Во рецензијата за „Црни дупки во нас“, седмата авторска објава на Марта Маркоска, професор Иван Џепароски забележува:
„…на астрономите и на физичарите треба да им се остави научното толкување на „црните дупки“, но кога поетите и поетесите „црните дупки“ ќе ги префрлат „во нас“, тогаш тие црни дупки почнуваат внатре во нас „поетски да домуваат“ наоѓајќи си свое поетско „прибежиште во методот“. Па дури и тогаш кога ова прибежиште не е ништо друго освен пост фестум согледба за „Ентропијата на љубовта“ ...“
Ни на гради пишувам, ни за награди. Товарот од плеќи го истресувам на хартија за да си се успокојам. Пишувањето не е спортска дисциплина, па човек да пишува за награди.Марта Маркоска, уметник.
Од друга страна, пак, проф. Билjана Перчинкова во своите импресии за делото пишува:
„…Песните на Марта Маркоска се зен коани стегнати како тупаница; тие се врел костен во устата што ниту може да се проголта, ниту да се исплука сè додека живата пулсирачка реалност не блесне пред нас неотповикливо. Како и сèпостоењето, таа е во копнеж да се спознае самата себе. Таа е „ѕвезда што колабирала во сопствената гравитација“ (како во „Квантната теорема на љубовта“) и сега бестелесна се враќа наназад во простор-времето. Марта ги множи своите поетски (не)равенки со минус еден, исто како и генијалниот квантен физичар Ричард Фајнмен пред неа, добивајќи така електрон што ни се враќа од иднината наместо позитрон којшто патува од минатото.“
Книгата ги содржи циклусите: „Животот е циклус (циркус)“, „Катахрезис на духот“, „Применети знаења“, „Плоштини на љубовта“, „Холограм на среќата“ и „Црни дупки во нас“, а минатата 2014 година за неа поетесата ја доби наградата „Бели мугри“. Ова на Маркоска и е второ значајно книжевно признание по она од 2012 кога за збирката песни „Стрмоглаво кон височините“ беше овенчана со наградата „Ацо Караманов“.
Говорејќи за ваквите творечки дострели, за поривот за пишување таа вели:
„Ни на гради пишувам, ни за награди. Товарот од плеќи го истресувам на хартија за да си се успокојам. Пишувањето не е спортска дисциплина, па човек да пишува за награди. Оти наградите не му се загарантирани па макар и сто книги да напише. Во пишувањето не се натпреваруваш со никого освен со себеси. Сам си. Ти и твојата публика. Читателската публика е најдобар репер за делото, не наградите. Мојата клаузула е: пишувам, значи – постојам. Значи Сум. Значи добивам идентитет. Значи (се) спознавам. Значи домувам некаде....
Зошто пишувам е исто како да прашате некој земјоделец зошто си ја копа нивата или некој програмер зошто е цел ден пред компјутер или, пак, некој билдер зошто неколкупати неделно оди во теретана. Тоа е нешто што си. Некој кој си. Но, најважно е, без оглед на тоа што го работиш да си искрен со себе и своите емоции, оти делото некогаш може да те награди, а некогаш – да те нагрди. “
За творештвото и влијанието на времето во кое живееме Маркоска е децидна:
„Па книгава се вика „Црни дупки во нас“, поочигледно, здравје... Претходната поетска книга е насловена „Стрмоглаво кон височините“, а книгата раскази - „Вител во Витлеем“. Бидејќи по насловот не се суди за делото, еве малку посликовито и поверодостојно, со стих, ќе ви доловам колку времево во кое живеам се очитува во она што со пишувам...“
Не, јас не сум духовен учител, ти велам
Не ги знам Ведите и Упанишадите
Не ги знам Шастрите и Сутрите
Не ги знам Кабалата и Светото Писмо
Не ги знам Тората и Куранот
Само знам дека на овој свет
Само ние сме Кутрите
Само ние сме Курбанот
(од Песната Студии на животот, од книгата „Црни дупки во нас“)
Да имавме доблест колку дрскост
не ќе се стесневме во сопствените чаури
Да беа далгите – тундри
Ѕверови пак ќе бевме – ама не притаени
(Од песна петта, од книгата „Стрмоглаво кон височините“)
Елизи нови шепотат љубов
во овој испоснички храм
Едикојси измислуваат богови
во оваа мала штавена почва
Eli, Eli lama sabachtani? (Од песна седма, „Стрмоглаво кон височините“)
И, конечно за мултимедијалноста на нејзините промоции на книжевните објави уметницата со појаснување.
„Долги години пловев во музичките води, а сакав да ги искористам и моите искуства како музички илустратор... На овој начин ја имам можноста да се претставам не само како писател/поет, туку како комплетен автор: интепретатор, музички и видео илустратор.... Голем предизвик е да се постават поетски стихови на сцена бидејќи тие добиваат подобра комуникација со публиката. Одеднаш тој интимен чин на читање на поезијата станува јавен со што се нуди поголема асоцијативна дофатливост на нејзините значења и се буди имагинацијата кај гледачите. И, иако, најпосле ќе го споменам, можеби е и најважно - публиката е презаситена од класични промоции, а ги има премногу на годишно ниво... Мултимедијалноста бара ангажирање на сите сетила на гледачите со што ги држи во постојана когнитивна и емотивна напнатост.“
А, кон ова писание и уште неколку информации повеќе за поблиско запознавање со Марта Маркоска.
Родена 1981 година, таа дипломирала на Катедрата за Општа и компаративна книжевност, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а магистрирала на Интердисциплинарните културолошки студии во книжевноста, при Институтот за македонска литература.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија и зад себе има седум авторски книги:
„Црни дупки во нас“ (2014), „Култура и меморија“ - културолошки студии (2014), „Расправа за Зен будизмот -религиско-филозофски трансцеденции помеѓу источната и западната мисла“ (Матица 2013), „Стрмоглаво кон височините“ (2012), збирката есеи „Хипер Хипотези“ (Институт за македонска литература – 2011), збирката раскази „Вител во Витлеем“ (Темплум 2010) и поетската збирка „Сите притоки се слеваат во моето корито“ (Темплум 2009).
Застапена е и во четири антологии : Антологија на младата македонска поезија:„Лирски Додекамерон“ (Струшки вечери на поезијата, 2012), Антологија на поезија и проза „Ветерот носи убаво време“ (Матица 2012), Антологија на македонскиот современ расказ (Феникс, 2012) и во Антологија на текстови посветени на градот Скопје - „Планета Скопје“ (Феникс, 2012).
Нејзините творби застапени се и во збирките Зборници на поезија и кратка проза на младите од просторите на поранешна Југославија, текстови објавувала и во повеќе научни списанија ( Спектар, Културен живот...), автор е и на бројни театарски и филмски рецензии во дневниот печат, музички илустратор на неколку документарни филмови, а зад себе има и два театарски мултимедијални перформанси.