Достапни линкови

Фото-возбудите на Ристовски повторно во родното Кавадарци


Четириесетина фотографии, селектирани од над 500, снимени во текот на минатата година, ќе бидат претставени на самостојната изложба на уметничка фотографија на Гордан Ристовски Гого, што од 1 до 8 септември ќе се одржи во Галеријата при Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци. Ова е негово второ претставување во родниот град.

По цели три години од дебито со „Две татковини“, Гордан Ристовски Гого еве го со нова изложба на уметничка фотографија во родното Кавадарци. Овојпат, тој во Галеријата во Домот на културата „Иван Мазов Климе“, од 1 до 8 септември, ќе се претстави со четириесетина фотографии, селектирани од над 500, снимени во текот на минатата година и првично изложени во Швајцарија каде што долги години живее и работи. Станува збор за серија на пејзажи, која во некоја рака ги обединува двете негови љубови – мотоциклизмот и фотографијата.

„Во фотографијата е најбитен моментот, нели? На тие мои патувања со моторот, независно дали се во Швајцарија или овде дома во Македонија, во која било земја, секогаш наидувам на интересни ситуации и на несекојдневни слики. На пејзажи што мене ме возбудуваат. И тоа чувство сакам да им го пренесам на луѓето што во тој момент не се со мене. Да почувствуваат дел од таа возбуда што јас лично сум ја доживеал“, вели Ристовски.

Тој дополнува дека сега засега во сферата на неговиот интерес се пејзажите. Дека „со луѓето сè уште не почнал да работи од респектот што го чувствува кон нивната приватност“. Потенцира дека колку што може избегнува на неговите фотографии да се најдат лица, што подразбира дека е подготвен да чека подолго време за да се испразни некој плоштад, улица, крајолик, за да го документира моментот што го посакува. Инаку, и тој како и мнозина негови колеги фотографи, независно дали се аматери или професионалци, знае да каже дека „нема правило, рецепт, формула за добра фотографија“.

„Тоа е релативно. За некого една фотографија е добра, за друг фантастична, за трет не знам. За мене најважно кај една фотографија е композицијата, па потоа боите и сè така со ред. Секоја фотографија носи по некој впечаток, по некое чувство кое во одреден момент било доминантно кај авторот. Нешто што ќе те „пукне“ во дадениот миг. Така што, рецепт за добра фотографија речиси и да не постои и никој не го знае“, вели тој.

Прашан, пак, за тоа кој е неговиот најстрог критичар, Ристовски истакнува дека е тој самиот. Дека во процесот на креација него го водат не само она што го гледа, туку и она што го чувствува, па токму и поради тоа тој сето она што го сработил има обичај да го филтрира низ сопствените сеќавања оти само тие, според него, се најмеродавни за вложеното знаење и предизвиканите емоции. Е, дури потоа доаѓа судот на членовите на семејството кои се првите што ги гледаат неговите дела, она што тој го документирал возејќи се со мотоциклот по знајните и незнајни патишта.

„Понекогаш сум многу строг, а понекогаш си велам па добро, не може секогаш сè да излезе перфектно. Сепак, треба да се одбере она што не е секојдневно. На фотографијата да ја има замислата што сум сакал да ја пренесам, емоцијата што сум ја почувствувал. Да не биде сликано нешто колку за да биде сликано“, вели тој.

Иако аматер, Гого, освен во Кавадарци, самостојно се претставувал во Швајцарија, во Берн, Цирих, Штанц и во Базел, а учествувал и на групни постановки во Ужице, Крагуевац, Бачка Паланка и Нови Сад во соседна Србија.

Интересно е и тоа што тој својата последна изложба, во средината на март 2015 година, ја стокмил на работното место – една сепарација за песок во близина на гратчето во кое што работи.

„Долго време барав простор за изложба, но тешко ми одеше. Секаде каде што прашав во Швајцарија галериите или беа зафатени или прескапи за изнајмување. Така што дојдов на идеја тоа да го направам на „домашен терен“ - на сепарацијата каде што работам. Беше доста интересно. Луѓето кои се навикнати да одат по галерии и други изложбени простори беа позитивно изненадени дека може и на таков простор нешто да се стори, а сепак да има врска со уметноста. Добив добри критики и сугестии, па така не се сомневам дека следната изложба ќе биде подобра и попровокативна. Со поинаку обмислен перформанс“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG