Достапни линкови

Марјан Јанкоски и Портал со православна музика на Скопско лето


Радост моја, Христос воскресе!!! е насловен концертот, што во рамките на Скопско лето 2014, овој понеделник, на 21 јули, во 20:30 часот, на Платото пред црквата „Света Богородица“, ќе го изведат Марјан Јанкоски и неговиот состав „ПОРТАЛ“. Станува збор за премиерно претставување на овој авторски проектот чија заложба е да бидат зачувани некои мелодиски линии во православната музика.

Нема поубав наслов од дадениот и наслов кој што би бил поинспиративен за еден автор кој се стреми кон зачувување на одредени мелодиски линии што имаат подлабоко значење во православната музика – вели професорот и мајстор на народни инструменти Марјан Јанкоски, во пресрет на концертот „Радост моја, Христос воскресе!!!“, што со својот состав „ПОРТАЛ“, премиерно ќе го претстави на Платото пред црквата „Света Богородица“ во рамките на актуелното Скопско лето.

Мене зборовите на големиот руски подвижник Св. Серафим Саровски ми беа идеја водилка. Тој всушност му се обраќал на секој еден посетител кој му приоѓал во Саровската пустина со зборовите „Радост моја, Христос воскресе!!!
Марјан Јанкоски, музичар.

Тој дополнува дека пред да дојде до него поминал пеш еден пат на проучување на бројна литература од православието и дека самиот се обидел заштитувајќи ја таа традиција да внесе одреден авторизиран пристап.

Полека, полека да ја вметнеме таа вечно позитивна енергија што ја даваат самите композиции. Да бидат поблиски до народот, да ја смират малце душата, да избегаме од она што се нарекува секојдневие.
Марјан Јанкоски, музичар.

„Мене зборовите на големиот руски подвижник Св. Серафим Саровски ми беа идеја водилка. Тој всушност му се обраќал на секој еден посетител кој му приоѓал во Саровската пустина со зборовите „Радост моја, Христос воскресе!!!“. И, во ова тмурно време, кога човек така говори и дава радост, дава љубов, на некој начин е и вистинска револуција бидејќи гледаме и свесни сме колку е денеска љубовта оладена кај луѓето. Па на некој начин си зедов за право, како уметник инспириран од неговиот начин на живот, неговиот однос кон човекот како ближен свој да се поставам и јас со тоа што како тематика ќе го земам житието, односно евангелските прикажувања на животот и активностите на нашиот Господ и Спасител Исус Христос“, вели тој.

Јанкоски дополнува дека во реализацијата на проектот од огромна важност била соработката со Елена Владимирова, псалт во манастирите во Македонија. Покрај неа, како вокалистка и виолинистка, во „ПОРТАЛ“ се и Ангеле Михајловски (пијано), Сашко Петрев (тамбура), Иле Колев (кларинет) Драгана Трифуновиќ (виолина), Златко Панов (виола) и Стојанче Наумовски (виолончело).

Пригодните текстови на оваа вечер на православна музика ќе ги говори актерот на Штипскиот театар Раде Рогожаров, а уметникот не заборава да потенцира дека тие концептот го потпираат на благо отстапување од авторството нудејќи и сопствено видување на изворните византиски напеви.

„Полека, полека да ја вметнеме таа вечно позитивна енергија што ја даваат самите композиции. Да бидат поблиски до народот, да ја смират малце душата, да избегаме од она што се нарекува секојдневие. Секојдневието си носи тензии, притисоци, а овие проекти за кои сметам дека се и ретки во овој поглед, на некој начин, можат да бидат и само поттик за оние кој што сакаат да продолжат по овој пат да творат или да уживаат во музиката“, вели Јанкоски.

Роден 1979 година во Вевчани, Марјан Јанкоски своето музичко образование го започнал во ДСМУ во Битола, а додипломски и постдипломски студии завршил на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професор Драган Даутовски. Како изведувач на народни инструменти, Јанкоски настапувал на најреномираните музички фестивали во земјава како „Охридско лето“, „Денови на македонска музика“, „Есенски музички свечености“ и соработувал со познати композитори меѓу кои и Властимир Николовски, Стојан Стојков, Гоце Коларовски, Запро Запров и други. Свирел со Македонската филхармонија, ансамблот на МОБ, камерниот оркестар „Света Софија“ и концертрирал во соседните Грција, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Словенија и во Италија.

Како автор на музика, тој пишува дела за соло инструмент, камерна музика и творби за симфониски оркестар. Неговите композиции се изведувани скоро на сите домашни фестивали, а од особено значење е и неговото творештво во рамките на музичкиот состав „ПОРТАЛ“, што Јанковски, со дузина професионални музичари, го оформил во 2002 година. Станува збор дружина која се обидува да ја истражи врската помеѓу уметничкото и традиционалното, односно да креира симбиоза помеѓу навидум неспоивите стилови и правци кои се карактеристични од една страна за постојната инструментална музичка традиција, па преку православната (византиска) музика да допре до класиката.

Инаку, Јанковски, кој сега е професор по народни инструменти на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, покрај делото за камерен оркестар „Радост моја, Христос воскресе!!!“, автор е и на уште еден голем заокружен музички проект. Тој е потписник и на заглавието „Песни на Вевчанската душа“ во кое се поместени негови разработки на народни песни од тој крај за голем камерен оркестар и кои допрва, во својот полн сјај, ќе ѝ бидат претставени на македонската културна јавност.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG