Распослана во галерискиот простор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, „Спектрум“, десетата изложба на уметницата Маја Кировска ја чинат четири принтови и 3.200 фотографии направени со мобилен телефон, комбинирани со аугментирана реалност, каде отпечатените се надополнети со дигитални содржини кои се гледаат преку таблет или мобилен телефон, аргументирана реалност и филтри.
Со бегалската криза се покажа дека граѓаните, всушност, со своја иницијатива, со сопствен напор, без каква било помош од страна, сепак успеаја да помогнат. Значи, некогаш потребна е идеја и желба, не е потребно човек да има којзнае какви средства за да може да направи нешто со кое ќе и помогне на заедницата.Маја Кировска, уметница.
Станува збор за комплексна инсталација каде сликите се всушност дигитални принтови на кои се испишани цитати за војната, мирот, рамнотежата и нерамнотежата помеѓу човекот и околината, причините за ваквиот дисбаланс и можните решенија. До цитатите се запишани имињата на авторите. Тоа се историски личности, современици или пријатели. Ги има многу, наредени се густо. Преклопени се текстови во неколку бои така што за голо око се нечитливи, се претвараат во шара од бои, како таписерија. Пред секоја слика има по 2 пара очила со филтер во одредена боја. Со помош на очилата гледачот може да прочита 2 различни текста на една слика. Расположението кое го создава текстот кај гледачот додека го чита дополнително се стимулира и со бојата на очилата и стаклата низ кои гледа.
Говорејќи за постановката, Кировска вели дека инспирацијата делумно потекнува од документарниот филм за фотографот Себастиао Салгадо на Вим Вендерс „Солта на земјата“, каде Салгадо преку слика и кажувања зборува за егзодусот и страдањата на луѓето во Европа и Африка во 1990-те, како и за излезот кој го наоѓа од ваквата состојба на душата, врз која доживувањето на овие настани остава последица.
„Всушност од неговите фотографии коишто се многу вреден документ можеме да видиме дека огромен број на луѓе исчезнуваат без некому да му биде гајле и ниту некој знае каде тие исчезнале. Ова е нешто што се случува подолго време, меѓутоа последниве месеци сме сведоци на една масовна миграција на луѓе во Европа, па тука и кај нас. На почетокот на кризата многумина не беа свесни дека такво нешто постои. Честопати кога ќе видиме нешто такво на масовните медиуми не ни се верува дека е вистина бидејќи содржините се измешани – оние сериозните, со забавните и луѓето прават селекција, го гледаат она што ги интересира или се изолираат од она што се случува“, вели уметницата.
Од таму таа потенцира дека всушност прашањето е што е она што ние можеме да го направиме.
„Со бегалската криза се покажа дека граѓаните, всушност, со своја иницијатива, со сопствен напор, без каква било помош од страна, сепак успеаја да помогнат. Значи, некогаш потребна е идеја и желба, не е потребно човек да има којзнае какви средства за да може да направи нешто со кое ќе и помогне на заедницата. Има различни нивоа на таа реалност кој како ја гледа, меѓутоа слепилото е она кое што е најопасно за сите видови на информации“, вели таа.
Родена во Скопје, Маја Кировска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” на отсек графика, со насокa графички дизајн во 2007 година. Набрзо станува член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, а две години подоцна, со неколку колеги ја формирале уметничката група Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. и го основале истоимениот културен центар во Скопје. Во 2011 магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во областа сликарство, под менторство на професорот Благоја Маневски, а потем ги започнува и постдипломски студии по филмска и ТВ камера на Факултетот за аудиовизуелни уметности - Европска филмска и театарска академија ЕСРА во Скопје. Една година подоцна заедно со колешките Ана Ивановска, Зорица Зафировска, Кристина Хаџиева, Марија Сотировска, Татјана Ристовска и Христина Зафировска, Кировска ја основала уметничката група МОМИ, а во 2013 таа станува визитинг доцент на факултетот за Арт и дизајн на Европскиот универзитет во Република Македонија, каде што предава Дизајн на плакат, Основи на графички дизајн, Фотографија и Мултимедија. Од 2015 година, Кировска е член на уметничкиот совет на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.
Конечно, нејзината уметничка практика се базира на работа во различни медиуми како инсталација, скулптура, видео, перформанс, слика, графика, цртеж и филм, најчесто комбинирајќи ги. Во август годинава, пак, македонската уметница своите дела и ги претстави и на корејската ликовна публика.