Достапни линкови

Кондев - Фотографот размислува експресионистички


Од 4 до 22 ноември, во Национална галерија на Македонија, објект Чифте Амам, се одржува голема ретроспективна изложба на Александар Кондев, за кого кураторот Златко Теодосиевски пишува дека денес безмалу е единствениот претставник на онаа генерација фотографи кои ја осовременија македонската фотографија и кои во 1970-те и 1980-те години внесоа една поинаква естетика и нови хоризонти во третманот на оваа уметност кај нас.

Јас долго време работев на афирмација на македонската фотографија како дел од македонската уметност, ама не наоѓав на одѕив кај ликовната критика, кај историчарите на уметност и кај институциите од областа на културата – музеите и галериите. Ја имав таа среќа во еден разговор со Златко Теодосиевски, кустос во Националната галерија и голем вљубеник во фотографијата, тој да ми предложи да направам една ретроспектива, бидејќи според него јас со мојата работа за овие 50 години ги спојувам трите епохи на македонската фотографија. Дека започнав во моментот кога во полна снага беше Живко Јаневски, а Благоја Дрнков беше доајен.

Фотографијата, пак, настанува во даден момент и во даден простор и фотографот размислува експресионистички. Во моментот. Тој препознава во времето и во просторот одредени слики кои ги носи во себе.
Александар Кондев, фотограф.

Со овие зборови фото-уметникот Александар Кондев ќе ја започне приказната за својата ретроспективна изложба, што од 4 до 22 ноември, се одржува во Национална галерија на Македонија, во објектот Чифте Амам.

Потем дополнува дека мисијата ја продолжиле членовите на фото-клубот „Вардар“ како носители на македонската фотографија меѓу кои бил и самиот со неговиот личен педагошки и изложбен ангажман.

„Јас го спојувам тоа време и фактички даваме еден преглед не само на моето работење во дадениот период, не само на стилските преокупации на времето и мои како автор, туку и даваме една поцелосна слика за македонската фотографија во последниот половина век“, вели тој.

Притоа Кондев знае да каже дека голем квалитет на оваа негова ретроспектива е што тој не учествувал во селекцијата на фотографиите, туку препуштил тоа да го одработи еден стручен човек кој е историчар на уметност и кој има свое сопствено естетско и креативно гледање.

„Во суштина ние авторите сме длабоко субјективни. Врзани сме за делата временски, емотивно, по настаните итн. И затоа ретко кога можеме да бидеме критични. Еден ваков пристап каков што направи господин Златко Теодосиевски овозможи јас самиот да се согледам каде сум во времето и во просторот. Дали нешто сум направил или не сум направил и од таа страна тој има една голема благодарност од мене. Втора работа е што јас, бидејќи професионално се бавам со фотографија над 50 години, и тоа во културата, имам исклучително хетероген состав на фотографии. Мене тие тематски не ми се ограничени. Затоа кураторот на изложбата изврши нивно тематско и временско подредување и на тој начин јас лично, а верувам и публиката, можеше да ги согледа и мојот развој и состојбата со македонската фотографија во ова време“, вели Кондев.

Инаку, Теодосиевски во својот текст за ретроспективата констатира дека „кај Кондев најчесто добрата фотографија е лајф фотографијата“, но и фотографијата којашто сака да поместува граници, што денес не е така лесно. И притоа тој го акцентира авторовото кредо дека „магијата на фотографијата се крие во процесот на создавањето“.

Говорејќи за тоа, фото-уметникот забележува дека таквата размисла е плод на неговото лично теоретско и практично искуство и дека во годините поминати на Ликовната академија можел, фигуративно речено, и физички да ја почувствува разликата помеѓу фотографијата и сликарството. Појаснува дека тие припаѓаат на иста група на медиуми, дека сликарските и вајарските дела настануваат експресивно – од една идеја која понатака авторот ја гради во времето и во зависност од користените материјали.

„Фотографијата, пак, настанува во даден момент и во даден простор и фотографот размислува експресионистички. Во моментот. Тој препознава во времето и во просторот одредени слики кои ги носи во себе и потоа нормално, во лабораторија или сега на компјутер, имаме одредени интервенции ама никогаш не ја уништуваме основната слика. Тоа создавање, тоа да речам условно крадење на настанот во еден момент има една своја сопствена магија. Магијата првично настанува во процесот на снимањето, на тоа првично доживување, и од нејзе ја извлекуваме сета фотографија“, вели тој.

Од друга страна, Александар Кондев за себе вели дека фотографијата никогаш не ја поимал како премногу „сериозна работа“. Дека фотографијата и уметноста воопшто ги смета за една „длабока, психолошка, лична, внатрешна игра со нештата што сакаш да ги кажеш“. Игра во креативна смисла на зборот, најмалку „поигрување“.

„Процесот на создавањето доаѓа со една интеракција на тоа што го доживуваш и со тоа што е стварност. Во рамките на тоа, додека е човек здрав, прав, додека му работи мозокот, секогаш неговата книга е недопишана. Недовршена. Во моментот кога тоа ќе исчезне, ќе исчезне и магијата на стварањето и тогаш можеме да зборуваме само за минатото“, вели Кондев.

Роден 1950 година во Скопје, Александар Кондев започнал да ја изучува фотографијата и фотографската техника уште во основното училиште. Тогаш активно учествувал на натпреварите по фототехника, каде освојувал и награди. На 16-годишна возраст се запознал со филмската техника која во тоа време била во подем и преставувала амбиција и интерес за голем број млади, а кон крајот на 1966 година се приклучил кон иницијативата на група ентузијасти (Драги Новаковиќ, Бранко Атанасковиќ, Вељо Велевски, Ѓорѓи Давидовски, Саша Маркус и други) за формирање градски кино клуб што била покрената од Советот на Народна техника на град Скопје. Како најмлад во оваа иницијатива станал и член на првиот управен одбор на клубот, со задача посебно да работи со младите членови.

Неговата нагласена индивидуалност го насочила неговиот интерес кон филмот и анимацијата којашто во основа е предмет на личен ангажман на еден автор, но во исто време покажувал интерес и за експериментите во играниот и документарниот филм. Со својот прв игран филм „Ден како секој ден“ освоил награда за дебитантски филм на Републичкиот фестивал на аматерскиот филм во Скопје во 1967 година. Паралелно работел на анимации и експериментални филмови. Во тој период Кино клубот „Камера 300“ претставувал место на ширење на филмската култура, но и на самообразование преку проучување на филмската техника.

Паралелно со студиите на Економскиот факултет во 1969 година, се враќа на фотографијата како член на Фото клубот „Вардар" во Скопје. Членувањето во овој клуб било проследено со учество на голем број изложби во тогашна Југославија и во странство, како и неговата прва самостојна изложба во галеријата на Домот на младите „25 Мај“ во Скопје во 1977 година.

Кондев е основач на Фото клубот „25“, каде што активно делувал и како педагог и како излагач. Во тој период, во 1979 година, ја организирал и неговата втора индивидуална изложба во Домот на младите „25 Мај“.

Во 1981 година започнал да работи во фотографското студио на „Фотоцентар“ во Скопје, каде што соработувал и со повеќе други институции и агенции во областа на фотографијата. Дел од своето време посветувал и на активности во Фото сојузот на Македонија и Југославија, каде што учествувал на бројни изложби како член или претседателот на жири. Од 1989 година работи како самостоен фотограф.

Во периодот 1994 - 2001 година предавал фотографија на Академијата за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG