Достапни линкови

Алтипармаков со The Hip – Reality overdrive во берлинскиот Прима центар


Јане Алтипармаков, режисер.
Јане Алтипармаков, режисер.

Филмот The Hip – Reality Overdrive на Јане Алтипармаков, овој петок, на 20 ноември, по неколкуте промоции во земјава, ќе биде претставен и во берлинскиот Прима центар. Станува збор за визуелен ремикс и за еден вид на внатрешно патување на режисерот базирано на музиката и поетиката на THE HIP, култниот кумановски бенд и едно од скриените богатства на македонската алтернативна сцена.

Режисерот Јане Алтипармаков сними филм за еден од своите омилени бендови од 1990-те, кумановскиот THE HIP. Работен во последниве три години, во консултација со Љубиша Петрушевски, човекот кој со сиот свој авторски и менаџерски габарит стоеше зад составот, но и зад сите значајни случувања на тамошната алтернативна сцена во дадениот период, The Hip – Reality Overdrive е всушност колаж кој на виделина ги изнесува влијанијата од литературата, филмот и сликарството врз творештвото на овој арт-колектив.

Тоа внатрешно патување е нешто што ми се случуваше, да речеме, и генерално овие години и сето тоа се рефлектираше врз работата. Освен тоа, самите влијанија што визуелно некако ми се процесираа се блиски до тој филм. Да речам тој некаков метафизички експериментален филм кој што е базиран на такви внатрешни самооткривања.
Јане Алтипармаков, режисер.

Згора на тоа и еден вид на внатрешно патување во кое се вткаени себеиспитувањето, самоанализата, себепронаоѓањето, кулминацијата на сензациите и уживањето во уметноста. Дело во кое камерата е на Наташа Гелева, за монтажата беа задолжени Владимир Петровски Картер, Дарко Стефановски и Димитар Илиевски, и во кое сем членовите на THE HIP учество зеле Ања Илиева и Сања Костовска. Проект кој се појави како издание на неуморните Пи-Ем-Џи Рикордингс.

„Тоа внатрешно патување е нешто што ми се случуваше, да речеме, и генерално овие години и сето тоа се рефлектираше врз работата. Освен тоа, самите влијанија што визуелно некако ми се процесираа се блиски до тој филм. Да речам тој некаков метафизички експериментален филм кој што е базиран на такви внатрешни самооткривања. Така некако, во суштина, работите се искомбинираа. Нешто што во тој период ми се случуваше рефлектирано на визуелен план, плус се разбира сите тие културолошки влијанија кои што музиката на THE HIP си ги носела тогаш, а си ги носи и ден денес како некој вид скриена порака“, вели Алтипармаков.

Тој знае да каже дека по сите вакви потраги, од нивни заколнат фан до автор кој решил да потпише филмска сторија за својот омилен бенд, сликата за харизматичните THE HIP кај него не се сменила, туку само се зацврстиле некои гледишта што своевремено само ги насетувал.

„Искрено речено, THE HIP сè уште ги гледам како подзаборавено културолошко, рокенрол богатство, бидејќи таков тип на бенд кај нас немало. Дефинитивно сме имале и имаме одлични, добри бендови, арно ама бенд, како нив исполнет токму со езотерични влијанија од западната книжевност и воопшто уметноста, сепак немало и штета што тој проект не успеа да заживее како што треба. Како што заслужуваше. Но, тоа е веќе некоја друга приказна којашто најверојатно ќе ја разработиме на второто ДВД чие излегува е планирано за наредната година“, вели тој.

Тој појаснува дека со неговото скорешно обелоденување би се заокружила сторијата за THE HIP и дополнува дека за кумановската алтернативна сцена би требало да се направи еден засебен документарец, „бидејќи во последно време, од таму некаде 2003 година наваму, се појавија еден куп интересни бендови кои што дефинитивно заслужуваат да бидат ставени во некоја самосвојна приказна“.

„Ова реално е едночасовен видео арт. Живее на еден начин, а со таа документарна приказна ќе биде заокружена целава сторија и ќе бидат одговорени некои прашања кои што сега се наметнуваат, а кои намерно ги оставивме неодговорени во ова издание. Така конечно гледачот што ќе успее да си набави копија од сепак ограничениот тираж и ќе го погледне проектот ќе има можност да се запраша што е сето тоа и потем доволно време сето тоа да го испроцесира“, вели тој.

Со оглед на тоа дека во филмот е бележито влијанието од сликарството, а згора на тоа за него се специјално насликани и неколку дела од млади македонски уметници, тогаш не случајно е што „The Hip – Reality Overdrive“ е одбран да биде проектиран пред публиката во берлинскиот Прима центар.

„Целата таа комбинација на рокенрол, на живи бои, на некои теми коишто се внатрешно патување, тоа е нешто што му остави впечаток на Јован Балов како уметник и прв човек на Прима центар и фактички така дојдовме до оваа соработка. Сега засега таму ќе останеме со формата на класична проекција, но во иднина околу овие промоции во странство би можеле да направиме и некоја помултимедијална варијанта зачинета со изложба, едновремена проекција на делото на повеќе ѕидови и слично. Со самото тоа што сега сме во галериски простор, а не во класична кино-сала, веќе однапред на целиот проект му дава некоја условно земена мултимедијална нишка“, вели тој.

Јане Алтипармаков е режисер, музички критичар, диџеј и радио водител. Тој е автор на неколку музички видео клипови, краткометражни и документарни филмови, а беше и еден од творците што го потпишаа омнибусот „Скопје ремикс“, кој патем доби специјалната награда за иновативност на Фестивалот на балкански филм во Поградец, Република Албанија.

Неговите остварувања се прикажувани на повеќе манифестации кај нас и во светот, а освен актуелниот ангажман врз вториот дел од проектот за THE HIP, тој работи и како асистент-режисер на шведскиот филм „Затнати усти“ чија премиера се очекува во 2016 година.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG