Достапни линкови

37-те Денови на македонска музика – промотор на современата композиторска мисла


Со изведби од над 70 дела, неколку работилници и со промоција на „Звучна имерзија“, првиот фестивал на електро-акустична музика и медиумски уметности, на неколку сцени во Скопје, од 3 до 14 април, ќе се одржат 37-те Денови на македонска музика, манифестацијата која што го чествува современото домашно творештво и која што како организатор ја потпишува Сојузот на композиторите на Македонија.

Триесет и седмите Денови на македонска музика, манифестацијата која во целост е посветена на најновите дострели на домашната композиторска мисла, свечено ќе бидат отворени со четири клавирски концерти.
Во рамки на манифестацијата оваа година малку повеќе простор е посветен на електронскста, електро-акустичната и аудио-визуелната уметност.
Јана Андреевска, композитор.


Во Македонската опера и балет, овој четврток, на 3 април, од 20 часот, ќе се случат праизведбите на делата на Александар Џамбазов ( „Рапсодија за Скопје“), Панде Шахов и Фатос Лумани и по цели 26 години љубителите на современото творештво, по втор пат, ќе можат да го проследат и Концертот за пијано и симфониски оркестар на Гоце Коларовски. Со Македонската филхармонија ќе диригира маестро Томас Херцог од Швајцарија, а солисти ќе бидат Дино Имери, Хајди Елсезер, Шкељзен Бафтијари и Елена Мисиркова.
Томас Херцог, диригент од Швајцарија.
Томас Херцог, диригент од Швајцарија.


Во наредните денови, главно во Музеј на град Скопје, следуваат настапите на Солистите на ансамблот за современа музика при Државната филхармонија од Свердловск – Русија, прочуениот Ансамбл на перкусии од Фрајбург – Германија, концертот на студентите од Факултетот за музичка уметност, па оној насловен како „Made in Macedonia“ на кој е планирано да бидат претставени дела на Благој Цанев, Александар Пејовски, Американецот Дејв Вилсон, Дамјан Темков, Михаило Трандафиловски, Михајло Штерјев и Гоце Симоновски, потем и вокалниот перформанс „Кантатисимо“, вечерта на млади композитори и конечно концертот на Дувачкиот оркестар на АРМ со Сашо Татарчевски како диригент и американскиот сакасафонист Стив Теми како солист.
Прво на програмата ќе биде светската премиера на „Елиорб 76“ од Драгослав Ортаков, компонирана 1976 година, дело за кое се верува дека е првата македонска електронска композиција.
Роберт Саздов, композитор и професор.


„Фестивалот ја задржува својата постојна концепција со извесни дополнувања или, може да се каже, уште поголем развој на одредени сегменти кои што беа најавени во претходните години. Во рамки на манифестацијата оваа година малку повеќе простор е посветен на електронскста, електро-акустичната и аудио-визуелната уметност“, вели Јана Андреевска, композиторка и заедно со Сони Петровски и Дарија Андовска членови на Уметничкиот совет и креатори на програмата.


Од друга страна, она што на овие Денови на македонска музика, им дава особено значење е фактот што во рамките на манифестацијата, од 4 до 6 април, ќе се одржи и првото издание на „Звучна имерзија“ - фестивалот на медиумски уметности зад чиј концепт и промотивна програма застана композиторот и професор Роберт Саздов.

Тој вели дека на ова случување ќе се најдат дела на композитори од Австралија, Англија, САД, Аргентина, Канада, Чиле, Холандија, Србија и од Македонија и дека тие како организатори тежнеат кон претставување на творбите на авторите победници на меѓународните натпревари на овој музички правец. Говорејќи за почетокот на случувањата на тродневниот фестивал во фестивал, кој патем ќе започне во петок, на 4 април, од 18 часот во Музејот на македонската борба, Саздов истакнува дека тоа ќе помине во знакот на две премиери.

„Прво на програмата ќе биде светската премиера на „Елиорб 76“ од Драгослав Ортаков, компонирана 1976 година, дело за кое се верува дека е првата македонска електронска композиција. Потем следува и македонската премиера на „Macedonian Airdrumming“ од американскиот композитор Нил Ролник, напишана 1990 година и инспирирана од македонската музичка култура.“

Инаку, СОКОМ, во пресрет на актуелното издание на манифестацијата, ги соопшти и имињата на добитниците на своите традиционални награди.

Наградата „Трајко Прокопиев“ за животно дело му припадна на музикологот и композитор д-р Јане Коџабашија, наградата „Панче Пешев“ за најдобро премиерно изведено дело ќе ја добие композиторот Љубомир Бранѓолица за балетот „Александар III Македонски“, кој лани беше премиерно изведен токму на ДММ, а наградата „Георги Божиков“ за најуспешна јавна изведба на дела од македонски композитори ќе има три добитници: диригентот м-р Сашо Татарчевски (за континуирана изведба на дела од македонски композитори во 2013-та), Македонската опера и балет (за премиерата на балетот „Александар III Македонски“) и Камерниот ансамбл од Австрија „Ensemble Reconsil Vienna“ за континуирана изведба на творби од македонските автори.

Признанијата ќе им бидат врачени на 14 април во МОБ, непосредно пред затворањето на 37-те Денови на македонска музика.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG