Исмет Рамичевиќ, Методи Ангелов, Атанас Ботев, Вана Урошевиќ, Ирена Паскали, Александар Станковски, Велимир Жерновски, Ѓорѓе Јовановиќ, Марија Сотировска, Дијана Богдановска, Игор Сековски, Славица Јанешлиева, ОПА, Михаела Јовановска, колективот ЗЕРО, Димче Димески, Игор Тошевски, Гоце Наневски, Дарко Алексовски, Крунислав Стојановски, Зени Балажи, Мирна Арсовска, Зорица Зафировска, Александар Спасоски и Жанета Вангели се 25-те македонски современи уметници чии дела се претставени на изложбата насловена како „Есенција на егзистенцијата“, што од 30 јуни до 27 јули, се одвива во галеријата Лауба, во Загреб – Хрватска.
Изложбата е некако локално концентрирана, меѓутоа колку локално, тие прашања се и глобално актуелни. Доста беа актуелни и во Загреб бидејќи сме сродни како нации и со сродни проблеми се соочуваме во нашето секојдневие. Изложбата сама по себе е на некој начин и критична во однос на тоа какво општествено секојдневие имаме и со какви општествено-социјални проблеми се соочуваме.Ана Франговска, кураторка.
Станува збор за уметнички концепт, кој, користејќи различни медиуми за визуелна експресија - од класични како сликарство, графика, скулптура, преку инсталации, објекти, фотографија, па сè до видео проекции, дигитални принтови, перформанси, звучни инсталации, се обраќа кон разни сфери од секојдневието, од животот, постоењето, перцепции кои од различен аспект приоѓаат кон суштината на ентитетот, на опстојувањето, на функционирањето.
Колегите од Музеј на современа уметност од Загреб имаа одлични коментари за самата изложба.Маја Чанкуловска Михајловска, кураторка.
Ана Франговска, која заедно со Маја Чанкуловска Михајловска и Горанчо Ѓорѓиевски се куратори на постановката, вели дека всушност концептот се однесува на разгледување на различни аспекти за тоа како македонскиот современ уметник ја разбира суштината на постоењето, на егзистирањето, ѕидана низ повеќе нивоа, низ повеќе аспекти на секојдневниот живот, општествен, социјален и индивидуален. Дополнува дека самата постановка им била организирана во групи со оглед на тоа на кој аспект од егзистенцијата се однесува конкретното дело. Дали станува збор за политика и моќ, религија, за храна, љубов, идентитет или, пак, станува збор за некаква меморија и сеќавање или припадност. Таа појаснува дека сите тие аспекти се концептите или дискурсите зад кои се обраќа македонскиот современ уметник и коишто, според кураторите, се клучни за да го кажат тој момент на општо гледано „Есенција на егзистенцијата“.
„Изложбата е некако локално концентрирана, меѓутоа колку локално, тие прашања се и глобално актуелни. Доста беа актуелни и во Загреб бидејќи сме сродни како нации и со сродни проблеми се соочуваме во нашето секојдневие. Изложбата сама по себе е на некој начин и критична во однос на тоа какво општествено секојдневие имаме и со какви општествено-социјални проблеми се соочуваме“, вели Франговска.
Според Маја Чанкуловска Михајловска, изложбата „Есенција на егзистенцијата“ предизвикала голем интерес кај загрепската културна јавност. Уште пред незиното отворање во галеријата Лауба кураторите дале изјави за тамошните печатени медиуми и радио и телевизиски станици, на националната ХРТ бил емитуван и засебен прилог за постановката, а особено бележити биле реакциите на присутната публика и нивните колеги и ликовни проследувачи.
„Колегите од Музеј на современа уметност од Загреб имаа одлични коментари за самата изложба. Така Нада Берош беше искрено воодушевена од она што го виде. Таа рече дека ова е многу храбар потег од наша страна да претставиме дел од македонската современа сцена во земјите од регионов и дека ним ова им е драгоцена информација за она што се случува кај нас по распадот на заедничката држава“, вели таа.
Инаку, „Есенција на егзистенцијата“ во декември годинава, во Националната галерија на Македонија, ќе ѝ биде претставена и на домашната културна јавност, по што следуваат поставките во Народниот музеј на Црна Гора и во некоја од галериите во Приштина, во соседно Косово.