Девет концерти на кои премиерно ќе прозвучат околу 40-на дела е суштината на програмата на 38-те Денови на македонска музика, единствениот фестивал кој ја промовира, афирмира и ја негува современата македонска класична музика.
Покрај македонските дела и исполнители и оваа година Фестивалот на своите сцени пречекува неколку реномирани уметници и ансамбли од Европа.Јана Андреевска, уметнички директор на Денови на македонска музика.
Манифестацијата, што како организатор ја попишува СОКОМ и која традиционално се случува на неколку сцени во градов, годинава ќе се одржи од 1 до 9 април и на љубителите на добриот звук, на новата музика, но и на традиционалните вредности, ќе им понуди можност да ги проследат најновите достигнувања на домашните музички творци од повеќе генерации и различни естетски определби, во изведба на македонски и странски уметници и ансамбли.
Ова е навистина убава програма. Пријатна за слушање. Гордо можам да кажам дека вчерашниот концерт во Словенечката филхармонија во Љубљана помина повеќе од добро.Јован Бисевски, директор на ДБМУЦ „Илија Николовски Луј“.
Според востановената традиција, на неа учество ќе земат националните установи Македонска филхармонија и МОБ, а свои перформанси во случајов ќе имаат и Мандолинскиот оркестар „Скопје“, Камерниот оркестар – Битола, како и Ансамблот за современа музика „КонТемпора“.
Во контекст, пак, на меѓународната афирмација на современата македонска музичка мисла, овој пат на Манифестацијата доаѓа Дувачкото трио на ансамблот „Aventure“ од Германија, чие гостување ќе биде реализирано со поддршка на Гете институтот од Скопје. Триото ќе изведе дела од македонски и странски композитори, а неговите членови ќе бидат и специјални гости на перформансот на ансамблот „КонТемпора“, каде под диригентство на Сашо Татарчевски, ќе се случат праизведбите (или ако милувате светските премиери) на „Книга на тајни“ за камерен оркестар и фиксен медиум на Дарија Андовска, „Марионети“ за камерен оркестар на Ана Пандевска и „Aegri somnia“ за флејта, фагот и пијано на Никола Димушевски.
Згора на тоа, во рамките на меѓународното претставување на ова издание на Фестивалот, публиката ќе има можност да го проследи и концертот на триото составено од канадската виолончелистка Емили Жирар – Шарест и белгиските пијанисти Жан Филип Колар-Невен и Жан-Лик Фафшам, кои покрај дела на македонските творци, ќе посегнат и по сопствените композиции.
„Деновите на македонска музика“ остануваат на линијата што беше зацртана во претходните години да го претстават најновото современо музичко творештво од речиси сите генерации творци. Покрај македонските дела и исполнители и оваа година Фестивалот на своите сцени пречекува неколку реномирани уметници и ансамбли од Европа. Ваквите гостувања се од драгоцено значење за одржување на реномето на манифестацијата и истовремено даваат увид во развојот на она што се случува во светот и нудат широка палета можности за културна размена и споредба на искуства“, вели Јана Андреевска, уметнички директор на Манифестацијата.
Таа, заедно со колегата композитор Панде Шахов го сторија одбирот на делата и изведувачите за годинешната програма. Инаку, 38-те „Денови на македонска музика“ свечено ќе бидат отворени оваа среда, во 19 часот, во Македонскиот народен театар со концертот на интернационалниот „Младински супер оркестар“. Станува збор за копродукциски проект на музичките училишта од Љубљана, Белград, Земун и Скопје. Оркестарот на својот трет последователен концерт, под диригентската палка на Јелена Шушљиќ, ќе изведе дела од словенечки, српски и македонски автори како Петар Коњовиќ, Алојз Среботњак, Глирор Смокварски и Сони Петровски.
„Ова е навистина убава програма. Пријатна за слушање. Гордо можам да кажам дека вчерашниот концерт во Словенечката филхармонија во Љубљана помина повеќе од добро. Учениците свиреа одлично и беа вратени неколку пати на бис. Не се сомневам дека публиката ќе биде презадоволна и од скопскиот концерт, кој ќе биде трет во оваа серија и по некоја логика разбирливо е што младите младите музичари ќе бидат разсвирени и најподготвени за изведба. Не се сомневам дека сите ќе уживаме во нивното музицирање“, истакнува Јован Бисевски, директор на ДБМУЦ „Илија Николовски Луј“.
Фестивалот и ова година на својот подиум ќе ги има младите композитори и студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а за крај на 38-то издание на Манифестацијата е предвиден концертот на Македонската филхармонија, која во својот редовен четврточен термин, под диригентската палка на гостинот Жолт Наѓ, ќе изведе дела од Властимир Николовски, Томислав Зографски, Вања Николовски-Џумар и Мирослав Спасов.
Во придружната програма предвидени се и неколку работилници со гостите на случувањето на Факултетот за музичка уметност, како и промоциите на најновите наслови на носачи на звук од продукцијата на СОКОМ, како и прогласувањето на неговите почесни членови.
Згора на ова, на една од концертните вечери, ќе бидат врачени и годишните традиционални награди на Сојузот на композиторите на Македонија. Наградата „Трајко Прокопиев“, која СОКОМ ја доделува за животно дело, оваа година ќе му биде доделена на композиторот Томе Манчев.
Наградата „Георги Божиков“, пак, која им се доделува на музички уметници и ансамбли за најуспешна јавна изведба на дела од македонски автори во текот на една календарска година, за 2014 година им припадна на Камерното дуо „Кировски“, како и на „Фрајбург перкашн ансамбл“ од Германија.
И, конечно, наградата „Панче Пешев“, највисокото професионално признание кое се доделува на музички творци и музички писатели со цел да се истакнат најзначајните музички достигнувања во областа на музичкото творештво и музикологијата во текот на една сезона, за минатата 2014, ја освои Тина Иванова – Бејков за книгата „Михајло Николовски – нашиот Папа Франк“, издание на Центарот за музикологија – ЦЕМ од Скопје.