Достапни линкови

Ивановски со проект инспириран од толпата и од Скопје


„Ул. Салвадор Алјенде 68“ е насловена самостојна изложба на уметникот Иван Ивановски, што од 28 октомври до 1 ноември ќе се одвива во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам во Скопје. Проектот се состои од стотина скулптури, објекти и цртежи и има за цел да ја истражи релацијата на луѓето во група, групата во релација со единката и релацијата помеѓу повеќе групи и единки.

Стотина скулптури, објекти и цртежи, изработени од различни материјали како гипс, дрво, стиропор, жици, како и „redy made“ објекти, ќе бидат претставени на новата самостојна изложба „ул. Салвадор Алјенде 68“ на Иван Ивановски, што ќе биде отворена оваа среда, на 28 октомври, во 20.30 часот, во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам во Скопје.

Насловот на изложбата е земен од една скопска адреса, така што со него реферирам на градот. Дека инспирацијата ја црпам од овој град и од ситуациите од улиците токму на Скопје. Можеби не од конкретната локација, туку од тоа што Салвадор Алјенде беше чилеански социјалист, политичар, ете, едно интересно име од историјата на Латинска Америка кое несомнено заслужува да се спомне иако не е никако поврзано со идејата за изложбата.
Иван Ивановски, скулптор.

Идејата на уметникот е да се истражува релацијата на луѓето во група, групата во релација со единката и релацијата помеѓу повеќе групи и единки.

„Насловот на изложбата е земен од една скопска адреса, така што со него реферирам на градот. Дека инспирацијата ја црпам од овој град и од ситуациите од улиците токму на Скопје. Можеби не од конкретната локација, туку од тоа што Салвадор Алјенде беше чилеански социјалист, политичар, ете, едно интересно име од историјата на Латинска Америка кое несомнено заслужува да се спомне иако не е никако поврзано со идејата за изложбата“, вели Ивановски.

Тој појаснува дека во неговиот проект се работи за фигурална претстава, за скулптури, за ситна пластика, коишто заедно прават композиции од коишто произлегуваат ситуации од улица. Дополнува дека тоа е само едниот дел од изложбата (екстериер), а дека другиот (ентериер) ќе биде инсталација којашто наликува на некогашните поштенски сандачиња само што во случајов тие ќе „глумат“ станови и во нив ќе биде прикажана интимата на станарите.

„Јас тргнав да го реализирам делото инспириран од неколку социјални експерименти од доцните 1960-ти и раните 1970-ти години како „Затворот Стенфорд“ и „Милграм експеримент“ кои се однесуваат на моќта на авторитетот, како и на експериментите од областа на конформизмот како експериментот на Аш, кој истражува како единките пасивно го прифаќаат и се прилагодуваат кон мислењето и однесувањето на групата. Мене групата ми беше фасцинантна како толпа, како маса луѓе, којашто може да се прикаже во однос на архитектурата што е исто така многу битна тема за мене и тема за овој град“, вели тој.

Ивановски забележува дека понатаму таа идеја се развивала во форма која што ја добила самата изложба. Дека таа сега е пренесена со ликовен јазик и дека разработува некои проблематики кои се реалност на нашето секојдневно урбано живеење.

„Ова се комплексни теми што јас ги обработувам, но не ги направив преилустративно за да не им одземам од ликовноста. Затоа се предадени со пошироко значење во мојава изложба, инаку несомнено јас инспирацијата ја црпам од современиот политички контекст и градот во кој што живеам“, вели тој.

Роден 1983 година во Скопје, Иван Ивановски дипломирал вајарство на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот „Св. Кирил И Методиј“. Половина декада подоцна, тој во 2013 година го завршува и Академскиот програм на Факултетот за Телевизиска и филмска режија на FAMU International во Прага, Република Чешка.

Изложува од 2006 година и зад себе има осум самостојни и повеќе групни постановки на скулптура, цртеж, анимација и инсталација. Во 2010 година Ивановски ги постави скулптурите Луѓе- птици во Градскиот парк, а во 2014-та стана добитник на наградата ДЕНЕС за млад ликовен уметник што ја доделува Центарот за современи уметности Скопје.

Уметникот паралелно работи видео, анимација и филм и дел од неговите кратки анимирани дела се претставени во рамките на различни регионални и интернационални филмски фестивали.

Интересно е и тоа дека по завршувањето на изложбата „Ул. Салвадор Алјенде 68“, чиј куратор патем е Елена Георгиевска, Иван Ивановски ќе започне со работата на својот нов анимиран филм кого македонската публика ќе има можност да го види некаде на почетокот на следната година.

„Идејата за филмот ја носам во себе скоро две години и мислам дека дојде време конечно да ја реализирам. Станува збор за дело во слоу-моушн техника со колажи. Работниот наслов на филмот е „Икс-нула“ и темата во овој случај може да се каже дека е дневно политичка – раскажувам сторија за човекот кој го добива најмалото парче од питата“, вели Ивановски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG