Достапни линкови

„3 минути и 53 секунди“ од Берт Стајн – новела на пораснувањето


Со изложба на колажи од делото, музички сет со песни кои што го одбележале периодот од 1984 до 2004 година и со поставка на обвивки на македонската винилна рок историја, денеска во Младинскиот центар во Скопје, беше промовирана книгата „3 минути и 53 секунди“ од Берт Стајн. Станува збор за издание на „Готен“ и за една „анализа“ не само на музиката како рефлексија на општествените и политичките збиднувања во светот и кај нас, туку за една поширока општествено-културолошка анализа.

Според пребарувачот Google, 3 минути и 53 секунди е просечното траење на една модерна поп-песна, а веројатно толку време би му требало на еден читател да прочита еден расказ од книгава.

Како таква оваа книга е многу комуникативна со публиката затоа што сите ние нашето интелектуално созревање, нашиот раст, сме го постигнале преку музиката.
Роберт Алаѓозовски, книгоиздателство „Готен“,

Авторот на „3 минути и 53 секунди“, кој патем се крие зад псевдонимот Берт Стајн, всушност ја раскажува неговата лична историја на слушањето музика, пронижана со настани од локалното секојдневие и значајни светски настани кои го одбележале периодот од 1984-2004 година. Не станува збор за музички документ, туку за едно лично видување и искуство во светот на музиката изразено преку јазикот на литературата.

Роберт Алаѓозовски, од книгоиздателството „Готен“, вели дека ова на некој начин може да се смета како еден вид „билдунг роман, односно кратка новела за пораснувањето“. Тој појаснува дека со оглед на тоа што музиката од 1950-те наваму е некако главниот стожер преку кој младите комуницираат овој вид „за сентиментално автобиографизирање на сопственото израснување и сопственото интелектуално созревање“ е даден преку анализа на клучни песни или клучни музички случувања во одредена епоха.

„Како таква оваа книга е многу комуникативна со публиката затоа што сите ние нашето интелектуално созревање, нашиот раст, сме го постигнале преку музиката. Меѓутоа интересно е дека ние музиката ја примаме преку еден сетилен однос. Никогаш премногу не сме интелектуализирале, не сме анализирале зошто тие песни ни се драги. Јас сметам дека тоа е на пример најдобриот момент во оваа книга затоа што прави едни суптилни есеистички и реторички богати рефлексии зошто тие песни толку многу нам ни значат. И сега од тој естетско-емотивен сет поаѓа една интелектуална луцида за светот и едно соочување со траумите на сопственото израснување и на сопствената индивидуална судбина.“

Писателот, филмски критичар, радио и ТВ-водител Игор Анѓелков, пак, истакнува дека во македонската издавачка продукција реткост е некој низ призмата на поп културата да напише едно лично четиво во кое ќе говори за сето она што сме го живееле овде и сега или поточно две децении наназад. Тој дополнува дека Берт Стајн во „3 минути и 53 секунди“, освен што прави некаков пресек на најдобрите музики во периодот1984-2004 година, преку поп културата успева да наметне нешто свое , лично...и вели дека така дознаваме за авторовото минато - од детството во Сараево, па се до неговото преселување и раснење во Скопје. За тоа дека писателот преку сопственото преиспитување успева да постави своевидна културна мапа на Скопје од крајот на 1980-те па наваму, на местата кои на сите нас многу ни значеле во минатото и кои делумно постојат и ден денес. Анѓелков потенцира дека тоа за него е главниот момент во оваа книга по чие читање веднаш му напишал писмо на авторот, а овој од своја страна му предложил да стане еден од промоторите на делото.

„Јас се надевам дека оваа книга и во иднина ќе биде инспиратор за сите млади луѓе кои сакаат да пишуваат за себе и за Скопје како град кој истовремено знае да биде прилично суров, но и прилично искрен во пристапот доколку и ти самиот така му пријдеш. Дека и во времето пред нас ќе имаме вакви изданија каде што ќе се пишува за Скопје како за град кој знае да понуди она што треба и како за град кој треба да се љуби.“

Згора на ова, Алаѓозовски знае да каже дека сето ова е направено низ еден мултидисциплинарен ангажман. Дека самото книжевно дело функционира на неколку нивоа, така што едно од нив е нивото на самата приказна која што е „и заводлива, потресна, емотивна и драматична“, потем следува музичкиот дел и конечно доаѓа визуелното ниво кое што се состои од низа на колажи каде авторот се обидел „како визуелен уметник да го долови духот на времето“.

„Еден од смелите експерименти што ја одбележува ова книга е и поигрувањето со авторството, повикувањето на анонимноста, создавањето на еден вид, што би рекле во жаргонот на Фејзбук, „лажен профил“, така што останува загатка за јавноста, меѓутоа и еден вид заведување на читателите, да се прашаме кој е авторот Берт Стајн, што бара тој во градов и како е поврзан со Скопје. Се разбира сето тоа ќе се разоткрие, се надевам за некого успешно за некого не, откако ќе се прочита книгата затоа што клучот е во самото дело. “

Издавачот дополнува дека е среќен што во последниве години со изданијата на „Темплум“, и еве сега со едициите на „Готен“, излегуват млади автори со свежи погледи на книжевноста и воопшто на експериментот како сеуште валиден жанр во рамките на книжевниот систем и на литературата.

Инаку, „Готен“ е непрофитна издавачка куќа којашто работи на интеграција и соработка на македонската книжевност со светскиот книжевен систем, преку преводи од други литератури на македонски, и преку превод и промоција на македонските автори на други јазици, преку промоција на книжевните автори и создавање на книжевни вредности, со ориентација кон културна анимација во рамките на целокупниот книжевен и културен систем.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG