Достапни линкови

Триумф на Женскиот младински хор на првите Хорски европски игри


Женскиот младински хор при Младинскиот културен центар од Скопје, од Првите хорски европски игри што се одржаа во Грац, Австрија се врати со две големи награди. Девојките и нивниот диригент Сашо Татарчевски го освоија првото место во категоријата на женски хорови и добија сребрен медал за својата интерпретација со што успешно ја продолжија својата мисија за промоција на нашето хорско пеење и македонската култура во светот.

Со освоено прво место во својата категорија и сребрен медал во конкуренција од 72 хора од 34 земји на штотуку завршените Први хорски европски игри што се одржаа во Грац, Австрија, Женскиот младински хор при Домот на младите од Скопје ја продолжува својата богата жетва на награди и признанија на големите и респектабилни музички манифестации на Стариот континент.
Мене најважно ми е кога одиме по натпреварите да се претставиме во вистинско светло, да си ја претставиме својата земја и култура, да се претставиме себе си како ансамбл и тоа овој пат јас кој постојано имам забелешки на нешто морам да признам дека многу успешно го направивме.
Сашо Татарчевски, диригент.

Диригентот Сашо Татарчевски вели дека ним им било предизвик конечно да учествуваат на еден од настаните кој ги организира „Интеркултур“, организацијата која вообичаено потпишува само големи хорски настани и чии концерти се многу посетени. Ова дотолку повеќе што манифестацијата се обистини во Грац, во концертни сали, како што забележува, во кои „е задоволство да се пее затоа што се работи за навистина инспиративни простори“.

На концертите кои што не беа за натпревар, 90 отсто од програмата се македонски автори и тоа е она што е најинтересно за публиката надвор од Македонија бидејќи ние можеме да ги пееме нивните композитори кои што тие ги имаат слушано, да нè пофалат за изведбата, меѓутоа она што за нив е возбудливо е тоа што ние го носиме од кај нас и секако поткрепено со квалитетна изведба. Ете тоа остава посебен впечаток и го прави или менува мислењето за нашата култура.
Сашо Татарчевски, диригент.
„Мене најважно ми е кога одиме по натпреварите да се претставиме во вистинско светло, да си ја претставиме својата земја и култура, да се претставиме себе си како ансамбл и тоа овој пат јас кој постојано имам забелешки на нешто морам да признам дека многу успешно го направивме“, вели Татарчевски.

Хорот, покрај концертот во официјална конкуренција кој се одржал во најубавата сала во Грац во која што често настапуваат големи светски музички имиња, имал уште два настапи во градот и околината и на нив главно изведувал музика од македонските творци.

„На концертите кои што не беа за натпревар, 90 отсто од програмата се македонски автори и тоа е она што е најинтересно за публиката надвор од Македонија бидејќи ние можеме да ги пееме нивните композитори кои што тие ги имаат слушано, да нè пофалат за изведбата, меѓутоа она што за нив е возбудливо е тоа што ние го носиме од кај нас и секако поткрепено со квалитетна изведба. Ете тоа остава посебен впечаток и го прави или менува мислењето за нашата култура“, вели Татарчевски.

Тој потенцира дека ваквите резултати на нашите хорски ансамбли по светот одат во прилог на неговата теза дека македонското хорско пеење полека излегло од својот природен периодот на криза и дека и сега, кога, иако условите за делување сепак не се идеални, тргнало по нагорна линија.

„Веројатно ние, пак, така и подобро функционираме кога ќе треба да нè фати инает за да нешто го реализираме иако ги немаме потребните средства, потребните услови и можеби е тоа она што не тера секогаш напред. Последниве две три години повторно во подем е хорската уметност кај нас, иако тука дома сè уште не се чувствува тоа, меѓутоа со успесите еве кои ги правиме надвор од Република Македонија, но и со концертите кои овде се одржуваат многу почесто и од повеќе ансамбли, мислам дека хорската уметност наново почнува да се движи по една нагорна линија што е во ред, бидејќи кога станува збор за уметничкиот дел од музиката кај нас тоа е основата. Токму преку хорските композиции првите образувани македонски композитори ја изразувале својата музичка мисла. И секако тоа во себе го носело фолклорниот идиом и од тоа не може да се избега“, вели Татарчевски.

Диригентот дополнува дека затоа сега гласно ја прокламираат својата заложба да ги инспирираат помладите композитори да ѝ се вратат на таа традиција на пишување на хорска музика. Вели дека и на ова поле имаат успех наведувајќи дека со Женскиот младински хор веќе имале неколку праизведби на современи композиции, а истото тоа е бележито и за професионалниот хор „Проартс“ кој е формиран токму со идеја да ги инспирира македонските композитори да пишуваат музика за хорски ансамбли.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG