Достапни линкови

Македонските женски фото дострели на изложба во Куманово


Во Изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, овој четврток, на 12 март, ќе биде отворена изложба на уметничка фотографија насловена „Жените и фотографијата“. Ќе бидат претставени дела на авторки од повеќе градови од земјава, а организатор и координатор на постановката е Фото клуб „Куманово“.

Четириесеттина фотографии на дваесеттина авторки од Куманово, Битола, Прилеп, Кавадарци, Крива Паланка и Кичево ќе бидат претставени на второто издание на постановката на уметничка фотографија „Жените и фотографијата“ што овој четврток ќе биде отворена во Изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.

Организатор и координатор на ова културно случување е новоформираниот Фото клуб „Куманово“, кој за релативно кратко време успеа да се наметне како еден од поагилните и дефинитивно релевантните во градот за кој мнозина знаат да кажат дека е Македонски центар на фотографијата.

Жените се почувствителни и посуптилни од мажите и поради тоа подобро ги забележуваат деталите. Тоа е дар на природата и со малку спретност да фати вистински кадар, излегува одлична фотографија.
Софија Петковска, претседател на Фото клуб „Куманово“.

„Ние како Фото клуб „Куманово“ започнавме со работа пред нешто повеќе од една година. Сега засега сме некаде дваесеттина членови од кои повеќето се жени, а целта ни беше на помладите и на љубителите на уметничката фотографија, посебно на оние што сакаат да се занимаваат со тоа, да им покажеме, да им објасниме што е тоа всушност уметничка фотографија. Затоа сега во тек е и курсот за уметничка фотографија за почетници со кој сакаме како најмлад клуб во градот едноставно да го прошириме своето членство“, истакнува Софија Петковска, претседателка на Фото клуб „Куманово“.

Едноставно за мене најинтересни за фотографирање се децата. Веројатно поради невиноста и искреноста што може да се прочита од нивните лица. Но, морам да кажам дека никогаш не знаете на каков момент ќе наидете и како притоа ќе изреагирате.
Софија Петковска, претседател на Фото клуб „Куманово“.

Софија Петковска, претседателка на Фото клуб „Куманово“.
Софија Петковска, претседателка на Фото клуб „Куманово“.

Говорејќи за актуелната постановка, таа забележува дека со неа имале намера да ја надминат еднаш поставената рамка и на тој начин да иницираат соработка и да се зближат со девојките, со жените од другите фото клубови од градовите во земјава. Дополнува дека таквата идеја вродила со плод и дека е навистина пријатно изненадена од интересот за изложбата и од потребата за овој вид на комуникација помеѓу авторите. Вели дека на овој начин тие и си ги потврдиле сопствените размисли дека жената не само што може да биде инспирација за фотографите, туку таа во последно време, особено овде кај нас, активно се склучува во самиот процес на фотографирање, изработка на фотографијата и пренесување на стекнатото знаење за фотографијата како уметност.

„Жените се почувствителни и посуптилни од мажите и поради тоа подобро ги забележуваат деталите. Тоа е дар на природата и со малку спретност да фати вистински кадар, излегува одлична фотографија. Во фотографијата нема кавалерство, па колегите фотографи почнаа сериозно да ги сфаќаат жените со фото апарат гледајќи ги како сериозна конкуренција. Многумина сè уште со недоверба гледаат на жените со фотоапарат во раце, некои со восхит, но несомнено заклучуваме дека тие имаат значајно место во светот на фотографија, оставајќи неизбришлив траг за кој допрва ќе се зборува“, заклучува Петковска.

Таа знае да каже дека од поодамна себе не може да си се замисли без фотоапарат во рацете, но дека со уметничка фотографија започнала да се бави пред неколку години. Работи црно бела и колор фотографија без посебно тематски да се врзува за нешто, но признава дека најмногу милува да ги фотографира децата.

„Едноставно за мене најинтересни за фотографирање се децата. Веројатно поради невиноста и искреноста што може да се прочита од нивните лица. Но, морам да кажам дека никогаш не знаете на каков момент ќе наидете и како притоа ќе изреагирате. Затоа генерално барем за сега и немам одредена тема што би сакала да ја следам низ фотографијата“, вели Петковска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG