Достапни линкови

Женските портрети на Агрон Салиу претставени во Виена


Дванаесет женски портрети, масло на картон, одбрани од циклусот „Во исчекување“ на Агрон Салиу, од 6 до 18 јули, се изложени во галеријата „Кунстраум“ во Виена, Австрија. Станува збор за нова самостојна постановка на младиот тетовски сликар кој полека но сигурно го започнува својот стамен од на интернационалната ликовна сцена.

Оваа прва моја самостојна изложба во Австрија ги надмина сите мои очекувања. Им благодарам на организаторите, на луѓето од Галеријата во Виена, за поддршката што ми ја дадоа во реализацијата на постановката и посебно на тамошната ликовна публика која со нагласено внимание го проследи настанот. Овие денови навистина се чувствував посебно.

Во Виена одбрав да се претставам со портрети на понежниот пол затоа што жената е плодност на човековото битие. И секогаш сме во исчекување да се раѓаат убави нешта онаму каде што живееме и твориме. Токму и затоа сакав таму да се претставам со женскиот портрет, со тематиката која нагласено е присутна и во поранешните мои самостојни изложби.
Агрон Салиу, сликар.

Вака младиот тетовски уметник Агрон Салиу, со неколку реченици, ќе го опише сопственото задоволство од последното претставување на своите дела. Тој, во периодот од 6 до 18 јули, во галеријата „Кунстраум“ во Виена, претстави 12 слики, масло на картон. Ова е трето негово претставување во некој од европските центри и на изложбата тој на ликовната публика во австриската метропола и претстави самосвојна целина од неговите женски асоцијативни портрети.

„Во Виена одбрав да се претставам со портрети на понежниот пол затоа што жената е плодност на човековото битие. И секогаш сме во исчекување да се раѓаат убави нешта онаму каде што живееме и твориме. Токму и затоа сакав таму да се претставам со женскиот портрет, со тематиката која нагласено е присутна и во поранешните мои самостојни изложби“, вели Салиу.

Јас сликам асоцијативно и во секое дело има детали од различни ситуации. Не ги портретирам луѓето целосно туку земам само по некој акцент од нивниот лик, карактер, емоција и сето тоа го пропуштам да помине низ мене.
Агрон Салиу, сликар.

Роден 1984 година, Агрон Салиу дипломирал сликарство на Државниот универзитетот во родното Тетово, на Факултетот за уметност, во класата на професор Илиријан Беќири. Самостојно изложувал во градот под Шара (Уметничка галерија), во Куманово и во Скопје(Старата градска библиотека и Културно информативен центар – 2012), во Париз („Сите интернасионал дес Артс“) и во Берлин (Прима центар), а учесник е и на повеќе групни постановки во земјава и во странство и на неколку семинари и уметнички хепенинзи.

За неговото творештво, есеистот Бардуљ Заими, во една пригода ќе забележи дека секоја линија и секоја боја како да се обидуваат да ја сфатат најдлабоката темнина на човекот, честичките на страст и разочарување што лебдат во просторот. Тој потенцира дека Агрон Салиу, со овие слики, со многу креативност и сигурност стапнува во светот на уметноста. Вели дека авторот на публиката ѝ дарува мноштво на портрети кои остануваат универзуми и на неговите сопствени чувства.

Сликарот, пак, знае да каже дека неговите портрети се експресивни, асоцијативни и дека вообичаено донесуваат галерија на нему драги, сосема обични луѓе од народот.

„Секој портрет има лик на некој. Тоа му доаѓа како енигма во моето творештво. И токму затоа мнозина знаат да кажат дека овој лик му личи на оној човек и слично. Јас сликам асоцијативно и во секое дело има детали од различни ситуации. Не ги портретирам луѓето целосно туку земам само по некој акцент од нивниот лик, карактер, емоција и сето тоа го пропуштам да помине низ мене. Затоа секое мое дело донесува нешто свесно или несвесно. Во моментот кога чувството станува цртеж, кога добива форма или боја вие едноставно ништо повеќе не можете да контролирате“, вели уметникот.

Конечно, Агрон Салиу стамено и со многу верба во сопственото творештво зачекорува на интернационалната ликовна сцена. Тој, по постановките во Париз, Берлин и сега во Виена, не крие дека ова за него е „почеток на остварувањето на неговиот младешки сон“, но и вовед во еден период на макотрпна авторска работа и реализација на плановите за натамошни претставувања.

„Се надевам дека во периодов што следува ќе остварам и други контакти со галеристи за претставувања во регионов. Би сакал да ги изложам овие дела овде кај нас на Балканот, а ќе се обидам да се пробијам и со моите цртежи кои сем виртуелно, не сум имал прилика да ѝ ги понудам на публиката“, вели Салиу.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG