Достапни линкови

Миов со повеќе отворени толкувања за цртежот


„Во црно на бела позадина со рака нацртана слика“ е насловена 9-та самостојна изложба на уметникот Ангел Миов, што денеска, на 22 јули, во 20 часот, ќе биде отворена во НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Проектот нуди повеќе отворени толкувања на самиот наслов, кој првично е изведен од дефиницијата за цртеж на веб страната Дигитален речник на македонскиот јазик.

Замислена како продолжение на двете претходни постановки „Повлечи ги конците…“ и „Исечи ги конците…“, „Во црно на бела позадина со рака нацртана слика“, како што ќе рече авторот, е изложба каде што играта е надополнета со други форми како фотографија, објекти, кратки текстови, наслови, кои придонесуваат во дообјаснувањето, преиспитувањето на таа дефиниција што е всушност цртеж. Миов вели дека насловот е даден сосема случајно. Дека си го поставил прашањето како би можело да се дефинира зборот „цртеж“. Го напишал на пребарувачот и се појавила дефиниција од веб страницата на Дигитален речник на македонскиот јазик која се обидува нешто да објасни. Во исто време, нему, таа дефиниција му била и апсурдна и смешна, но и точна. Затоа и му станала појдовна точка за играта на оваа изложба.

„Изложбава има тенденција да потсети на класична форма на цртеж, но целата е еден вид преиспитување на тие класични методи и дефиниции. Самиот цртеж не е цртеж со конвенционални форми и алатки, туку е еден вид синтетички завеси од некои конци и завеси кои со помош на придвижување една неонка, исто така неконвенционално средство, формираат и прават цртеж“, истакнува уметникот.

Од таму нималку не чуди кога Маја Чанкуловска Михајловска, во своето писание за „Во црно на бела позадина со рака нацртана слика“, меѓу другото ќе забележи дека „конечниот резултат е мозаик од навидум хаотични ситуации, интертекстуални релации, апсурдни приказни и естетски вредности кои реферираат на Екоовата „шума на информации со безброј симболи“ во кој не постојат кристално чисти и јасни идеи, бидејќи процесот на информирање е паралелен (испреплетен) во пост-модернистичката ситуација на милион приказни, недовршени реченици што сугерираат друго, во кои се е начнато од љубопитност и се остава на слободното толкување“.

„Живееме во време со многу информации од кои дел ни оставаат трага, а дел само поминуваат покрај нас. Целава изложба има тенденција навидум да личи на нафрлани информации, но кога ќе се сублимираат се навлегува во една шума од симболи и знаци од кои реципиентот или гледачот може да создаде една своја приказна која би ја надополнила идејата или контекстот на самото дело. Изложбата е преполна со знаци, симболчиња, делчиња, кои многу лесно можат да се рекомпонираат и да создадат една идеја или композиција“, појаснува Миов.

Конечно, уметникот забележува дека во неговиот актуелен проект скоро и да нема некоја генерална идеја. Дека тоа не се ниту играта, ниту еротскиот момент, ниту цртежот. Сè е, како што потенцира, нешто што создава услови да се прочита како такво, односно да се побара таа дефиниција на цртежот со дополна дека, пак, секоја дефиниција го ограничува и контекстот и делото.

„Уметноста цело време е во потрага по својата дефиниција. Како што би кажал Рајнхард, постои само една дефиниција за уметност, а тоа е уметност. Така што, секогаш е тешко и да се дефинира самиот поим. Што е слика? Што е цртеж? Што е инсталација? Многу е тешко кога ќе тргнеме по таа потрага по дефиницијата. Најверојатно останува само фактот. Тоа е самото дело и ние го препознаваме дека тоа е цртеж“, вели тој.

Роден 1982 година во Гевгелија, Ангел Миов дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовна уметност во класата на професор Благоја Маневски. Тој е ликовен уметник кој се изразува во повеќе медиуми: инсталација, видеоарт, перформанс, сликарство и фотографија. Од 2007 е член на ДЛУМ, а две години подоцна со неколкумина свои ликовни собеседници ја формираат уметничката група АРТ И.Н.С.ТИ.Т.У.Т. Зад себе има десеттина самостојни изложби и проекти во земјава и во странство, неколку години по ред беше потписник на ликовната програма на мултимедијалниот БОШ-ФЕСТИВАЛ што се одржува во неговиот роден град, а од 2012 година предава Акт и цртање на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Не многу по своето првично претставување пред културната јавност во Прилеп, Миов ќе биде и еден од учесниците на претстојниот ДРИМ-ОН фестивал. Во Струга, на 30 јули, ќе го понуди својот проект „Прошетка низ наративните рамки“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG