Настапот на Светските хорски игри „Рига 2014“, или попознати како Хорска олимпијада, за нас од „Св. Злата Мегленска“ претставува најголем предизвик досега од самото постоење на хорот, а во исто време е и огромна чест и задоволство што како единствен претставник од Македонија ќе и ја понуди на публиката нашата култура во целиот нејзин традиционален раскош во црковната, световната и фолклорната хорска музика. Во исто време чувствуваме и огромна одговорност што на светот ќе му презентираме композиции кои му припаѓаат на опусот од нашите, македонски автори.
Во дел од програмата Хорот ќе игра и ќе свири на инструменти. Што значи тоа? Значи дека ја напуштаме онаа стереотипна форма на статичност на хорот. Сакаме што посликовито да му кажеме на светот дека македонската музика, независно дали е тоа вокална, вокално-инструментална или хорска, изобилува со неверојатна ритмичност и мелодичност.Летка Димовска – Полизова, диригентка на женскиот хор „Св. Злата Мегленска“.
Вака диригентката Летка Димовска – Полизова ќе го започне своето кажување во пресрет на патувањето на Женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“ во Рига, годинашната европска културна метропола, каде македонските хористки се директни учеснички во големото финале или на натпреварот на меѓународни искусни хорови кој започна синоќа со Големата парада на нациите којашто се одржа во центарот на летонската метропола.
Нормално дека очекуваме и ќе се трудиме да го дадеме максимумот од нас за да едноставно му кажеме на светот дека во Македонија, иако мала земја по број на жители, имаме навистина голема музичка култура и богата хорска традиција.Летка Димовска – Полизова, диригентка на женскиот хор „Св. Злата Мегленска“.
Таа појаснува дека, согласно пропозициите на организаторот, тие се определиле да подготват програма со комплексни дела при што од македонските автори посегнале по творбите на композиторите како Тодор Скаловски, Стојан Стојков, Александар Лековски, Драган Шуплевски и Запро Запров, а од светските земени се композиции на автори како Орландо ди Ласо, Лајош Бардош, Михаил Иванов, Артемиј Ведел и Франц Библ. Притоа, како што вели, го напуштаат класичниот перформанс и својот настап пред пробирливата публика го збогатуваат со музицирање на инструменти и со кореографии.
„Во дел од програмата Хорот ќе игра и ќе свири на инструменти. Што значи тоа? Значи дека ја напуштаме онаа стереотипна форма на статичност на хорот. Сакаме што посликовито да му кажеме на светот дека македонската музика, независно дали е тоа вокална, вокално-инструментална или хорска, изобилува со неверојатна ритмичност и мелодичност“, вели Димовска – Полизова.
Првиот настап на македонските хористки ќе биде денеска во црквата „Свети Петар“, изградена во 13 век и една од најубавите во балтичкиот регион.
Тие во категоријата црковна (акапела) музика настапуваат во конкуренција од 36 хорови од Русија, САД, Германија, Кина, Шведска, Летонија, Јужна Африка, Венецуела и Романија, потоа на 17 јули се натпреваруваат со световна музика каде за награда ќе се борат 34 ансамбли и ден потоа ќе биде настапот со фолклорна музика каде што има 38 претставници од разни земји во светот.
„Нормално дека очекуваме и ќе се трудиме да го дадеме максимумот од нас за да едноставно му кажеме на светот дека во Македонија, иако мала земја по број на жители, имаме навистина голема музичка култура и богата хорска традиција“, вели диригентката.
Инаку, „Светските хорски игри“ за Женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“ ќе биде 18-та по ред голема светска културна манифестација на која учествувал. Од овие патувања нашите хористки досега во земјава имаат донесено 24 награди во повеќе категории и тоа: четири Гран-при, 9 златни медали, седум сребра, три бронзи, како и голем број други значајни признанија.
Конечно, не треба да се заборави дека на оваа Хорска олимпијада ќе се претстават 460 хорски ансамбли, што подразбира дека од 9 до 19 јули, на сцените во Рига, ќе продефилираат 27 илјади хористи од дури 78 земји во светот.