Достапни линкови

Боуви во објективот на Рашиќ за почеток на Скопје синема сити


Тринаесет одбрани остварувања од странска и домашна продукција, од кои некои премиерно, ќе бидат прикажани на првиот Фестивал на музички документарни филмови „Скопје синема сити“, што од 1-ви до 5-ти јули, ќе се одржи во Сули ан, на Факултетот за ликовни уметности, и уште на неколку локации во градот. Манифестацијата која што се одржува во рамките на актуелното Скопско лето ќе биде отворена со фотоизложба на славниот Бранислав Рашиќ посветена на рок иконата Дејвид Боуви.

Во времево на искривоколчени вредности и „икс-факторизирана“ сурова реалност, урбано Скопје, та генерално и нашата (суб)културна сцена, добиваат уште една манифестација која што може да биде искра надеж против турбоидното мракобесие. Од среда, па во наредните пет дена, во Сули ан, на Факултетот за ликовни уметности и уште на неколку локации во градот, ќе се одржи првиот Интернационален фестивал на музички документарни филмови „Скопје синема сити“.

Идејата е на различни локации во градот да се поставуваат кина и со тоа да се збогати филмската понуда. Главен акцент е ставен на современата музика и ова генерално е фестивал посветен на музичките документарни филмови.
Ненад Георгиевски, уметнички директор на „Скопје синема сити“.

„Скопје синема сити“ е заеднички потфат на организацијата НОМАД и на Скопско лето во соработка со Кинотека на Македонија. Идејата е на различни локации во градот да се поставуваат кина и со тоа да се збогати филмската понуда. Главен акцент е ставен на современата музика и ова генерално е фестивал посветен на музичките документарни филмови. Замислен е како платформа каде централно место, главна тема е музиката, но тука и не завршува целата негова приказна. Затоа и спектарот на филмови кои што ќе бидат понудени е широк, богат и се надеваме дека ќе допре до различни групации на луѓе“, вели Ненад Георгиевски, уметнички директор на Фестивалот .

Бранислав Брајан Рашиќ, фотограф.
Бранислав Брајан Рашиќ, фотограф.

Тој дополнува дека за отворањето е планирана изложба на фотографии од рокенрол камелеонот Дејвид Боуви, дело на славниот сега британски фотограф Бранислав Брајан Рашиќ, кого мнозина добро го помнат по неговите снимки на хероите на некогашниот југословенски рокенрол.

На постановката на која ќе присуствува и нејзиниот автор ќе бидат изложени десетици концертни фотографии на Боуви, снимани почнувајќи од неговата турнеја во 1983 година, па се до последните серии настапи од 2002 и 2006 година, пред неговото последно неколкугодишно повлекување од сцена. Изложбата, која патем беше најавена и на официјалниот профил на култниот музичар, има хуманитарен карактер, фотографите ќе бидат понудени на продажба, а собраните средства ќе им бидат донирани на децата без родители.

„Концептуално првиот ден е посветен на Дејвид Боуви и покрај изложбата ексклузивно ќе понуди и неколку одлични документарци за него како „Дејвид Боуви – стариот актер“ на Алан Јентоб и „Берлин – инспириран од Дејвид Боуви“ на Вили Асгеирсон од Исланд, та дури планираме да вртиме винили од неговите албумски изданија што ги добивме неодамна а кои се објавени за специјализираната холандска издавачка куќа за плочи „Мјузик он вајнал“, појаснува Георгиевски.

Според него секоја година фестивалот ќе има различна земја-партнер, а овојпат тоа е Германија. Од таму, со поддршка на Германската амбасада во Скопје, на „Скопје синема сити 2015“ се очекува да допатува режисерот Ули Шупел, инаку автор на одличниот документарец „Ник Кејв-Патот до Господ знае каде“ што мнозина имаат можност да го видат на последното издание на „Синедејс“.

А, кога сме веќе кај содржините на случувањето публиката ќе има можност да ги проследи и делата посветени на еден од најзначајните афрички музичари воопшто – легендарниот Али Фарка Туре, феноменалниот „Преку мостот: Звукот на Истанбул“ на германскиот Турчин - Фатих Акин, потем оние каде се говори за творештвото и музиките на групите „Меконс“, „Пруденс“ и, над се*, на непрежалените бостонски „Морфин“ („Патот на соништата“ на Марк Шуман), кои во деценијата и половина наназад уживаа култен статус во градов.

На фестивалот од домашната продукција ќе бидат емитувани „Јас сум андерграунд“, посветен на харизматичните „Шутка рома рап“ и одличниот „Денот да е радосен“ на Љубица Поповска посветен на колективот „Културно-уметнички работници“, а планирано е и да се случат премиерните прикажувања на „Уметници за жици - Гиевски“ на Александар Јанковиќ и Александар Даутовски и „Дом на млади – Штип“ на Тања Симоновска.

Покрај филмската програма, во рамки на фестивалот на 2,3 и 4 јули во клубот „Менада“ ќе бидат организирани работилници, предавања и мастер-класови за филмска музика, музичка продукција и културен менаџмент.

Кон ова само уште информацијата дека репризите на дел од прикажуваните филмови на „Скопје синема сити“ ќе се прикажуваат во Кинотека на Македонија и во „Менада“, каде секоја фестивалска вечер ќе биде заокружена со перформанси на локалните артисти и бендови.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG