Достапни линкови

Бездомникот ДЛУМ со 61-та годишна изложба


Во Националната галерија на Македонија – објект „Мала станица“ вечерва во 20 часот, ќе биде отворена традиционалната 61-ва Годишна изложба на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Ќе бидат претставени дела на 83 автори членови на оваа наша асоцијација, Уметничкиот совет ќе ги додели признанијата од кои најзначајни се наградите „Нерешки мајстори“ за сликарство и „Јордан Грабул“ за скулптура, а во рамките на ревијалната изложба ќе се реализира и постхумна поставка во чест на сликарот Милош Коџоман.

Дела на 83 творци, членови на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, ќе бидат изложени на 61-та традиционална Годишна изложба на нашата национална асоцијација што ќе биде отворена овој четврток, на 12 февруари, во 20 часот, во Националната галерија на Македонија – објект „Мала станица“ во Скопје.

На некој начин ДЛУМ е бездомник. Зашто? Нема свој простор за административно техничкиот персонал. Нема простор за депонирање на сликите од колекцијата. Нема изложбен салон. Притоа не зборуваме за репрезентативен салон. Значи воопшто ги нема овие простори.
Данчо Ордев, претседател на Уметничкиот совет на Годишна изложба на ДЛУМ.

Во пресрет на оваа ревијална постановка, познатиот сликар проф. д-р Данчо Ордев, претседател на Уметничкиот совет, забележува дека таа доаѓа во моментите кога ДЛУМ преживува. Вели дека се трудат да го одржуваат континуитетот на манифестациите како оваа изложба, Зимски салон и други, но дека се соочуваат со една навистина сериозна ситуација во своето седумдецениско постоење.

„На некој начин ДЛУМ е бездомник. Зашто? Нема свој простор за административно техничкиот персонал. Нема простор за депонирање на сликите од колекцијата. Нема изложбен салон. Притоа не зборуваме за репрезентативен салон. Значи воопшто ги нема овие простори“, вели тој.

Фундусот, богатата колекција на ДЛУМ ние ја осиромашивме што некои заостанати долгови со години ги враќаме со компензација. Ги враќаме со компензација од делата од авторите. И ние сега имаме скоро, можеби не преполовена, но секако многу осиромашена колекција. Не можеме веќе да се пофалиме со богата збирка на дела. Напротив.
Данчо Ордев, претседател на Уметничкиот совет на Годишна изложба на ДЛУМ.

Ордев истакнува дека не би сакал да прави споредби, но дека кога тоа би го сториле со асоцијациите на соседните земји како Србија, Хрватска или Бугарија, би виделе дека тие одамна раскрстиле со овие проблеми и дека нивните салони се посебност на центрите на градовите каде што се наоѓаат. Тој дополнува дека е прашање колку и како актуелната Годишна изложба ќе ги покаже квалитетите на македонското ликовно творештво, но потенцира дека тие како асоцијација треба да бидат присутни во културната јавност. Та дури и во едни вакви неблагопријатни услови за делување, затоа што се свесни дека Друштвото е репрезент на македонската ликовна култура и дека е нивна должност да се ангажираат во нејзината промоција во земјава и во светот. Потенцира дека ваквата состојба не е од вчера, дека е наследена и дека се влече со силни реперкусии до денес.

„Фундусот, богатата колекција на ДЛУМ ние ја осиромашивме што некои заостанати долгови со години ги враќаме со компензација. Ги враќаме со компензација од делата од авторите. И ние сега имаме скоро, можеби не преполовена, но секако многу осиромашена колекција. Не можеме веќе да се пофалиме со богата збирка на дела. Напротив. Еве сега и киријата во АРМ исто така ја плаќаме со компензација. А, сме Друштво на ликовни уметници на Македонија со 69 години постоење. Значи нè има од раѓањето на Република Македонија“, вели Ордев.

Во рамките на оваа 61-ва Годишна изложба на ДЛУМ ќе се одржи и постхумна постановка во чест на сликарот Милош Коџоман. Во каталогот за ова случување, во инспиративниот и емотивен текст насловен „Творештво за животот“, професор Небојша Вилиќ меѓу другото ќе забележи:

„Велат: секој оној кој се бори со стравот од смртта е – творец, но не поради тоа што се плаши од неа, туку поради тоа што се плаши од заборавот, тој се бори со заборавот. Затоа, велат, тој твори. Милош твореше и живееше. Животот беше во секој негов миг, во секој негов двиг, во секое негово дело. Со тоа, со своето творење, со своето живеење баш така, тој го победи сопствениот страв од заборавот, а со тоа и самиот заборав“, вели Вилиќ.

Инаку, вообичаено, на овој настан ќе бидат доделени и годишните награди на ДЛУМ. И токму „Нерешки мајстори“ за сликарство овојпат постхумно му е доделена на Милош Коџоман, наградата „Лазар Личеноски“ му припадна на Гоце Божурски, „Димитар Кондовски“ на Марјана Костојчиновска Узунчева, „Петар Мазев“ на Дороти Пачкова, „Јордан Грабул“ за скулптура на Слободан Милошевски, а добитник на признанието од фамилијата на Никола Иванов Балтон е уметницата Анета Ивановска Симјановска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG