Достапни линкови

„Фото салон Куманово“ – празник за уметничката фотографија


Фотографии на безмалку 300 автори од 56 земји од светот се претставени на деветтата Меѓународната изложба на уметничка фотографија „Фото салон Куманово 2014“, што овој петок, на 27 февруари, во 20 часот, беше отворена во просториите на Уметничката галерија – Куманово. Организатор на ова несекојдневно културно случување е Фото кино клуб „Козјак“, а беа доделени и наградите во четири категории од кои онаа именувана како „Живот“ му е посветена на Живко Јаневски, доајен на македонската новинарска фотографија.

Меѓународната изложба на уметничка фотографија „Фото салон Куманово“ не преставува обична изложба од серијата изложби кои се организираат во целиот свет. Оваа изложба на едно место ги собира сите необични, несекојдневи и имтимни моменти на авторите од целиот свет – ќе забележат вљубениците во овој медиум од Фото кино клуб „Козјак“, кои како организатори по деветти пат го потпишуваат ова несекојдневно културно случување.

Вакви изложби нема многу во светски рамки. Се одржуваат некаде околу 200 салони во различни земји. Ние поодамна ги имаме потребните лиценци за организирање на оваа изложба како што се оние на ФИАП, УПИ и ова наше случување се одржува под патронат на Фото сојузот на Македонија. Тие овде доделуваат медали и дипломи.
Дејан Ангеловски, Фото кино клуб „Козјак“.

А, на него, овојпат, во салоните на Уметничката галерија – Куманово, се претставени фотографии на безмалку 300 автори од дури 56 земји од светот кои зедоа учество на отворениот конкурс и кои се натпреваруваа во четири категории „Слободна црно-бела“, „Слободна во боја“, „Природа“ и „Живот“, која што му е посветена на Живко Јаневски, доајенот на македонската новинарска фотографија.

„Вакви изложби нема многу во светски рамки. Се одржуваат некаде околу 200 салони во различни земји. Ние поодамна ги имаме потребните лиценци за организирање на оваа изложба како што се оние на ФИАП, УПИ и ова наше случување се одржува под патронат на Фото сојузот на Македонија. Тие овде доделуваат медали и дипломи“, истакнува Дејан Ангеловски, првиот човек на Фото кино клуб „Козјак“.

Мислам дека се губи идентитетот на фотографијата. Порано се знае белезите на таа балканска фотографија, на ексјугословенската школа на фотографија, тој пристап на авторите кој што беше специфичен и генерално препознатлив во светски рамки, но сега него го нема бидејќи имаме наплив на многу фотографии од кои добар дел се со сомнителен квалитет.
Боро Рудиќ, фотограф.

Тој дополнува дека кај нас и нема многу вакви меѓународни изложби, но дека со постојните Куманово полека израсна во центар на уметничката фотографија во земјава, па и пошироко во глобални рамки. Истакнува дека нималку не е лесно да се организира еден ваков Салон и дека вообичаено активностите околу сето тоа траат некаде шест месеци и дека притоа се вклучени сите ентузијасти и вљубеници во уметничката фотографија од клубот.

„Главниот мотив на сите членови на Фото кино клуб „Козјак“ е да оставиме една трага, еден впечаток на времето во кое што живееме. Значи да заробиме еден момент од него кој што ќе го ставиме на хартија и тој ќе трае вечно. На сите ни е јасно дека колку што е постара фотографијата таа е и повредна. И во името на тоа не се штедиме при организацијата на ваквите настани. “

Инаку, вообичаено пристигнатите дела на отворениот конкурс за „Фото салон Куманово“ ги оценува еминетно жири од земјава и странство. Во случајов него го сочинуваа Боро Рудиќ мајстор на фотографија и претседател на Фото сојузот на Македонија, Раша Милоевиќ мајстор на фотографија од соседна Србија и Душко Доцевски, кандидат мајстор на фотографија. Тие беа пред тешка задача да вреднуваат некаде околу 4.000 творби и да доделат дури 75 награди.

Притоа со златен медал на ФИАП за монохромна фотографија е награден Зилаирд Варга од Унгарија, Фото сојузот на Македонија за колорна фотографија го овенча Ксијонг Ченг од Кина, признанието на Народна техника му припадна на Мухамед Јузеф од Кувајт, УПИ со злато во категоријата „Живот“ го награди Енди Полаковски од Велс, а признанието „Живко Јаневски“ појде во рацете на Олаф Ауне од Норвешка.

Наградени се и четворица фотографи учесници на конкурсот од Република Македонија. Романа Милетиќ ја освои бронзата на УПИ за лајф-фотографија, а признанија добија и Владимир Арсовски (за црно-бела фотографија), Коста Дупчинов и Игор Јанковски.

Сепак, наспроти славеничката атмосфера и потребата од засилена промоција на уметничката фотографија, оценувајќи ја понудата и местото на актуелната македонска фотографија во светски рамки, Боро Рудиќ како одличен познавач на приликите знае да каже дека постои тенденција на голема продуктивност која, пак, резултира со губење на оригиналноста.

„Мислам дека се губи идентитетот на фотографијата. Порано се знае белезите на таа балканска фотографија, на ексјугословенската школа на фотографија, тој пристап на авторите кој што беше специфичен и генерално препознатлив во светски рамки, но сега него го нема бидејќи имаме наплив на многу фотографии од кои добар дел се со сомнителен квалитет. И секогаш е проблем кога жирирате и ги оценувате, кога се обидувате да го извлечете она најдоброто од понудата, она суштественото, да се изгубите. Јас лично притоа се раководам тие дела да го поседуваат оригиналниот пристап. Тие фотографии не мора да бидат технички супериорни, но мора да избегаат од манирот во работата присутен кај мнозина од Индија до Америка. Таа иста балканска приказна е специфика и за нашиве простори. Имаме многу добри фотографи, но нивните оригинални дела се губат во напливот од сенекакви фотографии.“

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG