Достапни линкови

Тројството на скулпторот Руфати во Мала станица


Осумнаесет дела од актуелниот циклус „Илирику“, изработени од камен, дрво и метал, се претставени на изложбата на скулптури на уметникот Џелил Руфати, што од 7 јули, во рамките на манифестацијата Скопско лето, се одржува во Националната галерија на Македонија – објектот Мала станица.

Делата на скулпторот Џелил Руфати, создадени во знак на тројството, било од тематски, стилски и аспект на материјали, сведочат дека, преку геометриските, апстрактните и надреалистичките секвенци можно е уметничка синтеза на идејата, чувствата и материјалите. Во повеќето од нив геометризмот се наметнува во неколку димензии, каде доминантен е геометрискиот конструктивизам. Преобразувајќи ги односите помеѓу човекот, животот и современата уметност во одредени скулпторски идеограми, преку каменот, дрвото и металот, стануваат поосмислени временските и духовните доживувања на авторот. Овие дела, исто така, сведочат дека уметникот ја има силата без да го допре метафизичкото и да го инкорпорира реалното, или во најмала рака, симболички да го допре препознатливото. Со ова скулпторот не убедува дека е можно уметничка синтеза на идејата, чувствата и материјалите.

Ова, меѓу другото, ќе го забележи ликовниот критичар Миџаит Положани во каталогот за актуелната изложба на уметникот Џелил Руфати, што од 7 јули, во рамките на Скопско лето, се одржува во Националната галерија на Македонија – во објектот Мала станица.

Тој притоа нагласува дека во претставениот циклус „Илирику“ бележита е носталгијата за минатото, обновувањето на традицијата и појаснувањето на метафизиката. Дека уметникот преку своето творештво „го елаборира и преобразува односот помеѓу исполнетоста и празнината“. И згора на тоа, заклучувајќи дека преку реактивизирање на меморијата Руфати, всушност, тежнее кон „рамномерното вечно кружење“ со што, уште појасно, ја дефинира неговата уметничка вокација.

„За моите дела, за моето творештво инспирација барам во минатото. Во антиката. Ги врзувам идеите со традицијата на нашиот народ. Освен тоа, во процесот на креација, многу ми е битна и митологијата која и тоа како е присутна во она што го креирам“, вели Руфати.

Појаснувајќи ја потребата од сопственото понирање во историјата, уметникот вели дека потекнува од долнореканскиот крај. Од место со голема традиција. Традиција која очебијно е присутна во народната носија, во филигранијата или во обработката на материјалите од сребро и другите нешта. И дека сето тоа му е многу битно во она што тој го создава како уметност.

Руфати, пак, во однос на континуитетот во творештвото, знае да каже дека сите уметници почнуваат од некаде. Од некоја идеја. Таа идеја расне, се извишува и потоа почнува да исчезнува. Да ја снемува или да тргне во друга насока. Во неговиот случај да биде комбиниран или дополнет опсегот на материјали со кои работи.

„Користам и стакло, фузинг или лиено стакло, па и некои други материјали, но генерално подобро се снаоѓам и ги реализирам делата со каменот, гранитот, мермерот, железото, дрвото. Велам, како и секој друг уметник, не ги исклучувам експериментите, но во основа останувам на познатата, истражена територија во однос на материјалите. Тие ми се многу битни во креацијата. И, се разбира, засега ќе ја следам таа линија на „геометриски конструктивизам“, како што ја именува нашиот критичар Положани“, вели уметникот.

Кон ова само уште информацијата дека постоечкиот циклус на Руфати во октомври ќе и биде претставен и на ликовната публика во Приштина (Националниот музеј на Косово), а уметникот со нова постановка во Гостивар ќе ја одбележи и првата декада од своето деби на домашната уметничка сцена.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG