Достапни линкови

„ОФ-ФЕСТ 2015“ обоен од пустинскиот бунтовнички блуз


ТИНАРИВЕН, музичка група од Мали.
ТИНАРИВЕН, музичка група од Мали.

Седум музички групи и изведувачи од три светски континенти, артисти како Басеку Коујате, Бубакар Траоре, Хинди Захра, ТИНАРИВЕН и други, распоредени во пет богати концертни вечери, ќе настапат на програмата на 14-то издание на Оф-фест, кој во организација на Скопскиот џез фестивал, ќе се одржи од 28 мај до 1 јуни во Младинскиот културен центар. Годинава во фокусот на манифестацијата е музичката култура на Мали.

Во времево на „пучеви“ и „бомби“, демонтажи на системот и крајно искривоколчени вредности, силни атаци на „турбо-тројките“ од север, веста со програмата за 14-тиот Оф-фест им доаѓа како мевлем на лута рана на сите оние кои не сакаат да се збогуваат со сопствената обичност. Со потребата да се биде нормален во сеопштото лудило и наново да се разбуди бунтот во секој од нас. Да фрлиме поглед подалеку од хоризонтот и да ја подгрееме вербата дека и вакви какви што сме, сепак сме дел од несовршениот свет и неговата пулсирачка ритмичност.

Хинди Захра.
Хинди Захра.

А, еве ги и причините за тоа. Оф-фест, манифестацијата која се извиши до вистински репрезент на сите бои на музиката од светот, овојпат ќе започне на 28 мај со перформансот на ЏАМБИНАИ, иновативниот пост-рок/ворлд-мјузик состав и во моментов највозбудливата корејска музичка атракција.

Интересно е притоа што во една таква драматична состојба во која што живее тој народ од северниот дел на Мали музичарите се уште не се предаваат и оставаат да живее и пулсира она што таму инаку е официјално забрането – музиката.
Оливер Белопета, „Скопје џез фестивал“.

Два дена подоцна, во сабота на 30 мај, двојна програма. Најнапред поклониците на магијата на португалското фадо ќе и се насладуваат на Лула Пена, која традиционалната форма ја збогатува со влијанијата на фолк музиката, француската шансона, морната и бразилската боса-нова, за да потем со нагласено внимание биде проследен и настапот на Мароканката Хинди Захра, која од париските плочници тргна во големо освојување. Таа во Скопје доаѓа со хитовите од првенецот „Handmade“ и надоаѓачкиот „Homeland“ и искуство повеќе од соработката со режисерите Тала Хадид и Фатих Акин.

Бубакар Траоре.
Бубакар Траоре.

Современата македонска звуковност и потрагата по нашиот автентичен музички јазик ќе биде сторена со настапот на „Чалгија саунд систем“ (недела, 31 мај), а исклучително е важно тоа што на 14-от „Оф-фест“ фокусот во програмата ќе биде ставен на музичката култура на Мали. Во рамките на ваквата заложба ќе настапат три значајни музички имиња од овој регион на Западна Африка.

На првата вечер од манифестацијата ќе го видиме и чуеме Басеку Којате, мајсторот на традиционалниот инструмент „нгони“ и неговиот еклектичен состав НГОНИ БА, кои ќе го претстават својот актуелен албум „Ba Power“ со кој го зацементираа уверувањето дека со години се еден од највозбудливите звуковни продукти кои доаѓаат од Црниот континент.

Музичката приказна продолжува следната вечер (29 мај) за кога е предвиден концертот на легендарниот блуз гитарист и симболот на независноста на Мали – Бубакар Траоре, за да конечно заложбата својата заокруженост ја добие со долгоочекуваниот концерт на големата светска пустинска атракција и громогласните музички бунтовници ТИНАРИВЕН што е планирано да се одржи на 1 јуни, последниот ден од манифестацијата.

Оливер Белопета, првиот човек на „Скопје џез фестивал“ организаторот на случувањето, вели дека овојпат фокусот е ставен врз Мали поради неколку причини. Појаснува дека тие од оваа држава досега на „Оф-фест“ имале поголем број на многу познати музички исполнители како ТАМИКРЕСТ и ТЕРАКАФТна пример, дека Мали е веројатно една од најсиромашните земји во светот но и една од музички најсилните и токму затоа се решиле за една ваква солуција. Дополнува дека на тој начин ќе им бидат домаќини на три големи имиња чија активност далеку ги надминува границите на нивната татковина и кои од поодамна се израснати во привилегии на светските фестивалски сцени. Згора на тоа и дека ваквото посегање има пошироки индикации кои можеме да ги поврземе со глобалните, но и со настаните во нашава земја.

„После долги години на нормален, дури и прекрасен живот на различни етнички групации и прилично развиена демократија, во 2012 година северниот дел од Мали беше комплетно окупиран од исламските радикалисти и културата наполно уништена. Интересно е притоа што во една таква драматична состојба во која што живее тој народ од северниот дел на Мали музичарите се уште не се предаваат и оставаат да живее и пулсира она што таму инаку е официјално забрането – музиката. За жал, значи една прекрасна земја доживеа агресија со исклучително задоцнета интервенција на меѓународната заедница која на некој начин со таквото задоцнување и самата стана виновник за тоа што се случува во Мали денес“, вели Белопета.

Кон ова само уште информацијата дека во рамките на 14-от „Оф-фест“ ќе бидат прикажани и два музички документарни филмови - „Ќе пејам за тебе“, приказна за легендата Бубакар Траоре и „Последната песна пред војната“, документарецот посветен на прочуениот “Фестивал во пустината“ кој се одржува во Мали.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG