Достапни линкови

Дуња Иванова со делa од Арво Перт во МОБ


Дуња Иванова, на 14 ноември од 19 часот, во салата „Империјал“ на Македонската опера и балет ќе одржи солистички концерт посветен на музиката за пијано на естонскиот авангарден композитор Арво Перт. На програмата се дела кои за прв пат ќе прозвучат на нашите концертни подиуми меѓу кои „За Алина“, „Варијации за закрепнување на Аринушка“, Музика за детски театар и други.

По рециталите во чест на творештвата на современи автори како Збигњев Прајснер, Филип Глас или Лудовико Енауди, м-р Дуња Иванова овој петок, во салата „Империјал“ на Македонската опера и балет, ќе одржи солистички концерт посветен на музиката за пијано на авангардниот Естонец и еден од највлијателните светски композитори Арво Перт.

Сметам дека е особено значаен затоа што во неговото творештво ја слушаме и традицијата и модерното. Значи, кога го слушаме Перт го слушаме и Бах, но и некоја авангарда која неизбешно се испреплетува низ партитурите.
Дуња Иванова, пијанистка.

Станува збор за автор на класична и религиозна музика кој уште од раните 1970-ти работи со минималистички стил кој се заснова на неговата композиторска техника „тинтинабули“. Неговото творештво е инспирирано од Грегоријанското пеење, а потписник е на бројни инструментални, оркестарски, вокални, хорски и солистички дела од кои најпознати се „Табула Раза“, „Кантус во сеќавање на Бенџамин Бритн“, „Колаж за Бах“, „Фратрес“, „Огледало во огледало“ и други.

Арво Перт е прогласен е за почесен композитор на фестивалот РТЕ во Даблин, Ирска (2008), добитник е на наградата„Греми“ за најдобра хорска изведба за делото „Тажна песна за Адам“ (2014) и е именуван за член на Понтификалниот совет за култура со петгодишен обновлив мандат од страна на папата Бенедикт Шеснаесетти (2011).

Навистина е тешко и неблагодарно да се зборува зошто јас тоа го правам и како го правам. Сепак, за мене е поважно музиката да излезе на виделина, да допре до публиката и сето тоа ме води кон мојата цел, така што верувам дека на крајот ќе си речам дека и ова ете не било страшно.
Дуња Иванова, пијанистка.

Од таму не чуди кога Иванова ќе рече дека тој подолго време е на нејзината листа на омилени автори на убава уметност и дека неодминливо било по Глас и Прајснер и нему да му оддаде посебно внимание со премиерна изведба на некои негови композиции на македонскиот музички подиум.

„Сметам дека е особено значаен затоа што во неговото творештво ја слушаме и традицијата и модерното. Значи, кога го слушаме Перт го слушаме и Бах, но и некоја авангарда која неизбешно се испреплетува низ партитурите. Во истовреме тој е и минималист, но неговите дела се исполнети со едни набиени емоции кои верувам дека и на концертот во петок ќе допрат до публиката. “

Пијанистката дополнува дека овој концерт за неа не бил само предизвик, туку од друга страна и огромна одговорност и затоа му се посветила безмалку цела една година. Вели дека настанот е дел од Годишната програма на Министерството за култура, дека е благодарна и на МОБ што и ја остапила салата „Империјал“ за ова случување, но дополнува дека сите останати пропратни работи, од изнаоѓање на партитури, преку техничка подготовка, до промотивните активности морала да ги заврши самата.

„Навистина е тешко и неблагодарно да се зборува зошто јас тоа го правам и како го правам. Сепак, за мене е поважно музиката да излезе на виделина, да допре до публиката и сето тоа ме води кон мојата цел, така што верувам дека на крајот ќе си речам дека и ова ете не било страшно. “

Родена 1985 година, Дуња Иванова е магистер по пијано и докторант на Филозофскиот факултет во Скопје. Досега настапувала на безмалку сите значајни културни настани и фестивали во земјава како „Охридско лето“, „Денови на македонска музика“, „Музика вива“, „Денови на полската култура во Македонија“, „Браќа Манаки“ ... а музицирала и со Оркестарот на Музичката младина на Македонија.

Со програма главно од творештвото на современите македонски композитори била учесник и на фестивалот „Сараевска зима“ во Босна и Херцеговина, а посебно бележити се нејзините перформанси одржани во Њујорк, во САД, и во Градот на уметноста – Париз, Франција.

Таа е автор на книгата „Естетското доживување на музиката“ (2010) и на публикациите „Мултиапликативната примена на музиката во воспитно-образовниот процес кај децата“ (2010) и ,,Децата и музиката во виртуелната реалност“ (2012).

Говорејќи за својата определба да посега по музиките на Филип Глас, Прајснер или Арво Перт...генерално на авангардните творци кои се чини дека не се во фокусот на повеќемина репродуктивни уметници кај нас, Иванова забележува дека тоа е прашање на сопствениот вкус и дополнува дека она што некаде можеби е „авангарда“, на други места, во Њујорк на пример, може да биде третирано како „комерцијалната музика“.

„Мислам дека тоа сепак е работа на сопствениот вкус, на личната определна, на она што самите музичари го слушаат дома. Односно, дел од нив се концентрирани само на класиката, дел од нив практикуваат по нешто и од современото творештво, но навистина на нашата сцена недостасува промоција на вакви композитори кои во светот и тоа како се изведувани и почитувани.“

Инаку, иако не сака предвреме да зборува м-р Дуња Иванова за следната година подготвува нов проект кој се базира на творештвото на една современа, млада и прогресивна македонска композиторка.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG