Достапни линкови

Верица Стојановиќ со проектот „Јас сум слободна“ во галерија Ко-Ра


„Јас сум слободна“ („I am free“) е насловен проектот на младата уметница и дизајнерка Верица Стојановиќ, што ќе биде претставен утре вечер на 20 февруари, во 19.30 часот, во галеријата „КО-РА“, во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје. Станува збор за изложба на фотографии придружена со перформанс со кои таа го поставува прашањето „дали светот на уметноста му нуди на уметникот потполна слобода за изразување на сопствените ставови“.

На изложбата ќе биде претставена серија на фотографии на која младата уметница Верица Стојановиќ работела минатата година поттикната од општествените проблеми кои што не опкружуваат.

Во општество каде секој секого цензурира и секој почнува да се автоцензурира, решив своите емоции, својата затвореност, цензура и автоцензура да ги извадам на виделина. Решив да дадам изјава нималку не надевајќи се дека тоа ќе промени нешто.
Верица Стојановиќ, уметница.

„Во општество каде секој секого цензурира и секој почнува да се автоцензурира, решив своите емоции, својата затвореност, цензура и автоцензура да ги извадам на виделина. Решив да дадам изјава нималку не надевајќи се дека тоа ќе промени нешто“, вели авторката.

Верица Стојановиќ.
Верица Стојановиќ.

Како што забележува Маја Кировска, нејзина кураторка и професорка на постдипломските студии на Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет во Скопје, Стојановиќ на оваа тема, а тоа се проблемите на кои ниту во минатото, а ниту денес не е сосема имуно ниедно општество, и дава една универзална форма со што ги надминува локалните граници и таа добива општочовечка димензија.

Во обработката на оваа тема таа поаѓа од својата лична позиција, а тоа е позиција на уметник кој се наоѓа пред задачата да твори.
Маја Кировска, кураторка.

„Во обработката на оваа тема таа поаѓа од својата лична позиција, а тоа е позиција на уметник кој се наоѓа пред задачата да твори. Иако многу теоретичари сметале дека уметноста е поле каде човекот може да доживее потполна слобода, прашањето кое го поставува авторката е дали светот на уметноста му нуди на уметникот потполна слобода за изразување на сопствените ставови. Преку фотографски приказ на седум уметници од различни области Верица ги разгледува причините кои го тераат авторот да го ублажи својот говор или да прикрие одредени искази зад симболични претстави, двосмисленост која отсекогаш им помагала на уметниците да ги избегнат реперкусиите по својата положба. Нејзиниот страв, од друга страна, произлегува и од можноста важните ставови да се изгубат во масата и да поминат незабележано“, истакнува Кировска.

Верица Стојановиќ, пак, во пресрет на обнародувањето на проектот „Јас сум слободна!“ („I am free“), меѓу другото ќе запише:

„Земи неколку мигови да ги видиш рефлексиите на мојата душа во мојата уметност. Земи неколку мигови да ја видиш рефлексијата на твојата душа во мојата. Земи неколку мигови да дишеш.

Зјапај во твоите сироти чувства кои се плашиш да ги изразиш. Зјапај во твојот мизерен крик кој требаше да го вриснеш, пред да ја ставиш маската гледајќи само црна темнина. Зјапај во твојата мизерно очајна врска со ова општество.

Фрли поглед кон твоето незадоволство и немоќ, кои ги чувствуваш овде, во оваа скапана заедница во која живееш. Откриј ја ужасната вистина на останувањето овде.

Твојата мисија ќе биде брзо завршена, одкога ке сфатиш каде се наоѓаш. Ова е изборот кој го имаш. Само избери еден куршум или еби си мајката од ова општество.

Ќе бев погласна, но ова е најдалеку што мојата автоцензура ми дозволува да одам.“

Кон ова само уште информацијата дека перформансот во реален простор и време ја материјализира идејата на авторката и го надополнува концептот. Притоа звукот е важен, составен дел на перформансот, а за целосно доловување на атмосферата него го изработи Андреј Анчевски.

„Звукот го следи перформансот или перформансот го следи звукот. Како што се развива дејството на перформансот така оди музиката. Во неа има многу шумови, дисторзии, басови, бучава. Ќе биде доста гласно, моќно, дури и напорно“, појаснува уметницата.

Инаку, родена во Скопје Верица Стојановиќ дипломирала графички дизајн на Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет. Досега има учествувано на повеќе групни изложби, а ова е нејзино прво самостојно претставување.

Зад себе има голем број проекти од областа на дизајнот со кои учествувала на повеќе натпревари, а искуство стекнувала од млади години преку соработката со грчкиот фотограф Александрос Стаматиу, работејќи архитектурна и ентериерна фотографија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG