По само една година од изложбата „Бакни ме, можеби нема да се разбудам“, одржана во Галерискиот простор на НЛБ Тутунска банка, уметницата Жанета Гелевска Велјаноска еве ја со нова постановка во родното Скопје. Овој пат таа во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на македонската публика ѝ го претставува својот нов циклус „Конекција“.
Постановката е сочинета од 40-тина дела во комбинирана техника на платно, за кои кураторката Татјана Бундалевска, во текстот за каталогот, ќе запише дека сугерираат „симбиоза на најважните вредности во животот, како и во уметноста“.
Јас немам посебна дефиниција за зборот „конекција“, меѓутоа во случајов мислам на една конекција која сите нас луѓето нè поврзува. Нè поврзува како индивидуи со нашето минато, со некои позитивни мемории, болни мемории, сведоштва.Жанета Гелевска Велјановска, сликарка.
„Јас немам посебна дефиниција за зборот „конекција“, меѓутоа во случајов мислам на една конекција која сите нас луѓето нè поврзува. Нè поврзува како индивидуи со нашето минато, со некои позитивни мемории, болни мемории, сведоштва. Со сегашноста, со она што го очекуваме во иднината. Воопшто конекција или врска којашто, според мене, е многу јака, емотивна и со голем набој на емоции, позитивни или негативни. Колку сме ние всушност во самиот Универзум поврзани меѓу себе. Некогаш сме свесни за тоа, некогаш не. Сето тоа се рефлектира врз моите дела“, вели Гелевска Велјаноска.
Уметницата дополнува дека таа овој пат нуди „грст свои обоени патувања низ најразлични градови и предели“ создадени во последниве две години. Појаснува дека дел од платната се изработени во Скопје, некои во Лондон, во Англија каде што живее и твори, и преостанатите во Нормандија, во Франција.
„Има огромен микс на архитектура, микс на најразлични предели, апстрактни, па да кажам и реални. Исто така се вметнати и најразлични фотографии. Тие фотографии се од минатото, меѓутоа со непознати ликови. Не се идентификувани. Барем од моја страна. Тие се тука само како една симболика. Сите ние сме, повторно ќе речам, конектирани со одредена личност. Со нешто што нас нè носи во животот. Од минатото. Исто така има и некои модерни елементи, форми од сегашноста и едноставно би сакала да напоменам дека сите дела емитуваат една уметност на радоста на животот“, вели таа.
Говорејќи за континуитетот на сопственото сликарство, Гелевска Велјаноска знае да каже дека актуелната изложба „Конекција“, всушност, ја следи патеката на нејзиниот самосвоен творечки ракопис.
„Истата боја се појавува, истиот колорит. Сликите се исполнети со многу текстура, што мислам дека е основното обележје на мојот стил на работа“, вели сликарката.
Потенцира дека наспроти оние автори кои целиот живот творат во еден простор, на еден ист штафелај, на едно исто статично место во дадениот простор, таа спротивно - милува да биде постојано во движење.
„Мене ми треба простор. Ми требаат промени. Предизвици. Врзувањето за едно место едноставно ме гуши. Не ми ја дава таа слобода да се изразам онака како што чувствувам“, вели таа.
Родена 1966 година, Жанета Гелевска Велјановска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје отсек сликарство, во класата на професор Ана Темкова.
Член е на ДЛУМ од 1989 година. Досега учествувала на многубројни изложби во родната Македонија, во Европа и во САД, а зела учество и во различни уметнички проекти. Нејзините дела се присутни во многу приватни и јавни колекции низ целиот свет.
Во 1999 година е поканета да учествува на изложбата на престижната галерија „Blains“, во Мејфер, Лондон, за веднаш потоа да се пресели во Англија, каде што работи како слободен уметник.
Добитничка е на неколку престижни награди, а само во 2015 нејзините дела освен во Скопје беа претставени во Париз и во Софија.
„Сметам дека секој уметник треба да мечтае да излезе од овие простори. Тоа не значи дека нив ги потценувам. Ниту во еден момент. Напротив. Дури и чувствувам посебна возбуда што во овој град во којшто сум се родила, за којшто ме врзуваат спомени и посебни моменти, еве повторно излагам свои дела. Меѓутоа сметам дека предизвикот на секој уметник треба да се шири малку поуниверзално, пошироко. Впрочем предизвикот е она што го мотивира уметникот. Не смееме да заборавиме дека онаа статичност и секојдневието со кое што сме овде опкружени едноставно убива“, вели уметницата.
Во контекст на ова, таа открива дека планира со овие дела наскоро да се претстави во неколку лондонски галерии, но вели дека за тоа сега не би говорела бидејќи сето тоа е во процес на развој и договори и дека со информација за таквиот чин или за некој нов проект ќе се јави само тогаш кога тие ќе бидат пред финална реализација.