

Кон ова, особено е значајно и тоа што овој фото-есеј на Шекеров, иако спакуван во една форма на изложба, и натаму отворен за допишување. Ова подразбира дека тој повторно би патувал во Чикаго и од натамошната судбина на мајката и ќерката би видел дали можеби би бил заокружен во една друга рамка – евентуално во книга.

Од друга страна, уметникот истакнува дека во периодов што следува самиот на себе си дава задача да продре подлабоко од документарната фотографија. Вели дека иако е фан на уличната фотографија и документарните приказни, сепак неговиот авторски пристап е поголем и дека би сакал да се обиде со фотографските инсталации и играњето со различни дела – фотографии, предмети...

„Мојата втора изложба ќе биде насловена „Титоизам – минатиот век“ и во неа се работи за Македонци – носталгичари по времето на Југославија. Мене ме интересираше оној феномен со фотографиите на Тито. Мислам дека е тоа единствен политичар чии фотографии некои сè уште ги чуваат во своите домови. Размислувам за фото инсталација каде што тие ми подаруваат предмети од нивните занаети и слично“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG